fbpx

Tesla го произведе својот 1.000.000-ти автомобил

Компанијата Tesla објави дека го произведе својот милионити електричен автомобил, со што стана првиот производител во историјата на кој му успеало такво нешто

Пред само неколку години многумина не веруваа дека Tesla има капацитети за испорачување на така големи серии. Меѓутоа, производителот базиран во Калифорнија одигра одлично низ трите свои моделни програми како што се Model S, Model X и Model 3. Американската компанија сега е на патот да го лансира и своето четврто возило, Model Y, кое сигурно во голема мерка ќе ја поправи продажбата на оваа компанија, бидејќи станува збор за помал и поевтин кросовер во однос на Model X.

Првиот човек на компанијата, Илон Маск, со очигледно задоволство извести за производството на 1.000.000-тото возило, со што објави фотографија од автомобилот и тимот кој го создаде, а станува збор токму за новиот Model Y, кој наскоро ќе започне да се испорачува до клиентите.

Според минатогодишните податоци, Tesla стана најголемиот производител на електрични автомобили на светот, минувајќи го кинескиот BYD. Во времето кога е направено ова истражување (октомври 2019), Tesla имаше испорачано 807.954 единици, додека кинескиот ривал пласираше 787.150 примероци на пазарот. Сепак, треба да се истакне и фактот дека во вкупниот број на BYD се вклучени и plug-in хибридните возила, додека Tesla произведува исклучиво чисто електрични автомобили.

Растот на продажбата ќе се зголеми во иднина

Се очекува Tesla да забележи висок и забрзан раст на продажба и во иднина, не само поради новиот Tesla Model Y, туку и фактот што американската компанија ги зголеми своите производствени капацитети во 2020 година со засилувањето на погонот во Gigafactory во Шангај, која е втора фабрика според обем на Tesla, а наскоро треба да започне со изградба и Gigafactory 4 во близина на Берлин, со што американскиот производител ќе забележи сериозен влез на европскиот пазар.

Планот на американскиот производител е да оствари годишно производство од 150.000 електрични автомобили во Шангај оваа година. Во комбинација со погонот во Фримонт, кој би требало да ја пробие бројката од 500.000 автомобили до крајот на годината, Tesla би требало да ја финализира годината со пласман од некои 650.000 автомобили!

Поврзани вести

Back to top button