fbpx

Новата F1 сезона започна драматично, но и контроверзно

Со трката за Големата награда на Бахраин на патеката „Шакир“ започна најновата сезона во Formula 1, а сето тоа беше проследено со доста драма во финишот

Ако по утрото денот се познава, тогаш не очекува навистина возбудлива и интересна сезона во Formula 1. На крајот, ништо ново, Луис Хамилтон е победникот во првата трка од новата сезона во најбрзиот циркус на планетата, но далеку од тоа дека беше така лесно за Британецот кој триумфално тргна во походот по рекордната осма титула. За оние што не ја гледаа трката со самиот поглед на конечниот пласман веројатно ќе помислат дека не очекува уште една досадна сезона, особено откако Ферстапен стартуваше од првата позиција, а Хамилтон на крајот успеа да дојде до победата. Но, оние што ја гледаа, свесни се дека оваа сезона ќе имаме вистинска драма. Барем трката во „Шакир“ го навестува тоа.

Со години наназад гледавме досадни трки и брутално владеење на Луис Хамилтон, но по она што го видовме на Големата награда на Бахраин, на отворањето на 72-та сезона од F1, би можеле да очекуваме повеќе возбудувања. Точно е дека Хамилтон на крајот триумфираше на „Шакир“, но мораше добро да се испоти за да го совлада главниот предизвикувач Макс Ферстапен, а доказ за тоа е што возачот на Red Bull заостана само седум и пол десетинки зад пилотот на Mercedes.

Контроверзна одлука во финишот

Ферстапен покрај тоа што во квалификациите ја освои пол-позицијата, во воведниот дел од трката имаше предност, подоцна Хамилтон го престигна, но вистинската драма следуваше во завршните десетина кругови. Младиот Холанѓанец се впушти во потера на актуелниот шампион и на четири круга пред крајот успеа да го помине Британецот. Тоа го направи на тој начин што излезе од патеката, по што од боксот му препорачаа да му го препушти лидерското место на Хамилтон, односно да се врати на позицијата. Одоговорот на Хамилтон пристигна експресно, само 15 минути подоцна се врати на чело на колоната, а оваа контроверзна одлука предизвика реакции меѓу љубителите на Formula 1 затоа што и самиот ас на McLaren во текот на трката во неколку наврати ја напушташе патеката, но тој не попушташе. На крајот поради таа стекната предност Хамилтон прв мина низ целта.

По трката и самиот Макс Ферстапен беше незадоволен од одлуката на челниците и инструкциите на неговиот тим да му го препушти лидерското место на возачот на Mercedes. Беше јасно дека младиот Холанѓанец не е задоволен од одлуката на тимот и тоа јасно им го стави до знаење, сметајќи дека подобро ќе било да добие казна по трката, односно да добие шанса да стекне доволна предност со цел казната на крајот да не го собори на второто место.

Реакции од двете страни

„Зошто не ме оставивте да возам, можев лесно да ги надоместам тие пет секунди? Повеќе би сакал да ја загубев победата, отколку на ваков начин да останам втор“, изјави Ферстапен преку радио комуникацијата, а од тимот му одговорија дека таква инструкција добиле од контролорите на трката.

„Кога се доближив имав еден обид и да, излегов од патеката. Ја вратив позицијата и се обидов повторно, но тогаш моите пневматици не беа во доволно добра состојба и да издржат и да го извлечат тој притисок. Штета“, изјави младиот возач на Red Bull по трката.

За одличното издание на Ферстапен сведочат и зборовите на Луис Хамилтон, кој призна дека тешко ги одбивал нападите на возачот на Red Bull. Седумкратниот светски шампион на крајот успеа да испише нова историја во Formula 1 откако стана рекордер по бројот на кругови кои ги минал во водство.

„Ова беше тешка трка. Дефинитивно знаевме дека ќе биде тешко, но моравме да го следиме Макс, па одевме во бокс еден круг порано. Беа одлични цел викенд, па бевме свесни дека ќе ни треба фантастичен настап. Се обидувавме да најдеме вистинска рамнотежа, а не да го подигнуваме темпото премногу со цел да имаме пневматици за крајот на трката. Беше тешко, бидејќи Макс напаѓаше од сите страни, а на крајот успеав да ги одбијам тие напади. Ова беше една од најтешките трки во последно време. Многу сум им благодарен на луѓето од фабриката кои постојано работат на тоа да ги пробијат границите и никогаш не се откажуваат“, изјави Британецот по трката.

Возбудливо од почеток до крај

Со настапот во Бахреин, Британецот со победа тргна во напад на осмата круна светски првак, петта во низа, а во Бахреин ја забележа својата 96-та победа во кариерата.

На третата позиција заврши клупскиот колега на Хамилтон, Ботас, кој се чини дека возеше онолку колку што му беше потребно и неговото место не беше загрозено во текот на целата трка, со исклучок на самиот старт кога беше претекнат од Шарл Леклер. Финецот на крајот дојде и до дополнителен бод поради најбрз круг на патеката. Четвртото место му припадна на фантастичниот Ландо Норис од McLaren. Петтопласиран беше Перез, а по него следуваше возачот на Ferrari Шарл Леклер. Во Топ 10 завршија уште и Рикиардо, Сајнц, Цунода и Строл.

Но, покрај одличната борба за првото место, отворањето на сезоната беше одбележано и од неколку инциденти. Првиот беше виден веднаш по стартот, кога возачот на Haas, Никита Мазепин излета од патеката, а поради тоа мораше да излезе и безбедносното возило. По ова, возачот на Alfa Tauri Пјер Гасли остана без предното крило, а Мик Шумахер имаше и излетување од патеката. Покрај ова, на десетина круга пред крајот Себастијан Фетел направи грешка во првиот свиок и го удри Естебан Окон во болидот на Alpine, двајцата се испревртеа на патеката, но ја продолжија трката. Французинот на крајот заврши како 13-то пласиран, а четирикратниот светски шампион две позиции зад него. Повртаникот во F1, Фернандо Алонсо, остана без пласман поради проблеми со сопирачките, иако долго време беше меѓу првите 10.

Новата сезона од шампионатот во Formula 1 продолжува со Големата награда на Реџо Емилија на 18 април на патеката во Имола, Италија.

 

Поврзани вести

Back to top button