Тест DFSK Seres 3: Возење на висок напон

Модел Seres 3 е вистинско изненадување во понудата на македонскиoт пазар, настапува со допадлив дизајн, карактеристики кои ги исполнуваат критериумите за модерен SUV автомобил, а како дополнителен атрибут доаѓа и неговиот погон што користи 100% електрична енергија

Бидејќи на повеќето од вас не ви звучат познато имињата Seres 3 и DFSK ќе нафрлиме неколку податоци кои би требало да ја задоволaт вашата љубопитност. Компанијата DFSK е создадена 2003 година со заедничко вложување на две кинески компании, Dongfeng Motor Corporation и Sokon Group со првична намера да произведува лесни комерцијални возила.

По успехот на тоа поле компанијата започнува со развој и производство на патнички возила, а првиот од низата што го доби европскиот сертификата е моделот Glory 580 кој воедно беше прв гостин од оваа куќа во нашата редакцијата. Следна изведба која зачекори на европското тло е SUV-купе моделот Glory F5 со кого имавме прилика да се дружевме минатата година. Сега, на почетокот од оваа година веќе имаме можност подобро да се запознаеме со Seres 3. Станува збор за првиот потполно електричен SUV на компанијата развиен во нивниот северноамерикански центар сместен во Силиконската долина што е задолжен за возила кои користат нови типови на енергија.

По европски вкус

Она што Seres 3 го нуди од дизајнерски аспект на многумина ќе им ги разбие предрасудите за тоа како изгледаат возилата кои доаѓаат од Кина, што во минатото не беше случај. На предниот дел доминира голема решетка која е затворена во целост, проткаена со сини елементи кои треба да ја нагласат припадноста кон новото (електрично) време. Страничната силуета открива современ дизајнерски пристап кој на моменти делува спортски, пред се поради слегувачката линија на кровот и обликот на стаклените површини кои како погледот одминува кон задниот дел на автомобилот одат во нагорна линија, што гледано од страна дава доза на динамика во дизајнот. Со задниот дел доминираат јасни и чисти линии без дополнителни и непотребни детали.

Задната светлосна група е одговорна за подигање на впечатокот со својот LED потпис и интегрираните покажувачи на правец со динамично движење. Во целина на екстериерот преовладуваат течни линии кои флуидно се движат по каросерија со што се создава слика која од Seres 3 прави во исто време да изгледа модерно и складно, исполнувајќи го условот што е особено важен за пребирливите европски купувачи.

Чекор пред некои ,,мејнстрим” производители

Она што ве очекува по отварањето на вратата од кабината е продолжување на веќе спомената модерна филозофија на дизајнерско изразување, податок што повторно покажува дека кинеските компании денес одат во чекор со светските трендови. Внатрешноста е извонредно пространа а материјалите кои се користени во нејзината изработка се со висок квалитет и извонредна завршна обработка, што доколку се спореди е за една скала погоре од некои ,,мејнстрим” производители. Предните седишта се исклучително удобни и овозможуваат подесување во повеќе правци.

Seres

Пред возачот се наоѓа дигитален кластер на инструменти на кој се прикажуваат сите примарни и секундарни информации. Инфозабавниот систем е поставен на највисоката централна точка и има екран осетлив на допир со димензии од 10,25” што е идентична големина со инструмент таблата. Истиот се одликува со исклучително едноставен интерфејс, брз одзив и несекојдневно висока резолуција. Задната клупа изобилува со простор и на неа без проблем може да се сместат три возрасни лица.

Во склоп со карактерот е и багажниот простор чиј волумен во страндардна конфигурација изнесува 526 литри. Дека станува збор за возило од новата генерација покажуваат напредните системи за пасивна и активна безбедност, камера со поглед од 360 степени… Tука се и елементите кои го подигаат нивото на комфорот од типот на панорамски покрив, кожен ентериер со греење на предните седишта и безжично полнење на паметен телефон.

