Производството на електрични возила станува се поевтино
VW успеа да ги намали трошоците за производство на ЕВ за 30% во Германија, подготвувајќи ја SSP платформата и новата генерација ЕВ модели

Volkswagen продолжува со интензивна оптимизација на производствените процеси во своите германски фабрики, при што компанијата успеа да ги намали трошоците за производство на електрични автомобили за околу 30 проценти. Овој резултат е постигнат во трите најголеми погони на брендот во Германија – Емден, Волфсбург и Цвикау – и претставува важен чекор во стратегијата за електрификација на групацијата.
Германските фабрики во служба на електричната транзиција
Фабриките во Емден и Цвикау веќе неколку години произведуваат исклучиво електрични возила, што ги прави клучни за иднината на брендот. Намалувањето на трошоците во овие погони дополнително ја зајакнува конкурентноста на Volkswagen во време кога притисокот за поевтини и подостапни електрични автомобили станува сè поголем на глобално ниво.

Оптимизација преку заеднички платформи
Паралелно со намалувањето на трошоците, Volkswagen ја унапредува и платформската стратегија во своите европски фабрики. Извршниот директор на брендот Volkswagen и шеф на Brand Group Core, Томас Шефер, истакна дека компанијата ќе се потпира на систематска, платформски оптимизирана продукција. Како пример ја посочи новата генерација мали електрични автомобили, меѓу кои ID. Polo, ID. Cross, CUPRA Raval и Škoda Epiq.
Платформата и софтверот се развиени во Волфсбург, додека проектното водство е доверено на CUPRA. Производството за повеќе брендови се одвива во фабриките во Марторел и Памплона во Шпанија, со што Volkswagen избегнал дополнителен трошок од околу 600 милиони евра. Дел од заштедените средства, според раководството, директно се инвестираат во развојот на производите.

Договори со синдикатите и намалување на работната сила
Особено значајно е што ваквите заштеди се реализирани во Германија, земја која не е позната по ниски трошоци за работна сила. По договорот постигнат со претставниците на вработените и синдикатот IG Metall во декември 2024 година, Volkswagen успеал значително да ги оптимизира трошоците за производство.
До 2030 година е планирано социјално одговорно намалување на околу 35.000 работни места, при што досега се финализирани 25.000 договори за делумно пензионирање и отпремнини. Според Шефер, овие резултати докажуваат дека и понатаму е можно развој и производство на конкурентни автомобили во Германија.

SSP платформата и иднината на електричните модели
Во иднина, фабриката во Волфсбург ќе биде задолжена за производството на новите Volkswagen ID. Golf и ID. Roca, модели базирани на новата SSP платформа. Оваа архитектура, според најавите, треба да биде значително поевтина од актуелната MEB платформа, што ќе овозможи развој на подостапни и попрофитабилни електрични возила.
Производството на Golf се сели во Мексико
Пред пристигнувањето на новите електрични модели кон крајот на деценијата, Volkswagen ќе мора да ослободи капацитети во Волфсбург. Решението е преместување на производството на класичниот Golf во Мексико, потег кој потсетува на историскиот пример со легендарната „Буба“, која таму се произведуваше сè до 2003 година. Со оваа одлука, брендот уште еднаш покажува подготвеност за стратешки потези со цел да ја забрза својата електрична трансформација.


