fbpx

Сите возила на VW групацијата ќе користат една платформа

Volkswagen групацијата го претстави својот производствен план за следните 10 години, а една од целите е навистина амбициозна

Стратегијата на „препакување“ на автомобилите не е никаква новина во индустријата, па оттаму и случајот на една платформа да бидат поставени повеќе модели, но сега VW групацијата го носи сето ова на едно повисоко ниво, бидејќи планира актуелните пет архитектури, колку што ги има во употреба во рамките на групацијата, да ги сведе на две, а потоа и на само една.

Компанијата во моментов ја користи MQB платформата за моделите како Volkswagen Golf, MLB платформата за автомобили како Audi A7, како и MSB платформата за моделите како Porsche Panamera. Тука е и MEB платформата наменета за Volkswagen ID.4 и PPE архитектурата на која ќе почиваат возила како Audi A6 e-Tron.

Според планот, во текот на следните десет години групацијата планира да ги отфрли платформите кои поддржуваат мотори на внатрешно согорување и евентуално да ги консолидира своите две електрични платформи во една која ќе се нарекува Scalable Systems Platform (SSP). Платформата евентуално ќе ја формира базата за секој автомобил на Volkswagen групацијата и ќе се нуди на други производители. Првиот автомобил на оваа платформа ќе биде претставен во 2026. Компанијата наводно ќе го претстави концептот на возилото на годинешниот Салон во Минхен во септември.

„Претставувањето на SSP значи искористување на нашите силни страни во управувањето со платформата и градење на нашите можности за максимизирање на синергијата меѓу сегментите и брендовите. На долг рок, нашата SSP платформа значително ќе ја намали комплексноста во мехатрониката“, изјави Маркус Дуесман, извршниот директор на Audi.

Нов софтвер

Со цел да ги користи новите платформи, Volkswagen веќе направи софтверска единица наречена CARIAD. Единацата е фокусирана на три примарни софтверски платформи. E³ 1.1 ќе овозможи бежични унапредувања на возилата кои ја користат MEB платформата. E³ 1.2 го прави истото за возилата на PPE платформата на која се поставени електричните модели на Porsche и Audi. На крајот, E³ 2.0 ќе развие нов унифициран оперативен систем за возилата на SSP платформата која ќе ја користат сите брендови на Volkswagen групацијата.

„Софтверот игра одлучувачка улога во трансформацијата од чисто автомобилска компанија во интегрирана група за мобилност. До 2030 година, софтверот – на база на автоматизирано возење – ќе може да стане огромен извор на приходи во нашата индустрија“, изјави извршниот директор на CARIAD Дирк Хилденберг.

VW групацијата

VW групацијата планира да ги понуди своите услуги за автономна мобилност во Европа до 2025 година. Исто така, се надева дека ќе може да им понуди на купувачите возила со Ниво 4 на автоматизирано возење, иако засега немаат прецизни информации околу тоа кога сето ова ќе се случи.

Амбициозни планови за одржлива иднина

„Volkswagen групацијата има за цел да достигне силна компетитивност во полето на решенијата за мобилнсот. Ние ќе имаме можност да ги понудиме услугите директно на нашите клиенти или да соработуваме со силни партнери, зависно од конкретната ситуација на секој пазар“, изјави Кристијан Далхејм, шефот за продажба во VW AG.

За напојувањето на сето ова, VW планира да претстави унифициран дизајн за батериските ќелии за кој велат дека ќе ги намали трошоците за 50 проценти. Новите батерии ќе ги произведува во шест гигафабрики во Европа со производствен капацитет од 240 GWh до 2030. Исто така планира да ги рециклира овие батерии со цел да ги намали трошоците и да го намали импактот врз околината.

VW групацијата

Групацијата поставува и полначки станици ширум Европа и исто така планира да започне партнерства со други корпорации со цел да се осигура дека возачите ќе имаат пристап до брзо и сигурно полнење.

Исто така, VW групацијата има за цел повеќето од своите возила да бидат со нулта емисија на сите големи пазари до 2040 година и да бидат способни да функционираат климатски неутрално до 2050 година. За да го достигне ова, VW планира да ја зголеми својата профитна маржа од 7-8 проценти на 8-9 проценти до 2025. Еден од начините за да се достигне ова е планот да се потпира на профитот од автомобилите со мотор на внатрешно согорување за да ја финансира транзицијата кон електрични и автономни возила.

Поврзани вести

Back to top button