fbpx

Renault открива нови детали за ентериерот на Austral

Откако претходно со тизер цртеж го најави изгледот на кабината, Renault сега ги објави и првите фотографии од ентериерот на Austral

Тизер кампањата за новиот Renault Austral продолжува и понатаму, откако францускиот производител ги објави новите фотографии од ентериерот и потврди дека премиерата ќе се одржи следниот месец. И покрај тоа што Renault веќе ни најави како ќе изгледа кабината благодарение на тизер цртежот, најновите фотографии ни даваат подобар увид во изработката и материјалите во кокпитот кои најавуваат елегантно и модерно опкружување за патниците.

Дизајнерските и инженерските тимови на Renault сакаат да создадат моментален впечаток за висок квалитет, поради тоа сите допирливи делови на новиот кросовер се изработени од меки и пријатни материјали, велат од Renault. Големо внимание е посветено и во изборот на елегантни украсни елементи кои веќе на прв поглед го потврдуваат неговиот премиум квалитет.

Austral

Елегантен распоред на контролната табла

Наместо вообичаените облоги, горниот дел од контролната табла е преслечен со поставена матирана облога, која од Renault тврдат дека е мошне мека на допир. Контролоната табла ја краси и светлосната лента која се протега во рамките на вратите, придонесувајќи на тој начин за општ визуелен впечаток. Квалитетните материјали, какви што се, на пример, вистинското дрво обработено со јапонската техника „маки“, дополнително го нагласуваат привлечно уредениот ентериер. Дрвената завршна обработка се истакнува со природната текстура постигната со техниката за втискување на повеќе слоеви од метални пигменти во дрвото со помош на ткаенина. На овој начин ефикасно е нагласен впечатокот на структурата и текстурата на вистинско дрво.

По примерот на контролната табла, и горните делови од облогата на предните и задните врати се исполнети со пена. При тоа ги красат истите делови и завршната обработка како со цел сите патници, независно од тоа каде седат, да уживаат во подеднаков луксузен стил кој владее во внатрешноста, истакнуваат од Renault, од каде ги напоменуваат и тапацирот во комбинација на текстил и вештачка кожа со зрнеста текстура Synderm.

Врвна изработка

На централната конзола има потпирач за раце со капак со зрнеста текстура што е пријатна на допир и мат хромирани додатоци. Инспириран од светот на авионите и уметноста при изработката на часовниците, дизајнот на потпирачот ја одразува прецизноста во полно значење на овој збор. Кога се помрднува кон напред или кон назад, велат од Renault, може да се чуе механички звук сличен на вртењето на тркалце од сеф, што само докажува до каков степен се посветува внимание на речиси секој детал.

Инаку, Renault веќе потврди дека новиот Austral ќе го замени Kadjar и ќе се најде во продажба од оваа пролет. Кросоверот од C-сегментот ќе биде долг 4.510 милиметри и ќе биде поставен на CMF-CD3 платформата. Според најавите, Austral ќе има исклучиво бензинско-хибридна постава на мотори која вклучува 1.3 TCe мотор со 12V благ хибриден систем, како и 1.2 TCe единица со 48V блага хибридна технологија. Од Renault велат дека овие погони ќе нудат одлични перформанси и од 200 КС моќност.

Поврзани вести

Back to top button