fbpx

Nissan најави нов електричен кросовер

Автомобилскиот производител Nissan со тизер фотографии го најави новиот електричен кросовер како дел од инвестицијата вредна 1 милијарда фунти

Откако го освежи поголемиот дел од својата постава, Nissan сега се насочува кон проширување на своето портфолио со додавање на нов целосно електричен автомобил во поставата. Овој модел се уште нема свое име, но познато е дека ќе биде кросовер и ќе биде дел од ЕВ инвестицијата на компанијата вредна 1 милијарда фунти.

Дел од оваа инвестиција е и изградба на EV Hub во Сандерленд, Велика Британија, заедно со новиот погон за производство на батерии на Envision AESC. На ова место ќе се произведува и целосно новиот електричен кросовер за глобалниот пазар. Планот EV36Zero пристигнува на 35-годишнината од фабриката на Nissan во Сандерленд, а целта е создавање на првиот ЕВ производствен екосистем кој ќе и овозможи на јапонската компанија да се насочи кон карбонската неутралност.

Новиот електричен кросовер ќе биде поставен на CMF-EV платформата која ќе ја споделува со Ariya и престојниот Megane електричен кросовер. На годишно ниво ќе се произведуваат 100.000 единици од неименуваниот ЕВ, а ќе бидат извезувани на истите европски пазари како и останатите модели кои Nissan ги произведува во Сандерленд, како Juke, Qashqai, Leaf…

Nissan

Нова генерација на батерии

Со оглед на тоа дека Nissan спомена дека престојниот електричен кросовер ќе биде глобален модел, тоа значи дека постојат планови да се произведува овој модел и на друго место, но останатите производствени локации ќе бидат откриени подоцна.

Она што е познато во врска со кросоверот во моментов е дека истиот ќе ги добие батериите од новата генерација, а тоа треба да резултира со поголем опсег на движење. Батериите ќе се произведуваат во новата гигафабрика лоцирана до погонот во Сандерленд, а ќе биде овозможена од инвестицијата вредна 450 милиони фунти од страна на Envision AESC, кој пак е заеднички потфат на Nissan и NEC.

Инаку, тизерот кој го објави Nissan прикажува концептен автомобил наместо продукциски модел, пред се поради тоа што истиот нема рачки на вратите и има камери наместо традиционални ретровизори. Слично како и Ariya, се одликува со опаѓачка покривна линија и масивни тркала, но предните и задните светла имаат значително различен дизајн.

 

Поврзани вести

Back to top button