fbpx

Pininfarina и Ник Хајдфилд со завршни тестови на Battista

Automobili Pininfarina откри дека нивниот електричен хиперавтомобил Battista влегува во финалната фаза од развојот

Испораката на електричниот хиперавтомобил Pininfarina Battista е закажан за почетокот на следната година, а италијанската компанија откри дека моделот влегува во својата финална развојна фаза и во моментов се аплицираат завршните елементи на хиперавтомобилот. Поранешниот Formula 1 возач и тест пилот на Pininfarina, Ник Хајдфилд, исто така е вклучен во развојот, а неодамна доби можност да го тестира на патиштата и на тркачката патека.

Пред да се упати на патиштата, Battista мина низ калибрација користејќи илјадници километри софтверска симулација. Овој процес воглавно беше насочен кон возачките режими на електричниот хиперавтомобили и финото тјунирање на возачкото искуство под различните режими. Најмоќниот продукциски автомобил кој е произведен во Италија ќе нуди пет вакви опции – Pura, Calma, Energica, Furiosa и Carattere.

Pininfarina Battista

„Вистинска привилегија е да се игра улога во развојот на Battista, што претставува значителна еволуција во светот на хипер и луксузните автомобили. Од првиот пат кога ги искусив перформансите на Battista во 2019 година во напредниот симулатор, па се до денес на патиштата и патеката, верувам дека тимот на Automobili Pininfarina успешно разви уникатен хипер GT кој е неверојатно забавен, како и исклучително брз. Ефектот под забрзување е вистинско лудило, на возачите никогаш нема да им биде досадно, без оглед на тоа колку пати ќе го почувствуваат. Управливоста на отворените патишта, дури и на непредвидливи површини докажа дека Battista е прекрасно балансиран. Возачкиот квалитет и потпирањето се одлични, а управливоста делува природно и е совршен фит за она што сакаме да го достигнеме кај Battista“, изјави Ник Хајдфилд.

Спектакуларни бројки

Нема дилеми дека Battista е импресивен хиперавтомобил. Моделот се одликува со 120 kWh литиум-јонска батерија од Rimac која ги напојува четирите независни електромотори кои овозможуваат векторирање на максималниот вртежен момент на сите четири тркала.

Pininfarina Battista

Ваквата поставка резултира со спектакуларни бројки, со оглед на тоа дека хиперавтомобилот има максимална моќност од 1900 КС и 2.360 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на Battista да се „катапултира“ од место до „стотка“ за помалку од две секунди, додека спринтот до 300 километри на час го достигнува за 12 секунди. Максималната брзина изнесува 350 километри на час. Моделот може да помине до 500 километри со едно полнење, а ќе биде ограничен на 150 единици со почетна цена од 1,98 милиони евра.

Поврзани вести

Back to top button