Тест BAIC U5 Plus Honor: Фаворит од сенка

Марката BAIC преку моделот U5 Plus испорачува крајно искрен автомобил кој не користи шарени маркетиншки трикови и лажни ветувања. Го добивате тоа што гледате, а многу набрзо ќе сфатите дека добивате повеќе отколку што сте претпоставувале пред да започнете да се дружите со него.
Кина веќе долго не е само синоним за евтино и краткотрајно. Во последниве неколку години, кинеските производители систематски ги раздвижуваат сопствените стандарди на квалитет, дизајн и технологија. Со се поголемото присуство на светските пазари овие особини се главните аргументи кои едноставно веќе не можат да се негираат. Во случајов BAIC U5 Plus е токму еден таков пример, компактен седан со претензии над својата категорија, спакуван во пакет кој што кај конкуренцијата предизвикува незгодно молчење.

Класична линија
Уште при првиот поглед, моделот U5 Plus не се обидува да ве импресионира на агресивен начин. Линиите се чисти, пропорциите урамнотежени, а целокупнaтa силуетa носи одреден европски мирис кој не е случаен, компанијата BAIC инвестира во соработки со дизајнерски тимови кои имаат долгогодишно искуство во креирање возила за реномирани марки. Резултатот е автомобил кој не предизвикува воздишки, но истовремено и не минува незабележано низ сообраќајот. Светлосниот потпис со ЛЕД структура на предниот дел е рафиниран и добро вкомпониран во целината, дополнителните дневни светла го нагласуваат впечаток на предниот дел. Решетката на ладилникот e изведена со интересна геометрија која не делува претерана, ниту аскетска.
Страничниот профил е можеби најинтересниот агол на возилото. Нагласената линија тече од предната до задната осовина, создавајќи динамична тензија која го прави автомобилот оптички понизок од колку што навистина е. Задните врати се доволно широки за влез без акробатика, а кровот со умерен пад не го жртвува просторот во кабината за сметка на затегнатата силуета. На задниот дел главната улога е доделена на двете светлосни групи кои се поврзани меѓусебно создавајќи непрекината целина која создава модерен завршеток. Како дополнување на севкупната слика тестираниот примерок поседуваше црвено метализирана завршница која придонесува автомобилот да делува одлично и „дотерано“.
Едноставно и логично
Влезот во кабината е моментот кој кај повеќето лица предизвикува изненадување. Ентериерот е замислен концентрично, материјалите кои се помеки на допир се таму каде раката најчесто ќе посегнува, горниот дел од вратите и околу централниот тунел. Додека поцврстите пластики, неизбежни за оваа класа, се дискретно турнати на места каде погледот ретко застанува. Паметната комбинација на користените материјали и акцентирани детали ја засилува претставата за просторност.
Централниот мултимедијален екран со дијагонала од 12,3 инчи е споен со 7 инчната дигиталната инструмент табла со што ја добива доминантната позиција во средината. Особините како впечатлив, јасен и со одзив кој не те тера да чекаш за извршување на команда се особини кои го красат. Неговиот интерфејс е логично организиран, а поддршката за Apple CarPlay овозможува беспрекорна интеграција со паметниот телефон уште при првото поврзување. Под екранот, марката мудро ги задржала физички прекинувачи за управување со климатизацијата, гест кој многу од извиканите производители заборавиле дека е всушност удобност, а не назадување!
Климата со две зони, греење на предните седишта, безжично полнење и панорамски кров се составен дел сериската опрема.Предните седиштата се добро профилирани со задоволителна странична потпора, а облогата од еко-кожа е мека и пријатна на допир. Во задниот дел автомобилот нуди изненадувачки многу простор за колена и за главата, што е добредојдено за патниците со повисок раст. Багажникот со 430 литри нуди практичност без замерки, отворот е широк, прагот низок, подот рамен… мали детали кои вредат да се споменат.

