Tesla со видео го најави испорачувањето на Model Y
Компанијата Tesla официјално започна со испораката на Model Y до купувачите и тоа пред одредениот рок, а за таа цел објави и промотивно видео
Компанијата Tesla го одбележа почетокот на испораката на својот четврти автомобил од актуелната гама – кросоверот Model Y. Американскиот производител очекува овој автомобил да биде еден од нивните најпродавани модели, со оглед на комбинацијата на практичност и ценовната достапност.
Се очекува Model Y да биде најпродаваниот модел на Tesla на сите времиња, а производството ќе се врши на три континенти, во САД, Кина и Германија. Според очекувањата, се претпоставува дека Model Y ќе биде попрактичен од помалиот Model 3. Како што купувачите ќе го добиваат нарачаниот автомобил, се очекуваат повеќе повратни информации и детали за електричниот компактен кросовер на Tesla.
На почетокот, на купувачите ќе им бидат понудени побогато опремени и поскапи верзии, а најевтините опции ќе пристигнат на пазарот нешто подоцна. Model Y Long Range Dual Motor AWD кој пристигнува со два електромотори и погон на сите четири тркала чини 52.990 долари. Оваа верзија од 0 до 96 километри на час достигнува за 4,8 секунди и може да развие максимални 217 километри на час. Автономијата со полна батерија изнесува 509 километри.
На купувачите на располагање им е и подинамичната Performance верзија по цена од 60.990 долари. Овој кросовер од 0 до 96 km/h стигнува за само 3,5 секунди, а може да достигне 233 километри на час. Автономијата е речиси иста како и кај послабата верзија. Освен подобрите перформанси, оваа варијанта на Model Y има специјални 21-инчни алуминиумски фелни, спуштен систем на потпирање, посилни кочници, а достапен е и опциониот Performance пакет кој ја зголемува максималната брзина на 250 километри на час.
Кога станува збор за поевтините верзии на Model Y, тие ќе се најдат во продажба кон почетокот на следната година со почетна цена од 39.000 долари, но и со многу помала автономија во возењето од само 370 километри.