fbpx

Tesla наспроти препораките ја отвора фабриката во Калифорнија

Компанијата Tesla ќе продолжи со производството на автомобили во погонот во Фримонт, во сојузната држава Калифорнија, спротивно на препораките на државата

Официјалните лица во округот Аламеда, каде што е лоцирана фабриката на американскиот производител Tesla, се уште не дале дозвола за почеток на работата, но Tesla во текот на викендот поднесе тужба против локалните власти и ги отвори вратите на својот погон за работниците.

Оваа фабрика на Tesla беше затворена кон средината на март, бидејќи производството на автомобили беше прогласено за работа која не е од круцијална важност. Првиот човек на компанијата, Елон Маск на својот Twitter профил потврди дека производствената локација во Фримонт започнала со работа.

„Доколку има апсења, ве молам само мене лишете ме од слобода“, изјави познатиот милијардер, алудирајќи на најавите дека би можело да дојде до упад на полицијата во фабриката.

Од Tesla истакнуваат дека се презедени сите конкретни мерки и чекори за работниците безбедно да се вратат на своите работни позиции. Покрај курсот кој вработените мораа да го посетат „онлајн“, се прави и повеќекратно проверување на температурите на работниците, потоа се почитуваат и мерките за дистанцирање од најмалку два метри, додека комплетната фабрика се чисти и дезинфицира на дневно ниво.

Американскиот производител наведува дека моделот за функционирање е преземен од Tеsla, каде нивниот погон веќе работи, откако минаа низ ригорозна проверка на тамошните власти. Елон Маск најави дека Tesla ќе ја премести својата централа во Невада или Тексас, очигледно незадоволен од третманот кој оваа компанија го има во Калифорнија. Тексас веќе се споменуваше како можен дом за новата фабрика на Tesla.

Поврзани вести

Back to top button