fbpx

РКЕ конечно ги објави цените – горивата драстично поскапуваат!

Регулаторната комисија за енергетика со задоцнување ја донесе својата најнова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати во нашата земја кои доживуваат драстичен скок

Согласно методологијата за утврдување на цените на горивата, РКЕ донесе одлука која ќе стапи во сила од ноќеска на полноќ. Она што не е никакво изненадување е дека горивата продолжуваат да поскапуваат, но ретко кој можеше со сигурност да претпостави дека поскапувањето ќе биде драстично.

Според најновата одлука на РКЕ, горивата поскапуваат за цели 10,21 проценти во однос на минатата недела. Во конкретни бројки, ова значи дека дизелот се зголемува за цели 10 денари, а бензините поскапуваат за пет и пол денари во однос на претходно.

Со други зборови, од ноќеска на полноќ Еуродизел ќе се точи по цена од 85,50 денари, литар Еуросупер БС-95 ќе чини 89,50 денари, а еден литар Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 91,50 денари.

Од РКЕ истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување кај бензинот за безмалку 11 проценти, а кај дизелот за за повеќе од 21 процент.

РКЕ ќе интервенира и на дневно ниво ако е потребно

Оваа одлука за драстично поскапување можеше да се претпостави, откако во текот на денешниот ден РКЕ одолговлекуваше да со објавувањето новите цени. Наместо тоа, се појави соопштение во кое се истакна дека и покрај константното поскапување на горивата, Македонија и понатаму е меѓу земјите со најниски цени на Балканот.

Од РКЕ истакнаа дека ќе носат одлуки и на дневно ниво доколку за такво нешто има потреба.

„Од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информираше Владата детално и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните. Нафтени деривати има во доволни количини, проблем е високата цена, но не само кај нас, туку во цела Европа“, изјави првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски.

Поврзани вести

Back to top button