СУПЕР ТЕСТ Geely Cityray: Низ град и на пат со Cityray

Првиот впечаток го создава маркантниот дизајн, но карактерот на возилото открива многу повеќе кога сте зад управувачот во градските гужви и подолгите викенд патувања. Во случајот на Geely Cityray, комбинацијата од промислена ергономија, практични решенија и корисна технологија создава СУВ кој се прилагодува на секојдневниот ритам на живеење.
Постојат автомобили на кои не им е потребно многу време за да остават силен визуелен впечаток, доволно е да „фрлите“ само еден поглед и да речете ДА, „тоа е тоа“. Токму таков е Geely Cityray кој уште при првата средба ќе ви стави на знаење дека не станува збор за уште еден типичен СУВ, туку за модел кој настапува со силен карактер и јасна дизајнерска самодоверба.

Стилска естетика
Марката Geely прави моделот Cityray да биде автомобил со јасна естетска визија. Секоја линија, секоја крива и секој детаљ на каросеријата укажуваат дека дизајнерскиот тим знаел точно што сака да постигне, возило кое изгледа модерно, доволно динамично, но не претерано агресивно, со што ја оправдува и својата семејна ориентираност. Предниот дел е она со кое Cityray прво зборува. Геометриската решетка со 256 прецизни ЛЕД ламели создава чиста, технолошка светлина која во мракот изгледа речиси церемонијално.
Рефлекторите инспирирани од аурора и дневните светла во стил на сабји му даваат уникатен потпис, лесно препознатлив во густиот градски сообраќај, но и безбедно ноќно возење со одлична автоматска контрола на снопот чиј домет достигнува до 190 метри, во што имавме прилика да се увериме во повеќе наврати. Профилната слика ни открива силуета која ја поврзува хармонијата на спортскиот стил и елеганцијата. Нагло спуштената линија на покривот, динамичните пресеци на каросеријата и стандардините алуминиумски тркала од 18 инчи создаваат впечаток на движење дури и кога возилото мирува. Ниту одзади Cityray не разочарува. За тоа се грижат светлосните склопови во форма на футуристичка ѕвезда поврзана со лента по целата должина на задната врата, дополнувањето доаѓа во вид на интегриран дифузор во чии страни се сместени по две хромирани издувни цевки кои ја затвораат визуелната приказна што започна одпред… доследно и исполнето со стил.
Но тоа е изгледот, што е со секојдневната употреба, удобноста, практичноста…
Велат дека вистинскиот карактер на еден автомобил не се открива на рекламните фотографии, туку во градскиот сообраќај во понеделник наутро. Седнувате, го регулирате електрично седиштето, го поставувате воланот во совршена позиција и пред вас светнува 13,2-инчниот екран на кој е пресликан вашиот мобилен телефон, а апликацијата за навигација веќе ви ја прикажува гужвата на рутата и тивко ви предложува алтернативен правец на движење.

Кабината е изградена со јасна цел да понуди што е можно повеќе простор. Удобноста овде не е резултат на еден голем, впечатлив детаљ, таа е збир на многу мали, добро промислени решенија. Предните седишта на нудат добро балансирана комбинација на мекост и структурна поддршка. Задните седишта, кои честопати се слабата точка на компактните СУВ возила, овде се изненадувачки удобни. Просторот за нозете е повеќе од доволен, а нема проблем ни во висина. Панорамскиот стаклен покрив со UV заштита е еден од оние деталите кои разликата ја покажуваат во секојдневна употреба. Дополнително, загреаните предни седишта и управувач во зимски услови се оние малите задоволства кои студените утра ги прават значително поподносливи. Удобноста не завршува со седиштата и панорамскиот кров. Таа продолжува во начинот на кој кабината ги вклопува вашите секојдневни потреби.
Складишниот простор низ целата кабина е добро осмислен, хоризонтални џепови на вратите, голем остава во потпирачот за рака, простор за телефон… Практичноста е прикажана и преку 571 литарскиот багажник каде торбите со намирници, спортска опрема, куферите за патување на целото семејство без проблем се транспортираат, едноставно за се има место. А кога задните седишта ќе се соборат просторот расте до 1.271 литри што е доволно за скоро секое животно сценарио кое можете да го замислите.
Името вели City…
Во градскиот метеж, 7 степениот менувач со двојна спојка не покажува нервоза, а нема ниту несигурни моменти при тргање од место. Возилото се движи мазно, дури и кога гужвата во сообраќајот ве тера да застанувате на секои триесетина метри. Адаптивниот „круз контрол“ во тие моменти станува вистински копилот, го одржува растојанието, го следи возилото напред и нежно го задржува во средина на лентата. Вие само управувате, се друго што е потребно го прави автомобилот.

