fbpx

Производителите продолжуваат да затвораат фабрики во Европа

Автомобилските производители продолжуваат да ги затвораат фабриките во Европа, но и во Северна Америка, како последица на пандемијата со коронавирусот

Во изминатите неколку денови голем број автомобилски производители започнаа да ги затвораат своите фабрики ширум Европа, а на ваков потег се одлучија и останатите компании, со тоа што сега „епидемијата“ на затворање се шири и во Северна Америка.

Германскиот гигант Volkswagen ги запира своите погони во Италија, Португалија, Словачка и Шпанија поради коронавирусот, со што им се приклучи на голем број производители кои веќе го направија тој чекор. Коронавирусот сериозно ја погодува автомобилската индустрија, поради што VW групацијата одлучи пред крајот на работната недела да ги затвори привремено своите фабрики низ Европа, а во меѓувреме поголемиот дел од останатите погони на гигантот во Германија и други европски земји исто така се подготвуваат на затворање во период од најмалку 2-3 недели.

Европа

„Оваа година ќе биде тешка. Пандемијата не стави пред досега не познат оперативен и финансиски предизвик. Во исто време, постои голема загриженост поради трајните економски последици“, изјави првиот човек на Volkswagen, Херберт Дис.

Сличен потег направи и Rolls-Royce кој со официјално соопштение се обрати до јавноста и најави прекин на производството поради коронавирусот. Британскиот производител ќе запре со работа на 23 март и паузата ќе трае најмалку две недели.

Од таму посочуваат дека не сакаат да го загрозуваат здравјето на своите вработени и поради пандемијата на коронавирусот никој нема да работи.

„Ова моравме да го направиме бидејќи здравјето на нашите вработени е на прво место, па од 23 март нема да работиме најмалку две недели. Ние отсекогаш сме работеле на врвно ниво и таа традиција ќе продолжи и во овие тешки времиња. Тоа не значи дека ние ги заборавивме нашите купувачи. Свесни сме дека оваа пауза во производството ќе ги погоди и нив и поради тоа се извинуваме и се надеваме дека ќе ја разберат нашата акција по повод новонастанатата ситуација“, изјави Торстен Милер, директорот на компанијата.

Jaguar Land Rover прекинува со производство во Унгарија

Уште еден британски производител на луксузни автомобили, Jaguar Land Rover, уште од вчера најави дека почнувајќи од утре (петок) привремено ќе го прекине производствениот процес во својата нова фабрика во градот Нитра, сместен на југот од Словачка, во близина на границата со Унгарија. Причината е позната и се однесува на пандемијата со коронавирусот кој ја пустоши Европа во последните недели.

Сепак, животот во фабриката нема во целост да замре, со оглед на тоа дека од компанијата која се наоѓа под контрола на индиската Tata Motors групација, дојде и известување дека дел од активностите и понатаму ќе се спроведуваат, но во ограничен обем.

Својата фабрика во Унгарија одлучи да ја затвори и германскиот премиум производител Mercedes-Benz, чија фабрика во градот Кечкемет ќе биде затворена од понделеник во период од најмалку две недели. Од Mercedes-Benz наведуваат дека нивната матична компанија Daimler одлучила да го запре производството како и работата на дел од администрацијата на поголем дел од своите локации во Европа на две недели.

Европа

Затворањето на фабриките се сели и во Северна Америка

Европа не е единствената која е погодена од коронавирусот, а со тоа и европската автоиндустрија. Имено, поголем дел од производителите ги затвораат своите фабрики и во Северна Америка.

Имено, американските производители General Motors, Ford и Fiat Chrysler објавија дека прекинуваат со производството на автомобили во Северна Америка како одговор на пандемијата на коронавирусот. Фабриките на „големата тројка“ во Детроид во САД, во Канада и во Мексико ќе запрат со производство најмалку до 30 март, а притоа ќе се направи длабинско чистење и дезинфекција со цел да се заштитан вработените од ширење на коронавирусот, соопштија трите производители во одвоени соопштенија. По 30 март, ситуацијата ќе се преиспита од недела до недела, наведуваат од GM.

FCA наведува дека ќе направи проценка кон крајот на овој месец. „Сакаме нашите вработени да се чувствуваат безбедно на работа и ги преземаме потребните мерки да ги заштитиме“, изјави Мајк Менли, шефот на FCA САД, во соопштението.

Производството во овие три компании е прекинато по откритието на еден случај на заразен со коронавирус во фабриките на Fiat Chrysler во САД, наведе синдикатот на автомобилската индустрија UAW.

Honda ќе паузира шест дена во Северна Америка

Покрај овие три производители, на прекин на производството се одлучи и Honda. Јапонскиот производител ќе го стопира производството на шест дена во своите фабрики во Канада, Мексико и САД. Мерките стапуваат на сила на 23 март и ќе траат до 31 месецов. Ова нема да влијае негативно на 27.600 вработени, бидејќи јапонската компанија се обврза да им ги исплати целосните примања и покрај намалената побарувачка поради пандемијата на коронавирусот.

Сепак, во соопштението се сугерира дека овој план е потенцијално подложен на промени. „Како што негативното влијание на пазарот, предизвикан од нестабилната ситуација со коронавирусот, ќе еволуира, Honda ќе ги процени околностите и доколку е потребно ќе воведе дополнителни мерки“, соопшти јапонскиот производител.

Одлуката да се затворат фабриките и да се продолжи со редовната исплата на работниците, Honda ја издвојува од останатите произведувачи со фабрики во САД. FCA, Ford и GM им сугерираа на работниците да работат од дома, додека фабриките остануваат отворени. UAW синдикатот преговараше со компаниите и се случи со „ротирачко, парцијално затворање на објектите, екстензивно и длабочинско чистење меѓу смените, проширени периоди меѓу смените и избегнување на контакти меѓу луѓето“.

Маск приморан да ја затвори фабриката во Фримонт

Приморан да затвор една своја фабрика е и Елон Маск и неговата Tesla. Имено, Маск се соочи со проблеми во фабриката во Фримонт, откако претходно соопшти дека нема намера да ја затвара истата. Округот Аламеда реагираше на овој став и разјасни дека Tesla не припаѓа на есенцијалната дејност и затоа мора да престане со работа. На фабриката во Фримонт и се дозволуваат само минимални базни делувања на ниво на погон.

Во рамки на одлуката на округот, фабриката мора да испрати дома повеќе од 10.000 работници, а производството на електрични автомобили мора да запре. И тоа токму во време на подготовките за старт на производство на новиот Model Y, за кој се очекува поголема побарувачка отколку за сите останати модели во гамата на Tesla. Втората фабрика на Tesla, онаа во Шангај, затворена е на 10 дена.

Поврзани вести

Back to top button