Тест Foton Tunland G7: Моќност која не познава пречки

Во светот на пикап возилата каде што конкуренцијата е жестока и не се трпат никакви импровизации, се појавува модел што сериозно ги поместува стандардите – Foton Tunland G7. Овој модел, веќе докажан и популарен во Кина, сега се претставува и кај нас како робусен, технолошки напреден и целосно опремен работен сојузник, подготвен за секакви услови и задачи. Нашето тестирање потврди дека станува збор за возило кое совршено го спојува комерцијалниот дух со удобноста и практичноста на модерното секојдневие.

Foton Tunland G7

Дизајн кој инспирира доверба

На прв поглед, Tunland G7 остава силен визуелен впечаток. Со своите 5.340 мм во должина, 1.940 мм во ширина и 1.870 мм во висина, станува јасно дека станува збор за сериозен пикап. Масивната предна решетка со хромирани елементи, LED дневните светла и изразените линии долж каросеријата го нагласуваат динамичниот и самоуверен став на возилото. Алуминиумските 18-инчни фелни, црните странични прагови и деталите со сиви акценти придонесуваат за спортска и истовремено професионална естетика.

Но, надворешниот изглед не е само за шоу – висок клиренс од 210 мм, робусна конструкција и товарен капацитет до 975 кг ја потврдуваат практичната природа на G7. Тоа е пикап кој е подеднакво удобен на градска авенија и на рурална, непристапна патека.

Ентериер кој изненадува

Кога ќе се влезе во кабината, Foton Tunland G7 пријатно изненадува. Ентериерот делува како да се наоѓате во модерен SUV, а не во класичен работен пикап. Кожните седишта со греење (електрично подесување за возачот), кожен волан со команди, автоматска клима и мултимедијален систем со 10,25-инчен екран го поставуваат стандардот високо. Предните и задните USB приклучоци, амбиенталното осветлување, Bluetooth поврзување, мобилен интернет, head-up дисплеј, круз контрола и безклучно стартување ја комплетираат сликата за модерен, технолошки напреден ентериер.

Во кабината има и дополнителни детали како грејачи на ретровизори, автоматски бришачи и светла, систем за филтрација на воздухот со PM2.5 филтер, задни отвори за вентилација и пространи одлагачки решенија на сите страни. Сé ова го прави Tunland G7 вистински конкурент дури и на некои SUV модели од повисока класа.

Технологија и безбедност на највисоко ниво

Tunland G7 не прави компромис кога станува збор за безбедност и асистенција при возење. Опремен е со широк спектар на системи кои вклучуваат електронска контрола на стабилноста (ESP), ABS, распределба на силата на сопирање (EBD), систем за помош при нагорнини и надолнини (HHC, HDC), контрола на тракција (TCS), предупредување за фронтален судир, следење на замор кај возачот, систем за следење на мртва точка и предупредување при промена на лента, 360° камера со сензори напред и назад, автоматска електронска рачна сопирачка со Hold Auto функција, интелигентен асистент за паркирање, надзор на притисок во гумите и систем за заштита на пешаци.

Доверливост под кожата

Срцето на Tunland G7 е 2.0-литарски Aucan дизел мотор со 160 коњски сили и 390 Nm вртежен момент. Нашиот тест примерок дојде со 6+1 мануелен менувач, но достапна е и ZF 8-брзинска автоматска трансмисија која овозможува порафинирано и поудобно возење. Вртежниот момент се чувствува веднаш, особено во пониските вртежи, што е клучно при стартување со товар или при теренски предизвици.

Foton Tunland G7

Погонот на сите четири тркала со BorgWarner систем овозможува избор меѓу четири режими на работа (2H, AUTO, 4H и 4L), што во пракса значи дека може да се справи со речиси секој терен, од асфалтирани патишта до длабоки оф-роуд предизвици. Возилото е стабилно во свиоци, а суспензијата ефективно ги впива нерамнините и полесните теренски удари.

Според фабричките податоци, комбинираната потрошувачка изнесува 7,5 литри на 100 километри, што е извонредно за возило со ваква големина и перформанси. Во наши услови, во комбиниран режим, успеавме да постигнеме околу 8,4 литри, што и понатаму останува во одлични граници.

Товарниот простор е обложен со заштитна пластика, а димензиите од 5.340 милиметри должина, 1.870 мм висина, односно 1.940 мм во широчина се доволни за различни намени – од транспорт на алат и материјали, до викенд патувања со опрема. Дополнително, можно е да се нарача и со ролетна за товарниот дел, заштитни рамки и сончев кров, што го прави уште попрактичен за индивидуални потреби.

Верен пријател со премиум карактер

Foton Tunland G7 не е само „working horse“, туку и возило што нуди удобност, технологија и сигурност во едно. Со богато ниво на стандардна опрема, одлични теренски способности, модерен дизајн и премиум ентериер, тој се позиционира како сериозна алтернатива на далеку поскапи модели од познати брендови.

Со почетна цена под 33.000 евра, Tunland G7 нуди извонредна вредност за вложеното. За таа цена добивате возило кое изгледа и се вози како да чини многу повеќе, и тоа со гаранција од 3 години или 150.000 км. Без дилеми, G7 е паметна инвестиција за оние кои сакаат повеќе од обичен пикап.

Авантурата не мора секогаш да започне со SUV. Понекогаш, започнува со нешто поробусно, а во таа улога одлично се снаоѓа токму Foton Tunland G7.

Цена на тестираниот модел: 32.937 евра

Технички спецификации за Foton Tunland G7

мотор Euro VIe, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.968 cm3
клиренс 210 мм
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа
максимална моќ 119 kW (160 Hp)
макс. вртежен момент 390 Nm
трансмисија На сите тркала преку 6+1 рачен менувач
потпирање Напред – независно потпирање со двојни рамена, назад лиснати опруги
сопирачки напред дискови, назад дискови, ESP, ABS, EBD, EBA, HDC, TCS
пневматици 265/60 R18
каросерија N1 пикап со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 5.340 х 1.940 х 1.870 мм
меѓуоскино растојание 3.110 мм
тежина 2.080 кг
влечна маса 3,000 кг
димензии на товарен простор (должина х ширина х висина) 1.520 х 1.580 х 440 мм
Однос на моќност и маса
kW / t
57.21
резервоар 76 литри
максимална брзина 160 км/ч
забрзување 0-100 km/h / секунди
потрошувачка (просек) 7,5 литри 100/км
емисија на CO2 140 гр/км

Повеќе информации во My Dealer на +389 2 2747415 или mydealer.mk

Конкуренти:

GWM Poer од // до // евра
Ssangyong Musso Grand од // до // евра
Isuzu D-Max од // до // евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button