Официјален тизер за Cupra Leon во пресрет на дебито

Новата Cupra Leon конечно ќе ја има својата светска премиера на 20 февруари годинава, а шпанскиот бренд ги соопшти првичните детали и го објави првиот тизер

Подготовките на новата генерација на Cupra Leon се речиси готови, а перформансниот бренд на Seat се подготвува за премиерата на новиот хот хеч. Презентацијата на автомобилот ќе се одржи на 20 февруари на инаугурацијата на Cupra Garage, додека јавното претставување ќе се случи на Саемот за автомобили во Женева, а во салоните се очекува да се појави на крајот на годинава.

Шпанскиот бренд за спортски автомобили, дел од VW семејството под „чадорот“ на Seat, ќе го претстави првиот Leon во историјата кој ќе го носи амблемот на Cupra како независен бренд. Возилото ќе пристигне како хечбек, но и во караванска верзија, а според информациите кои се достапни, ова најверојатно ќе бидат и производствените модели.

„Leon Cupra беше бестселер, со речиси 44.000 продадени единици во последната генерација“, вели Вејн Грифитс, извршниот директор на брендот. „Со лансирањето на новиот Cupra Leon, ќе го засилиме брендот Cupra, давајќи му нов идентитет на веќе препознатливиот автомобил. Новиот Leon е ‘Кралот на сите модели на Leon“.

Од компанијата исто така потврдуваат дека новиот перформансен Leon ќе стане првиот модел од серијата кој ќе биде достапен и со plug-in хибриден погон. Минатата година, Грифитс откри дека PHEV системот ќе комбинира 1,4-литарски турбо бензински мотор со електричен мотор за вкупна моќност од 241 КС.

„Развиен да стане референтна точка во сегментот“ новиот модел на Leon од Cupra ќе има корист не само од моќниот електрифициран мотор, туку исто така ќе добие и подобрувања во перформансите, вклучително и поцврст систем на потпирање, поголеми сопирачки и унапредено управување. Од шпанската компанија исто така истакнаа дека ќе го откријат и целосно електричниот тркачки автомобил Cupra e-Racer.

Поврзани вести

Back to top button