fbpx

Тест Hyundai Elantra: Проверени вредности со нов печат

Компактна лимузина, комфор и опременост, како и долготрајност, се атрибутите со кои се носи Hyundai Elantra, номинирана во категориите најпосакуван семеен и бизнис автомобил од изборот Златно Тркало

Hyundai Elantra ужива голема популарност во изминатите неколку години. Причина за тоа е комфорот во ентериерот, остриот екстериер како и голем број на вредности и додатоци кои вообичаено не се наоѓаат кај останатите автомобили од класата.

Моделот Elantra своето патешествие го започна во девесетите години на минатиот век, во периодот кога корејскиот бренд штотуку почна да го гради своето име на светската сцена. Од тогаш до денес, многу работи се променија во корист на Hyundai, кој најпрво ги зацврсти позициите во САД, а потоа започна со крупни чекори да го освојува европскиот пазар.

Драстични промени во вистинска насока

Моделот Elantra е еден од најпопуларните модели на Hyundai, кој иако не е толку застапен на европскиот пазар, сепак има што да понуди. Elantra е староседелец во гамата на Hyundai, а со текот на времето стана помалку корејски, а се повеќе глобален автомобил. Така е замислена и шестата генерација која на пазарот доаѓа со нов облик, нови технологии под лимот и нова стратегијата за настап. Приказната продолжува во ист дух кога е претставена редизајнираната Elantrа, која што повеќе изгледа како целосно нов автомобил, што дефинитивно претставува своевидна отскочна даска за корејскиот бренд од повеќе причини.

Најзабележлив кај Elantra е нејзиниoт облик, што е некаде на половина пат помеѓу седан и купе-лимузина. Дизајнот носи навистина позитивни промени. Визуелно, измените на каросеријата се драстични, бидејќи конвенционалните светлосни групи се заменети со модерни триаголнести блокови, предната маска сега е адаптирана на новиот дизајн, а тоа може да се каже и за долниот дел каде се сместени атипичните светла за магла и новиот облик на долниот дел од браникот. На задниот дел веднаш се забележуваат целосно новите светлосни склопови кои својата инспирирација ја црпат од предните. Страничната силуета на новата Elantra останува во спортски стил, а за тоа придонесува прилично нискиот преден крај и особено подигнатиот заден крај, кои се спојуваат преку целосно заоблен лак на покривот.

Надворешност 1/3 | Elantra
Надворешност 2/3 |
Надворешност 3/3 | Elantra

    Ефикасен финиш

    Компанијата за оваа прилика ревидираше и поголем дел од ентериерот кај Elantra, најпрво се забележува новообликуваниот управувач кој одлично лежи во рака, следи централната конзола со нови контроли на системот за климатизација, што се едноставни за користење, а тука е и рамката над инструмент таблата која треба да го подигне нивото, истата е изведена во материјал што наликува на плетени јаглеродни влакна  Она што сепак е најважно е дека во амбиентот се забележуваат новите материјали кои се користените, со што кабинскиот простор добива комплетен и поефикасен финиш. Дополнително е работено на звучната изолација во кабината која е подигната на завидно ниво, затоа и при повисоки брзини патниците нема да имаат потреба да комуницираат на повисок тон.

    Внатрешност 1/3 |
    Внатрешност 2/3 |  
    Внатрешност 3/3 | Elantra

      Благодарение на доброто меѓуоскионо растојание, просторот со кој располага внатрешноста е повеќе од доволен за просечно семејство или пак за службен автомобил. Предните седишта овозможуваа лесно пронаоѓање на идеалната позиција дури и за покурполентните лица. На задната клупа без проблем може да се сместат три патници, но сепак конфорот во кабината е максимален доколку патуваат четири лица. Просторот за транспорт на багаж изнесува 458 литри, а доколку имате потреба за транспорт на подолги предмети, имајте на ум дека задната клупа може да се собори со што се отвора дополнителна можност за практична употреба.

      На комфорната страна

      Поставен на посебна платформа, моделот Elantra е долг безмалку 4,6 метри, со меѓуосовинско растојание од 2,7 метри. Моделот кој го возевме за својот погон користи 1,6-литарски бензински агрегат со 127 КС, а силата се пренесува со помош на рачен шестстепен менувач со извонредна прецизност во работењето што силата ја пренесува на предната оска. Проверениот атмосферски агрегат на Hyundai овозможува забрзување од 0 до „стотка“ за 10 секунди и најголема брзина од 200 километри на час.  Од овој агрегат не треба да се бара експлозивност, тој е скроен по принципот на кој повеќе му лежат долги делници, но диманичниот карактер му дозволува доволно добро да се снаоѓа и низ градскиот метеж. Неговата добра страна може да се види преку потрошувачката, секако таа знае да варира од начинот на возење, ние не внимававме премногу, затоа во нашиот случај таа изнесуваше 8 литри во просек на секои 100 изминати километри.

      Како што рековме погоре, конструкцијата на автомобилот и погонот кој го користи се наклонети кон конфорот во секојдневното користење. Затоа Elantra преферира да не се вози претерано темпераментно, во тие моменти во полн израз излегува на површина смирениот карактер на подвозјето кое е повеќе наклонето кон конфорот во патувањето отколку кон покажување на спортски амбиции, што не значи дека нема да се случи доколку одберете поголем агрегат.

      Гледано во целост, Hyundai Elantra е автомобил што во една рака може да ги задоволи потребите на семејните купувачи што не се гледаат себеси во “хечбек“  ниту пак во класичен седан, тука силуетата на купе со 4 врати ја игра главната улога. Од друга страна, проверениот агрегат поседува доволно добри динамички својства што може да ги задоволат потребите на поширок круг возачи. Како дополнителен зачин тука е и цената која за конкретниот модел изнесува 16.200 евра, сооднос на вложено-добиено на кој што конкурентите тешко можат да одговорат.

      СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

      Поврзани вести

      Back to top button