fbpx

Одложено годинешното издание на 24 часа Ле Ман

Коронавирусот го погоди и спортот во Европа поради што голем број натпреварувања се стопирани, а најпознатите трки во автомото спортот се одложуваат и откажуваат

Организаторите на трката 24 часа Ле Ман, соопштија дека годинешното издание, кое е закажано за 13-14 јуни, се преместува за 19-20 септември. Одлуката е донесена во рамки со променливата здравствена ситуација врзана за коронавирусот и насоките кои ги дадоа тамошните власти. Рестрикциите во моментов се на сила во Франција и други земји ширум светот со цел да се редуцира ширењето на вирусот. Во согласност со тоа, Automobile Club de l’Ouest одлучи, заедно со FIA и WEC да ја одложи трката 24 часа Ле Ман.

Ова нема да биде прв пат трката да се одржи во септември наместо на лето, откако во 1968 година поради протести, штрајкови и граѓански немири во Франција, трката се одржа неколку месеци подоцна. Пјер Филон, претседателот на Automobile Club de l’Ouest изјави:

„Одложувањето на 24 часа Ле Ман е најприкладниот начин да продолжиме со оглед на актуелните околности. На прво место, апелирам до сите да избегнуваат да излегуваат и да се изложуваат на ризик себе и своите сакани, како и други луѓе. Најважна работа денес е да го запреме ширењето на вирусот. Нашите мисли се со медицинскиот персонал кој неуморно работи за доброто на сите нас. Одложувањето на 24 часа Ле Ман значи промени во WEC и ELMS календарите, а новите датуми ќе ги објавиме наскоро. Безбедноста и квалитетот на нашите настани нема да бидат компромитирани. Натпреварувачите, спонзорите, навивачите, медиумите, медицинските сервиси и организаторите, време е да се здружат, повеќе од било кога претходно“

Жерар Нуву, шефот на FIA WEC и ELMS додаде: „Тоа е вистинската одлука, да се одложи настанот поради актуелната ситуација. Во моментов работиме на ревидирање на календарот за остатокот од сезоната“.

Поврзани вести

Back to top button