Nissan зема замав – Сите нови модели доаѓаат до 2027
Nissan на најдобриот можен начин ќе се справува со кризата, лансирајќи низа на целосно нови и редизајнирани модели на светскиот пазар

Јапонскиот производител Nissan се соочува со бројни предизвици, како што е промена на менаџментот и оставка на извршниот директор. Сепак, компанијата на најдобар можен начин сака да се врати во врвот и планира целосно да ја ревитализира својата понуда до 2027 година, претставувајќи нови генерации на возила со бензински, хибридни, plug-in хибридни и електрични погонски единици.
Електричниот Leaf станува кросовер со поголем досег
Еден од најважните модели ќе биде новата генерација на Nissan Leaf, кој ќе премине од хечбек во модерен кросовер. Изграден на платформата CMF-EV од моделот Ariya, новиот Leaf ќе има подобрена автономија и ќе биде првиот Nissan со Tesla NACS порт за брзо полнење. Овој модел ќе биде достапен во Северна Америка, Европа, Јапонија и Австралија.
Освежени X-Trail (Rogue) и Pathfinder, нов Sentra и електричен SUV
Nissan X-Trail (Rogue) ќе добие надградени погонски единици – бензински, хибриден и plug-in хибриден мотор (PHEV). Plug-in верзијата на X-Trail ќе биде базирана на Mitsubishi Outlander, користејќи ја соработката на алијансата Renault-Mitsubishi-Nissan. Моделот Pathfinder, пак, ќе добие фејслифт и нов преден дел.
Nissan исто така ќе претстави редизајниран Sentra со модерни и динамични линии, како и нов електричен SUV фокусиран на авантуристички возачи, кој ќе се произведува во САД од 2027 година.
Нови електрични модели за Европа
Во Европа ќе пристигне долгоочекуваната целосно електрична верзија на Micra, базирана на Renault R5 E-Tech. Дополнително, ќе биде претставена и електричната верзија на компактниот кросовер Juke, инспирирана од концептот Hyper Punk.
Популарниот Nissan Qashqai ќе добие нова генерација на e-Power хибриден погон, со подобра ефикасност и помали емисии.
Nissan Navara за Латинска Америка и нов пикап за Австралија
Nissan ќе ја претстави новата генерација на пикапот Navara/Frontier во 2026 година, ексклузивно за пазарот во Латинска Америка. Исто така, во Австралија ќе биде понуден сосема нов еднотонски пикап, базиран на Mitsubishi Triton.
Нови модели за Индија и Африка
Nissan ќе лансира нов кросовер миниван во Индија во 2025 година, произведуван во фабриката во Ченаи. Следната година, ќе пристигне и нов SUV базиран на Dacia/Renault Duster. Паралелно, за одбрани африкански пазари ќе биде претставен и посебен петосед SUV.
Новитети за домашниот јапонски пазар
Во Јапонија, Nissan ќе лансира освежена верзија на својот популарен kei автомобил во 2025 година, а во 2026 година и нова генерација на голем миниван со најновиот хибриден погон.
Извршниот директор за планирање и иден CEO, Иван Еспиноса, изјави дека Nissan во следните две години ќе претстави впечатлива линија на возила, кои ќе донесат нови нивоа на ефикасност, перформанси и задоволство за возачите ширум светот.