Тест Kia Xceed: Личен печат за појасна дистинкција
Новиот Kia XCeed е многу повеќе од класично преземање на основата од моделот Ceed и поставување на повисока основа

Новите компактни SUV возила продолжуваат да се појавуваат во незапирлив континуитет, бројките велат дека купувачите ги менуваат навиките и стануваат се попребирливи. Тоа добро го знаат раководните лица од Kia која веќе нуди богат опсег на SUV возила што се протега од Stonic преку Niro до Sportage и Sorento, а од неодамна линијата ја збогатија со „најспортската алтернатива“ во облик на Xceed.
Обликуван вон стандардните рамки
Корејците одлучија да го следат примерот кој веќе е искористен од некои други производители и да го понуди Xceed, нова верзија во линијата која е изградена врз база на носечкиот модел Ceed. Оваа изведба е четврт и последен член на семејството во кое му е доверена оваа улога, сепак тој не е типичен компактен теренец. Компанијата го опишува овој модел како „поспортска алтернатива“ на SUV возилата од гамата. Во основа тоа е пример за најновиот тренд на создавање на нови подсегменти. Очигледно е дека има доволно простор за манипулација помеѓу типичните семејни „хечбек“ автомобили и веќе традиционалните компактни SUV-ови за да се оправда комплетно нов вид на автомобил. Сепак, новиот XCeed е многу повеќе од класично преземање на основната од моделот Ceed и поставување на повисока основа. Верзијата Xceed со стандардната изведба ја поврзуваат единствено предните врати, се друго на екстериерот е дизајнирано специфично за него.
Да тргнеме од предниот дел, тука е забележлив обликот на браникот кој е со поголеми отвори за воздух и хромирани додатоци, светлосните склопови се со поагресивен дизајн и навлегуваат подлабоко кон средината на автомобилот. Страничната силуета дополнително ги открива разликите. Обликот наложува каросерија да биде подолга за цели 9 см, а нејзината поставеност е за 4 см повисоко отколку кај Ceed, надворешноста е обрабена со црни заштитни елементи, по примерот на протеренските изведби. Кровот е со далеку поизразена слегувачка линија како што се движи кон крајот на автомобилот. Купе силуетата се заокружува со уникатниот заден дел кој на највисоката точка имплементира изразен спојлер, тука се и впечатливите светлосни групи изведени во LED технологилија кои патем се стандард исто како и на предниот дел, додека обликот на задниот браник ја заокружува сликата за спортскиот дух кој го поседува Xceed.
Без оглед од кој агол се гледа, изгледа предизвикувачки и мудро, вистински сплет на линии кои визуелно го прават составен член на семејството, а во исто време го издвојуваат и го дефинираат неговиот личен печат.
Удобноста и комфорт во прв план
Со самото зачекорувањето во внатрешноста на Xceed повторно се сретнувате со познато опкружување, бидејќи во суштина ентериерот е речиси ист како кај варијантите на Ceed и Proceed. Единствените разлики од технички аспект се забележливи во делот на новиот дисплеј на инфотејмент системот кој е со големина од 10,25” што и припаѓа на најновата генерација, тука е и опционалниот 12,3” екран кој ги заменува класичните инструменти и може да се конфигурира според потребите на возачот. Што се однесува до материјалите, тие се за нијанса пораскошни одколку кај останатите верзии. Забележливо е дека дезенот кој е користен на облогите од вратите е смело изведен и се совпаѓа со опшивките на седиштата, мали но допадливи детали што носат дополнителна доза на свежина особено кога се искомбинирани во иста боја со рамките од вентилациските отвори како што е во случајов.
Понудата на простор во кабината е секако една од појаките страни на Xceed, минималното зголемување на надворешните габарити својата рефлексија ја испорачува на втората половина од автомобилот, задната клупа располага со простор каде што и повисоките лица ќе немаат проблем со удобното сместувањето, како во град така и на подолги релации. Исто така, во прилог оди и зголемениот волумен на багажниот простор што досегнува капацитет од речиси 430 литри.
Севкупниот впечаток е повеќе од позитивен, минималните промени во кабинскиот простор влијаат позитивно и прават овој модел да ја истакне својата комфорна страна.
