fbpx

Премиерно претставен Mercedes-AMG EQE

По премиерата во септември минатата година, електричниот EQE сега доби две нови верзија овојпат изработени од Mercedes-AMG

Mercedes-AMG официјално ги претстави целосно новите EQE 43 4Matic и EQE 54 4Matic+. Станува збор за перформансна изведба на електричниот модел кој Mercedes-Benz го претстави во септември минатата година. Како што може и да се очекува за AMG моделите, EQE 43 4Matic пристигнува со поставка од два електромотори и погон на сите четири тркала кој развива вкупно 476 КС и 858 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на моделот да забрза од место до „стотка“ за 4,2 секунди, пред да ја достигне електронски ограничената максимална брзина од 210 километри на час.

Моќноста произлегува од 90,6 kWh литиум-јонската батерија, која патем треба да му овозможи на автомобилот да има автономија на движење помеѓу 462 и 533 километри. Кога станува збор за полнењето на батеријата, купувачите ќе добијат стандарден 11 kW „on-board“ полнач, но можат да го изберат и опционалниот 22 kW полнач. Моделот исто така се одликува и со брзополначки способности до 170 kW, благодарение на што може да се добијат 180 километри опсег на движење со само 15 минути полнење.

Mercedes-AMG EQE

EQE 53 4Matic+ за љубителите на врвни перформанси

За ентузијастите, тука се уште поимпресивните бројки на EQE 53 4Matic+. Овој модел исто така добива два електромотори, по еден на двете оски за погон на сите четири тркала, а во овој случај тие испорачуваат 626 КС и 950 Nm вртежен момент. Благодарение на ова, спринтот 0-100 км/ч опаѓа на само 3,5 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 220 километри на час. Сепак, подобрените перформанси го земаат данокот кога станува збор за автономијата, па така EQE 53 4Matic+ ќе има опсег на движење помеѓу 444 и 518 километри. Во секој случај, треба да се истакне дека опсегот на движење може да се подобри во иднина бидејќи Mercedes истакна дека е можно да се инсталираат „over-the-air“ ажурирања за системот за управување со батериите. Ова ветува „постојани подобрувања во текот на животниот циклус“ на возилото.

Купувачите можат да ги подобрат своите перформансни бројки уште повеќе ако го изберат AMG Dynamic Plus пакетот, кој ја зголемува моќноста на 687 КС и 1.000 Nm. Со ова, од 0 до 100 километри на час се стигнува за 3,3 секунди, а максималната брзина е 240 километри на час.

Електромотори направени специјално од AMG

Двата модели имаат електромотори направени од AMG со „високо отпорен термален концепт кој овозможува повторени забрзувачки маневри со постојани високи перформанси“. Меѓу главните карактеристики се таканаречените водени копчиња и елементите за ладење кои се карактеристични за AMG, како што се специјалните ребра на статорот и „структурата со перки во облик на игла на инвертерот, кој е направен од високоперформансна керамика“.

Режимите Sport и Sport+ ги оптимизираат перформансите, додека режимот Comfort помага да се оптимизира опсегот на автомобилот со намалување на излезната моќност за 15-20%. Инаку, ова значи дека целосната моќност на автомобилот е достапна само во режимите Sport+ и Race Start. Slippery режимот ја намалува моќноста за половина, додека дури и спортскиот режим ви дава само 90 проценти од достапната моќност на автомобилот.

Инженерите, исто така, се фокусираа на зголемување на траењето на батеријата бидејќи EQE има функција за Eco Charging, која „го намалува оптоварувањето на батеријата за време на полнењето и на тој начин го забавува природното стареење на батеријата“. Понатаму, постои функција „прекин на полнење“ што може да се користи за полнење на батеријата во периоди надвор од шпицот кога цените на енергијата се пониски. Mercedes, исто така, истакна дека батеријата може да се загрева или лади додека се вози, со цел да се постигне оптимална температура за брзо полнење до моментот кога ќе пристигне на точка за полнење.

Асортиман на перформансни подобрувања

Исто така, вреди да се спомене дека варијантите AMG имаат три различни нивоа на враќање на енергијата, кои може да се прилагодат преку воланот. Ова овозможува возење со една педала, како и оптимизирано забавување кога е вклучен Drive Pilot.

Моделите пристигнуваат и со воздушен систем на потпирање AMG Ride Control+ со адаптивна амортизација. Тркалата се обложени со Michelin Pilot Sport EV пневматици кои се специјално дизајнирани за електрични возила со високи перформанси.

Mercedes-AMG EQE

Друга каратеристика е и системот за управување со задната оска кој е стандарден за двата модели. Ова овозможува задните тркала да се вртат до 3,6 степени за да се подобри управувањето при брзини над 60 километри на час. При помали брзини, предните и задните тркала можат да се вртат во спротивни насоки за да го максимизираат маневрирањето при паркирање.

Покрај останатите дилеми кои ги имаат купувачите во оваа нова ера на електрични автомобили, вистинските ентузијасти се загрижени и за звукот кој (не) го произведуваат. Електричните возила се тивки, но за среќа, од AMG се свесни дека истиот отсекогаш бил белег од возачкото искуство. Поради тоа, AMG верзиите на EQE имаат уникатно звучно искуство кое се создава со помош на специјални звучници, бас активирач и генератор на звук. Повеќето модели пристигнуваат со Authentic поставка, но сепак пакетот AMG Dynamic Plus на EQE 53 додава и Performance пристап кон идејата. Без оглед на се, двете нудат Balanced, Sport и Powerful поставки.

Mercedes-AMG EQE

Препознатлив и спортски стајлинг

И додека AMG варијантите се секако уникатни, промените на екстериерот се релативно суптилни. Со оглед на ова, тука е целосно затворената решетка која добива AMG обележја како и вертикални хромирани акценти. Mercedes-AMG EQE моделите исто така имаат и спортски преден браник кој ги меша акцентите на боите од каросеријата со високо сјајни црни бои и хромиран трим. Купувачите ќе најдат и преден сплитер, аеродинамично оптимизирани тркала и поголем заден спојлер.

Mercedes-AMG EQE

Во ентериерот се наоѓаат AMG спортските седишта кои се обложени со Artico вештачка кожа како и микрофибер инсерти и црвени контрастни шевови. Покрај спортските седишта, AMG варијантите на EQE добиваат и управувач со рамно дно, спортски педали, AMG патосници и голем број AMG обележја. Моделите можат да бидат опремени и опционално со MBUX Hyperscreen, во кој се сместени три посебни екрани, вклучително и еден наменет за совозачот.

Повеќе детали околу моделите, како датумот на лансирање и нивната цена ќе бидат познати нешто подоцна, но и двата ќе бидат поставени под Mercedes-AMG EQS 53 4Matic+ кој беше претставен минатата година.

Поврзани вести

Back to top button