По примерот на старата школа
Под предниот поклопец главната улога ја игра атмосферскиот 1.5 литарски агрегат со 105 КС и максимален вртежен момент од 142 Нм. Перформансите кои ги нуди припаѓаат на категоријата рационално, а не возбудливо. Но токму таква е и намерата, моделот U5 Plus не е сокриен спортски автомобил, туку уреден и практичен дневен придружник. Наместо класичен автоматски менувач, BAIC се одлучил за CVT пренос, безстепен варијатор кој го одржува агрегатот постојано во оптималниот вртежен опсег. Теоретски тоа значи поефикасна искористеност на моторот и континуиран прилив на сила без прекини. Во пракса, CVT го прави возењето беспрекорно мирно при константна брзина, што особено ќе им одговара на оние со поопуштени возачки навики.

Суспензијата е подесена кон удобност и во тоа успева убедливо. Нерамнините на патиштата се апсорбираат со целосна доверба, без грубо префрлање на вибрации во кабината. Управувачкиот механизам е лесен и предвидлив, оние кои бараат максимална повратна информација од патот ќе останат скратени од тоа задоволство, но оние кои бараат лесно и ненапорно маневрирање во секојдневниот сообраќај ќе бидат целосно задоволни. Стабилноста при автопатска брзина е пристојна, а шумот од ветерот на 120 км/ч останува во прифатливи граници.
Максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч. додека забрзувањето од место на мирување до 100 км/ч е еднакво на 11,5 секунди, постигнувањата не рушат рекорди но се во целост компатибилни со остатокот од конкурентите. Декларираната просечна потрошувачка изнесува 7,5 литри на секои 100 изминати километри, во нашиот случај, со комбинација на градско возење, магистрален пат и сегменти од автопат постигнавме 8,1 литар, без притоа да се залагаме за економичен стил на возење.

На крајот ќе додадеме, она што не може да се негира е дека BAIC со U5 Plus испорачува крајно искрен автомобил. Без маркетиншки трикови, без лажни ветувања, без скриени компромиси кои ќе ве изненадат по шест месеци. Го добивате тоа што гледате, а многу набрзо ќе сфатите дека добивате повеќе отколку што сте претпоставувале пред да започнете да се дружите со него. Моделот U5 Plus директно цели кон купувачи кои бараат рационален, удобен и добро опремен автомобил што може да се добие по пристапна цена.
Технички податоци за BAIC U5 Plus 1.5 CVT Honor
Цена на тестираниот модел: 19.900 евра
| Мотор | Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
| работна зафатнина | 1.499 см3 |
| пречник и од | –,- x –,- мм |
| степен на компресија | –,-:- |
| Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото |
| максимална моќ | 105 KС (77 kW) при 5.500 min/-1 |
| макс. вртежен момент | 142 Нм |
| Трансмисија | на предни тркала преку CVT автоматски менувач |
| Потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад крута оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
| Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
| Пневматици | 205/50 R17 (напред) 205/50 R17 (позади) |
| Каросерија | седан со четири врати, пет седишта |
| должина х ширина х висина | 4.660 x 1.820 x 1.480 мм |
| меѓуоскино растојание | 2.670 мм |
| траги (напред/назад ) | —-/—- мм |
| Тежина | 1.255 кг |
| максимална тежина | -.— кг |
| Багажник | 430 литри |
| Резервоар | 48 литри |
| максимална брзина | 180 км/ч |
| забрзување 0-100 км/ч | 11.5 секунди |
| просечна потрошувачка | 7,5 л/100 км |
| емисија на CO2 | — г/км |
BAIC U5 Plus во Македонија
| BAIC U5 Plus 1.5 MT5 Luxury | 17.900 евра |
| BAIC U5 Plus 1.5 CVT Honor | 19.900 евра |
Повеќе информации во BAIC Македонија на тел. (02) 24 42 451 или на www.baic-auto.mk
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е ДНА КОМУНИКАЦИИ.





