Постои една фина разлика помеѓу технологија која постои за да импресионира и технологија која постои за да помогне. Cityray цврсто стои на страната на втората. Системот за следење на лентата не реагира нервозно при секое мало поместување, тој е калибриран да интервенира само кога навистина е потребно, без да создаде чувство дека автомобилот постојано ве поправа. Автономното итно сопирање работи тивко во позадина, а кога ситуацијата тоа го бара, реагира без двоумење (проверено). Она со кое Cityray освојува е „природното“ функционирање на сите овие системи. Тие не ви го менуваат начинот на возење туку само го прават целиот процес побезбеден и помалку стресен. Тоа се забележува по неколку дена кога почнувате да возите поопуштено и со поголема доверба во автомобилот. А кога после 30-40 минути возење ќе стигнете на целта се надзира нов предизвик.
Паркирањето, кое во градски услови честопати е вистинска мисија со Cityray станува речиси пријатно искуство. Четирите HD камери за 360° поглед, ви ги покажуваат сите агли кои нормално би останале слепа точка. Сензорите „пискаат“ навреме, а во долниот дел од екранот ви покажува колку сантиметри ве „делат“ од столбчето зад вас. Набрзо сфаќате дека управувате со возило на кое едвај му ги знаете надворешните габарити, но паркирате со полна самодоверба. Уште една особина што е одлика на Cityray е радиусот на свртување, кој е изненадувачки мал за возило од оваа големина.

Во град го возевме најчесто во економичниот мод на работа, кој ја оптимизира потрошувачката на гориво, а при тоа воопшто не ја крие моторната сила, туку само ја распределува поефикасно. Затоа удобно може да останете во овој режим цел ден и никогаш да не почувствувате недостиг на моќ. Потрошувачката на гориво останува разумна, во зоната од 8 литри, а тоа е нешто што по неколку месеци сопственикот ќе го цени далеку повеќе отколку на почетокот.
Како се однесува на подолги рути…
Ако каратерот на едно возило се открива во град, тогаш неговата личност доаѓа до израз на отворен пат. При вклучување на автопат и притискањето на педалот за забрзување 1.5 литарскиот турбо агрегат со 174 КС и 290 Нм влечна сила реагира директно и одлучно. Автоматскиот менувач спушта надолу за еден степен а забрзувањето ве турка назад во седиштето, не е тоа силно како кај спортските автомобили, не е ниту неудобно, но е доволно патот до 100 км/ч да го помине за 7,9 секунди а тоа да не е само теоретска бројка, туку постигнување кое ќе ви даде на знаење дека имате моќ која е тука и ви е на располагање секогаш кога ви е потребна.

При постојана брзина на автопат, Cityray открива уште една своја особина, а тоа е извонредната стабилност. Надворешниот шум е добро контролиран, суспензијата коректно ги апсорбира нерамнините на патот без да ја пренесе нестабилноста во кабината, а автомобилот останува цврсто поставен и насочен дури и при маневри за изненадни промени на правецот. Доколку ви проработи желбата за подинамично возење преку спортскиот режим ќе го трансформирате Cityray во забавен сопатник. Одговорот на гас станува поостар, менувачот се задржува во пониски степени подолго, а моторот „пее“ со поголем ентузијазам. Да се разбереме, ова не е спортски автомобил и не претендира да биде. Но е возило кое умее да биде доста забавно кога тоа од него ќе го побарате.

Моделот Cityray е СУВ кој станува се подобар колку подолго го возите и ги откривате неговите задскриени детали. Во првите денови го гледате неговото лице, модерниот дизајн, технологијата, просторот. Но со текот на времето, почнувате да ја чувствувате неговата суштина, начинот на кој секој ден го прави полесен, побезбеден и поудобен. Тоа е автомобил кој разбира дека возењето не е еднократен настан, туку дека тоа е составен дел од секојдневниот живот.