Повисоката става не влијае врз возните карактеристики
На нашиот пазар Xceed засега се нуди во две бензински и една дизелска верзија. Тестираниот модел поседуваше моторна опција што брои 140 КС сили кои доаѓаа од 1,4 литарската зафатнина на агрегатот помогнат со турбо полнач, а силата ја испорачува преку 7 степена DCT автоматска трансмисија со двојна спојка кон предната осовина. Податоци кои на самиот старт ветуваат добра забава зад управувачот. Во оваа конфигурацијата е забележлива спортската нота која доаѓа до израз штом возачот ќе притисне на акцелераторот, вртежниот момент од 242 Nm ја започнува својата игра од ниски 1.500 врт/мин и без потешкотии го повлекува автомобилот од речиси 1,3 тони. Забрзувањето до 100 км/ч трае 9,5 секунди, а за да се постигне овој резултат своја заслуга има и добро пресметаната автоматска менувачка кутија, тука во игра се вклучуваат и сите 140 „пастуви“ што придонесуваат да се достигне крајната брзина од 205 км/ч.
Во секојдневна употреба низ градскиот метеж потрошувачката за време на тестот се движеше во зоната над 9 литри на секои 100 километри. Оваа слика се менува кога со Xceed ќе се излезе на отворен пат, потрошувачката се намалува на 8 литри, така пресметано во комбинирани услови не носи до просекот од 8,5 литри, што сепак е над декларираните 5,7 л/100 км. Вредно е да се напомене дека наскоро стартува и производството на хибридната изведба која се очекува да биде достапна и на нашиот пазар до крајот на годината. Моделот иако поседува повисока става, во возните карактеристики таа не претставува недостаток. Тоа во превод значи дека е многу пријатен автомобил за управување, возањето е удобно и релаксирачко, ветувајќи му на идниот сопственик максимален комфор на долги рути. Она што оди во прилог на Xceed е импресивното справување со свиоците каде подеднакво добро ја прикажува подготвеноста на прецизно калибрираното подвозје во овој формат.
Ова е уште еден ефикасен модел од корејскиот производител Kia што го подига квалитетот на повисоко ниво. Изгледа импресивно, добро вози, а завршната обработка одскокнува над стандардите, дополнително, изобилството на напредни технологии имплементирани во автомобилот значи дека е повеќе од веројатно дека има вистински предиспозиции да стане најпродаваниот модел од „подбрендот“ Ceed, затоа што е очигледно дека купувачите се повеќе бараат карактеристики што се вон стандардните рамки.
Цена на тестираниот 31.300 евра
Технички податоци за: Kia Xceed 1.4 T-GDi DCT 7 Launch Edition
мотор | Euro VI d-TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.353 см3 |
пречник и од | 71.6 x 84 mm |
степен на компресија | 10:01 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 140 KС (103 kW) при 6.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 242 Nm при 1.500-3.200 min-1 |
трансмисија | на предни тркала преку 7-степен автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 235/45 R18 |
каросерија | хечбек со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.395 x 1.826 x 1.483 mm |
меѓуоскино растојание | 2.650 mm |
траги (напред/назад) | 1.549/1.557 mm |
тежина | 1.270 kg |
максимална тежина | 1.870 kg |
багажен капацитет | 426 литри |
резервоар | 50 литри |
максимална брзина | 205 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 9,5 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 6,2/6,7/5,7 л/100 км |
емисија на CO2 | 130 г/км |
Xceed Во Македонија:
Xceed 1.0 T-GDi LX Vision 120 M6 | 18.550 евра |
Xceed 1.0 T-GDi EX Advance 120 M6 | 21.550 евра |
Xceed 1.4 T-GDi LX Vision 140 M6 | 19.950 евра |
Xceed 1.4 T-GDi EX Advance 140 M6 | 22.950 евра |
Xceed 1.6 CRDi LX Vision 136 M6 | 21.950 евра |
Xceed 1.6 CRDi EX Advance 136 DCT 7 | 26.900 евра |
Конкуренти:
Ford Focus Active | од 23.700 до 34.700 евра |
Повеќе информации во Киа Моторс Македонија или на тел. (02) 2570 283.