Škoda ги објави првите тизери од електричниот Enyaq iV

Чешкиот производител Škoda со фото и видео тизери го најави својот електричен SUV автомобил iV Enyaq

Она што е интересно е дека Škoda Enyaq iV ќе има погон на задните тркала, нешто што Škoda за последен пат го направи пред речиси 30 години. Компанијата од Млада Болеслав се враќа на своите корени за прв пат по раните 90-ти години, но со акцент на електромобилноста со оглед на тоа дека Enyaq iV ќе добие целосно електричен погон.

И додека Citigo iV ќе остане запаметен како првото електрично возило на Škoda, Enyaq iV всушност ќе претставува првиот модел на чешкиот производител кој уште од стартот е развиван како електрично возило. Enyaq iV ќе биде поставен на MEB платформата на Volkswagen групацијата и ќе претставува своевидна чешка верзија на VW I.D 4. Škoda сега започнува со својата тизер кампања како дел од најавата за новиот модел, објавувајќи фотографии од камуфлираниот прототип од најмоќниот автомобил во историјата на компанијата.

Škoda во овој случај беше прилично дарежлива и кога станува збор за споделување на информациите, па така iV Enyaq ќе биде 4.648 милиметри долг, 1.877 милиметри широк и 1.618 милиметри висок, додека меѓуосовинското растојание ќе изнесува 2.765 милиметри. Капацитетот на багажникот ќе изнесува 585 литри, а сето ова не треба да претставува изненадување, со оглед на тоа дека и VW I.D 4 ги поседува сличните димензии.

Enyaq iV пристигнува со неколку опции

Škoda ќе го нуди Enyaq iV со три опции за големината на батериите, започнувајќи со 55 kWh која нуди автономија од 340 километри според WLTP стандардите. Основната верзија доаѓа со погон на задните тркала и електромотор поставен на задната осовина кој испорачува 146 КС. Следува верзијата со поголема, 62 kWh батерија која нуди автономија од 390 километри со едно полнење и моќност од 177 КС. Како врв на понудата, тука е опцијата со батерија со капацитет од 82 kWh која нуди 500 километри автономија со едно полнење и испорачува 201 КС, со електромотор исто така поставен на задната осовина.

Чешката компанија го подготви Enyaq iV да може да понуди и погон на сите четири тркала со двоен електромотор, еден на предната и еден на задната осовина со две опции. Едната нуди 261 КС, додека втората доаѓа со 302 КС, која воедно претставува и најмоќниот продукциски автомобил во историјата на компанијата и ќе пристигне со ознаката RS. Од нула до „стотка“ ќе стигнува за 6,2 секунди, со максимална брзина од 180 километри на час. Двете верзии со погон на сите четири тркала ќе имаат автономија од 460 километри со едно полнење.

Производството започнува кон крајот на годината

Сопствениците ќе можат да ја полнат батеријата преку конвенционален домашен полнач со AC приклучок од 2,3 k или со користење на ѕиден приклучок кој испорачува до 11 kW. Škoda Enyaq iV е развиен да ги поддржи и брзите полначи со моќност од 125 kW, а во тој случај полнењето од 10 до 80 проценти се врши за 40 минути.

Иако Škoda не објави фотографии од внатрешноста, од претходно се достапни неколку фотки кои го откриваат внатрешниот изглед. Сепак, чешкиот производител истакнува дека нивниот електричен SUV ќе поседува 13-инчен екран на допир како дел од инфозабавниот систем, а како опција ќе се нуди и head-up екран.

Škoda Enyaq iV

Новиот Škoda iV Enyaq ќе започне со производство во Млада Болеслав кон крајот на 2020 година и ќе започне со продажба кон почетокот на 2021. Чешката компанија ќе понуди и специјална Founder’s Edition серија која ќе биде наменета за првите 1.895 купувачи и ќе поседува нешто поинаков изглед и ќе биде богато опремена со цел да се одбележи 125-годишнината на компанијата.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close