Nissan го претстави новиот e-Power хибрид: помала потрошувачка, поголема моќност и досег до 1.200 км
Новиот Nissan e-Power систем нуди 205 КС, потрошувачка од 4,5 л/100 км и досег до 1.200 км, ќе дебитира со Qashqai во септември 2025.

Хибридните возила сè повеќе се наметнуваат како идеален компромис помеѓу бензинските и електричните погони, а Nissan продолжува да го усовршува својот само-полнечки хибриден систем e-Power. Најновата, третата генерација, дебитира во европската верзија на Qashqai, но наскоро ќе биде вградена и во следната генерација на американскиот Rogue, како и во јапонскиот Elgrand.
Поефикасен и порафиниран систем
Новата верзија на Qashqai e-Power бележи значително подобрување во потрошувачката – според WLTP мерењата, троши само 4,5 литри на 100 км, што претставува напредок во однос на претходните 5,3 литри. Благодарение на тоа, SUV моделот може да помине до 1.200 км со едно полнење на резервоарот, додека реалниот досег и натаму надминува 1.000 км. И CO₂ емисиите се намалени – од 116 на 102 g/km.
Во срцето на системот се наоѓа нов 1.5-литарски бензински мотор со поголем турбополнач, кој не ги задвижува директно тркалата, туку служи како генератор за електромоторот и батеријата од 2,1 kWh. Овој концепт, поддржан со регенеративно сопирање, овозможува брза, тивка и рамномерна испорака на моќност – искуство слично на возење ЕВ.
Сите компоненти – моторот, генераторот, инверторот и редукторот – се сместени во компактен и лесен модул за подобра ефикасност и практичност.
Повеќе сила, помалку вибрации и помалку одржување
Инженерите на Nissan успеале да ги намалат бучавата и вибрациите во кабината, особено при поголем напор. Севкупната моќност е зголемена на 205 КС, а во Sport режимот возачот добива дополнителен boost од 13 КС.
Дополнителна придобивка е продолжениот сервисен интервал – сега наместо на 15.000, сервисот ќе се прави на 20.000 километри, што значи поретки и поекономични посети на сервис.
Европска премиера во 2025, глобална експанзија по тоа
Новата генерација на Qashqai e-Power ќе се произведува во фабриката на Nissan во Сандерленд, Велика Британија, со продажба во Европа од септември 2025 година. Подоцна ќе се појави и на пазарите во Африка и Океанија.
Истата хибридна платформа ќе се користи во новиот Nissan Rogue, кој ќе дебитира во САД до крајот на фискалната 2026 година, како и во новата генерација на Elgrand миниванот за јапонскиот пазар.