Опсег од 320 километри

Кога зборуваме за моторната понуда кај DFSK Seres 3 може да заклучиме дека таа е крајно едноставна. Како единствен двигател се јавува електомотор со моќност од 163 КС (120 kW) што произведената сила ја испраќа кон предната оска преку директен менувачки склоп. Перформансите велат дека за да достигне 100 км/ч потребни му се 8,9 секунди, а максималната брзина е електронски лимитирана на 155 км/ч. Но, можеби поважно од овие постигнувања е влечната сила од 300 Nm која е на располагање практично од 0 врт/мин. Во целината значителна улога игра и литум-фосфатната батеријата која поседува капацитет од 53,61 kWh што според застарениот NEDC циклус треба да бидат доволни за опсег од 405 километри или 330 километри според новиот и попрецизен WLTP метод.

За време на нашето дружење Seres 3 возилото го превземавме со 320 км на екранот, а со едно полнење на батериите успеавме да поминеме 270 километри во комбинирани услови на возење на отворен пат и градски сообраќај. Пресметката вели дека ни биле потребни нешто повеќе од 19 kWh за извозени 100 километри. Вредно е да се напомене дека зимските услови и температурите кои се движеа под нулата или нешто над неа значително влијаат врз капацитетот на батеријата, затоа веруваме 300 километри со едно полнење е повеќе од реално постигнување.

Безброј бенефиции

Едно од најчестите прашања кое се наметнува кај секое електрично возило е времето на полнење на батериите. На тоа Seres 3 одговара со процес кој трае 30 минути кога е приклучен на брз полнач што може да испорача 100 kW. За жал таков уред во нашата земја сеуште не постои и не можевме да го потврдиме истото. Затоа целосното полнење со АС полнач (како оние што ги има низ државава) со проток од најмногу 6,6 kW трае 8-9 часа. Тоа значи дека најдобро е да се полни преку ноќ во домашни услови, што патем ќе ве чини окулу 60-100 денари на 100 изминати километри.

test DFSK Seres 3 EV

Моменталната распореденост на полначи – со бесплатно полнење, дозволува барем еднаш дневно да се „закачите“ на еден час полнење. При тоа завршувате домашни задачи или излез на пијачка, а надополнувате 10-тина проценти, доволно да покриете дневна потрошувачка од 25-30 км, и пак – безплатно. Слободен паркинг, патарини, немање 100-200 евра базични сервисни интервали и други бенефици… се плус плус!?

Во секојдневна употреба Seres 3 се одликува со леснотија во движењето. Управувањето низ град претставува особено задоволство, директниот управувач послушно го следи зададениот правец, а комфорно сетираната суспензија одлично ги апсорбира нерамнините со кои се прекриени улиците во главниот град. На отворен пат при брзини соодветни на законската регулатива се истакнува минималната бучавост која единствено доаѓа од струењето на ветерот окoлу возилото со што патувањето на подолги рути не само што преставува уживање туку во целина го подига искуството на повисоко ниво.

Seres 3 е SUV кој со сигурност ќе ви ги смени возачките навики и ставот со кој досега го перцепиравте учеството во сообраќајот, ненаметливо терајќи ве повеќе да размислувате за грижата на животната средина во која секојдневно егзистирате.

Цена на тестираниот модел е 33.000 евра, кој во моментот има и промотивен попуст.

Технички податоци DFSK Seres 3:

 

моторeлектричен
максимална моќ163 KС (120 kW)
макс. вртежен момент300 Nm
капацитет на батерија 53,61 kWh
трансмисијана предни тркала преку директен менувач
потпирањенапред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачкинапред дискови назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ пневматици 225/55 R18
каросеријаSUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина4.385 x 1.850 x 1.650 мм
меѓуоскино растојание2.655 мм
траги (напред/назад)1.485/1.485 мм
тежина1.650 кг
максимална тежина2.065 кг
багажен капацитет526 литри
максимална брзина155 км/ч
забрзување 0-100 km/h8,9 секунди
автономија405 км (NEDC) 330 км (WLTP)
емисија на СО20 г/км

Seres 3 во Македонија:

Seres 3 Standard30.000 евра
Seres 3 Premium33.000 евра

Повеќе информации во ABC Brother на тел. (02) 26 17 191 или на www.abcbrother.mk

Конкуренти:

Peugeot e-2008од 38.200 до 43.180 евра
Hyundai Kona EVод 33.000 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button