fbpx

Потврден датумот за Салонот за автомобили во Париз

Организаторите на годинешното есенско издание на Салонот за автомобили во Париз ги потврдија датумите за одржување на манифестацијата

Иако ситуацијата не е баш најсјајна и во делови од светот се заоструваат мерките, реалноста е дека пандемијата на коронавирусот после две години полека се смирува. Во голем број држави мерките се драстично олабавени во однос на она што беше пред година или година и половина. Ова значи и дека автомобилските настани полека се враќаат на големата сцена, бидејќи се покажа дека на купувачите тие им недостасуваат. Пандемијата предизвика откажувања, одложувања, па и менување на форматите на традиционалните Салони, а меѓу нив беше и Салонот во Париз, кој се одржа на еден поинаков начин.

Најпрво, Ковид-19 ја откажа манифестацијата која требаше да се одржи во 2020 година, но се направи своевиден компромис кој беше наречен Фестивал на автомобили. Сепак, две години подоцна, како што стојат работите во моментов, повторно ќе имаме настан под името Mondial de l’Automobile. Од претходно се говореше за тоа дека концептот на манифестацијата ќе биде длабински преиспитан и реформиран, а притоа ќе дојде и до календарски поместувања. Самите случувања во 2020 го забрзаа сето тоа, па така оваа година Салонот за автомобили во Париз ќе се одржи меѓу 17 и 23 октомври.

Терминот беше познат уште од јули минатата година, но со оглед, како што веќе напоменавме погоре, дека ситуацијата со пандемијата се уште е „статус кво“, можно е да дојде и до нови поместувања во датумите.

Искуство како никогаш претходно

Салоните за автомобили во последните години се соочија со поголеми проблеми, а пример за тоа е и Женева, настан кој не се одржа во изминатите три години. Причината не е само Ковид-19, кој само ги соголи проблемите со кои се соочуваа овие манифестации, туку и самите учесници и излагачи кои почнаа да ги менуваат своите планови и да ги пренасочуваат своите средства кон други алтернативи. Но, токму отсуството на ваквите манифестации, покажуваат колку тие им недостасуваат на луѓето, па самата одлука за организација на Салонот во Париз е за поздравување.

Кога станува збор за самиот настан кој ќе се одржи во октомври, можеме да очекуваме голем број новитети, но и претставување во живо на автомобилите кои дебитираа во претходниот период, пред се Renault Austral, но и најавените модели како Peugeot 4008.

Фокусот на саемот во новиот формат ќе биде ставен на електрификацијата, конективноста и новите форми на мобилност.

„Новиот формат, импресивен и искуствен – повторно осмислена рута за посетителите, збогатена дневна програма, задоволство за гледање и контакт и како никогаш претходно, испробување на моделите на производителите, со амбициозни тест возења, достапни за сите“, изјави директорот на Салонот во Париз, Серж Гашо.

Поврзани вести

Back to top button