Тест Cupra Leon: Спортска емоција за секојдневна употреба

Во светот на спортските хечбек модели, Cupra Leon се издвојува како автомобил што нуди совршен баланс помеѓу динамични перформанси, напредни технологии и естетика што е вистински магнет за привлекување погледи. Овој модел не е само варијанта на Seat Leon со поагресивен изглед, туку вистински премиум спортски автомобил со свој, автентичен карактер во кој Cupra како бренд успева да внесе нова димензија во класата, нудејќи уникатен спој на елеганција и спортска енергија.
Динамична препознатливост
Cupra Leon е автомобил кој совршено ја балансира спортската и агресивна појава со софистициран, премиум изглед. Како засебен бренд што се одвојува од Seat, Cupra успева да внесе карактеристичен визуелен идентитет во Leon, правејќи го еден од најатрактивните хечбек модели на пазарот. Предниот дел веднаш привлекува внимание со својата широка и ниско поставена маска со структура како саќе, карактеристична за спортските модели. Cupra логото во бакарна боја е сместено на средината, дополнувајќи го ексклузивниот изглед. Острите и тенки ЛЕД светлосни групи му даваат модерен и агресивен лик, додека дневните светла создаваат препознатлив потпис во облик на триаголници, што е специфично за Cupra.
Браникот има големи отвори за воздух кои не се само естетски елемент, туку и функционално придонесуваат за подобро ладење на моторот и аеродинамика. Поклопецот на моторот е оформен со две изразени линии што дополнително го нагласуваат спортскиот карактер. Гледано од страна, Cupra Leon има елегантна, но динамична силуета со нагласени линии што создаваат чувство на движење дури и кога е во мирување. Покривот е благо закосен кон задниот дел, што придонесува за аеродинамична форма. Автомобилот доаѓа со 18 инчни алуминиумски фелни, со дизајн инспириран од тркачки автомобили и посебно впечатливи бакарни детали кои се заштитен знак на Cupra.
На задниот дел највпечатлив елемент е целосната ЛЕД светлосна лента што се протега по целата ширина на возилото, создавајќи уникатен светлосен потпис. Овој елемент визуелно го проширува автомобилот, создавајќи поимпозантна појава на патот. Браникот е масивен и содржи дифузер кој не е само декоративен, туку и има аеродинамична функција. Моделот Leon во оделото на Cupra е автомобил кој успешно ги комбинира спортскиот карактер со елегантен дизајн. Детали како бакарни акценти, динамични ЛЕД светла, големи фелни и аеродинамични елементи му даваат уникатен идентитет со што се издвојува.
Срцето на возачкото искуство
Cupra Leon има внатрешност што беспрекорно ги комбинира спортските елементи со премиум материјали и модерни технологии. Дизајнот е фокусиран кон возачот, со кокпит што создава впечаток на тркачки автомобил, но истовремено нуди удобност и практичност за секојдневна употреба. Централната конзола и инструмент таблата се дизајнирани за да го стават возачот во фокус. Доминира дигиталната инструмент табла од 10.25 инчи, која нуди прилагодливи графики и спортски режими на приказ. Екранот може да прикажува различни информации, од класични брзинометар и бројчаник за вртежи, до мапа за навигација со целосен екран или податоци за перформанси. Во средината се наоѓа голем 12,9 инчен инфозабавен екран со најновиот Cupra UI интерфејс.
Дизајнот е минималистички, со речиси целосно отстранети физички копчиња, повеќето команди се управуваат преку допир или гласовни команди. Под екранот има сензорски клизачи за подесување на климата, што додава модерен изглед, но, управувањето бара малку привикнување. Ние сме поборници на физички команди, барем за контрола на вентилацијата и јачината на звукот. Деталите во бакарна боја и амбиенталното осветлување што се протега низ целата ширина на инструмент таблата му даваат на ентериерот ексклузивност и динамика. Амбиенталните ЛЕД светла можат да се персонализираат со различни бои, а истовремено служат како визуелно предупредување за системите за безбедност, како на пример кога имате возило во мртов агол. Иако верзијата која ја возевме беше опремена со стандардните седишта нивниот облик нуди солидна странична поддршка, а ергономската форма гарантира удобност при долги патувања.
Спортскиот управувач е еден од најважните елементи во Cupra Leon. Тој е со рамно дно и има бакарни детали што ја нагласуваат неговата ексклузивност. На него се сместени две најзначајни копчиња, Cupra Mode копчето кое овозможува директно менување на режимите на возење (Comfort, Sport, Individual), а на спротивната страна од управувачот е копчето за стартувавање на агрегатот, што додава тркачки карактер. На долниот дел од централната конзола доминира мал електронски менувач, а присутен е и безжичен полнач за телефон, како и USB-C порти. Иако Cupra Leon е спортски насочен хечбек, внатрешноста е пространа и добро организирана. Предните седишта нудат доволно простор дури и за високи возачи, додека задната клупа е комфорна за две возрасни лица, со доволно простор за нозете и главата. Багажникот има капацитет од 380 литри, што е рамките на сегментот, додека неговата правилна форма остава впечаток дека волуменот е повеќе од доволен за исполнување на регуларните семејни потреби. Она што Cupra Leon успева да го постигне е одличен пример за тоа како може да се изведе ентериер што ги задоволува и спортските ентузијасти и оние кои бараат комфор и технологија.
Забава во возењето
Тестираниот Cupra Leon користи 1.5-литарски четирицилиндарски турбо бензински мотор, кој е дел од новата генерација на ефикасни TSI агрегати од групацијата Volkswagen. Моторот испорачува 150 КС (110 kW) и 250 Nm вртежен момент, што му овозможува лесно и линеарно забрзување, особено кога е на средни вртежи, каде што турбополначот обезбедува солидна резерва на сила. Еден од клучните аспекти на овој мотор е 48 волтниот благ хибриден систем, кој помага при намалување на потрошувачката на гориво и штетните емисии. Овој систем овозможува краткотрајна поддршка при забрзување, а истовремено овозможува исклучување на моторот при возење со константна брзина за уште поголема ефикасност. Дополнително, располага со систем за деактивација на цилиндри (ACT), кој автоматски исклучува два цилиндри при ниско оптоварување. Ова значително ја подобрува потрошувачката, особено при долги патувања.
Во комбинација со моторот доаѓа седумстепен автоматски DSG менувач со двојна спојка, кој работи во неколку режими и нуди исклучително брзи и прецизни промени на степените на пренос. Менувачкиот склоп овозможува оптимална искористеност на моторната моќност, а благодарение на електронски контролираните режими, тој автоматски се адаптира на стилот на возење. Автомобилот е конструиран да овозможи идеален баланс меѓу комфор и спортска динамика, што го прави универзален избор за секојдневно возење, но и за подинамични авантури. С
успензијата е прецизно подесена за да обезбеди стабилност во свиоци, а истовремено овозможува доволно удобност на подолги патувања. Управувањето е директно и прецизно, со добро ниво на повратни информации до возачот. Дополнително, спортски подесениот ESP систем му овозможува на возачот да има повеќе контрола, но воедно остава простор за динамично возење без преголема интервенција на електрониката. Со оглед на тоа дека ова е влезната моторна верзија во гамата на Leon, не е екстремно спортска конфигурација, но благодарение на ниската тежина и добро избалансираниот мотор, менувач и шасија, овој модел нуди многу задоволство зад воланот. Одличен избор за возачи кои сакаат модерен, ефикасен и динамичен хечбек, со спортска нота, но без екстремна потрошувачка на гориво која за време на нашето дружење се движеше во зоната од 7,5 Л/100 км. Овој модел ги комбинира напредните технологии на групацијата со препознатливиот Cupra дизајн и спортски дух, нудејќи совршена рамнотежа помеѓу практичност и онаа малку подзаборавена страна, наречена забава во возењето.
Моделот Leon со беџот на Cupra не е само Seat Leon со поагресивен изглед, туку вистински премиум спортски хечбек со свој автентичен стил и карактер што нуди уникатно возачко искуство со фокус на динамиката, естетиката и врвната технологија.
Цената на тестириот модел: Cupra Leon 40.306 евра
Технички податоци за Cupra Leon 1.5 eTSI 150 DSG
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.498 см3 |
пречник и од | 74,50 x 85,90 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото |
максимална моќ | 150 KС (110 kW) при 5.000-6.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 250 Nm при 1.500-3.500 min-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 7 степен (DSG) автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 225/40 R18 |
каросерија | хечбек со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.398 x 1.799 x 1.444 мм |
меѓуоскино растојание | 2.686 мм |
траги (напред/назад) | 1.545./1.516 мм |
тежина | 1.360 кг |
максимална тежина | 1.890 кг |
багажен капацитет | 380 литри |
резервоар | 50 литри |
максимална брзина | 215 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 8,7 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,1/6,0/4,8 л/100 км |
емисија на CO2 | 109 г/км |
Cupra Leon во Македонија:
Cupra Leon 1.5 TSI S&S 150 | 32.327 евра |
Cupra Leon 1.5 eTSI DSG 150 | 35.423 евра |
Cupra Leon 2.0 TDI 150 DSG | 38.575 евра |
Cupra Leon 1.5 eHYB DSG 205 | 39.031 евра |
Cupra Leon VZ 1.5 eHYB DSG 272 | 49.812 евра |
Cupra Leon VZ 2.0 TSI DSG 300 | 51.358 евра |
Повеќе информации во Porsche Македонија на тел. (02) 26 26 266 или на www.cupraofficial.mk
Конкуренти:
Volkswagen Golf | од 31.836 до 42.641 евра |
BMW Series 1 | од 32.870 до 73.680 евра |
Opel Astra | oд 23.860 до 54.270 евра |
Toyota Corolla | од 27.790 до 42.490 евра |
Peugeot 308 | од 26.510 до 52.410 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.