Тест Lexus ES 300h: Блесок од далечниот исток

Упорноста на јапонската марка да докаже дека може да им конкурира на „европјаните“ во секој сегмент се потврдува со моделот ЕЅ кој на темата луксузен седан настапува со имиџ изграден врз идивидуален дизајн, висока финална обработка и најнови достигнувања во индустријата

Од своето појавувањето во автомобилскиот свет Lexus го преставува своето видување за автомобилски луксуз. Како вистински преставник на марката, изведбата ЕЅ е тука да покаже дека софистицираниот стил и врвната технологија можат да бидат споени на начин различен од останатите модели во сегментот.

Рафиниран јапонски стил

Компаниската политика на Lexus вели дека седмата генерација на моделот ЕЅ треба да поседува надворешен дизајн што ќе биде уникатен и својствен, но пред се преознатлив за припадноста кон марката. Како што велат од таму ова е најеагресивниот ЕЅ досега со стилизиран дизајн кој се одликува со долг, широк став и спортска, но воедно и елегантна силуета која прави да наликува на купе автомобил.

Lexus

Специфичниот облик на светлосните склопови и нивната графика му даваат посебен печат на предниот крај, додека драматичниот изглед на заштитната маска (Spindle grille) ја зазема речиси целата фронтална површина и нескриено го истакнува својот карактер. Моделот Lexus ЕЅ е автомобил кој ги мами минувачите и ги привлекува погледите со својата надворешноста која е скроена софистицирано и елегантно, а гледано од некои агол и доста агресивно и динамично. Германската доминација во оваа класа трае доста долго со што се наметнати одредени услови кај надворешниот изглед. Сепак, јапонците играат по свои дизајнерски правила, а дали ваквиот пристап при обликувањето на екстериерот може да влијае за да се промени ситуацијата во моментов не може да се знае, останува времето да покаже.

Стилски ентериер

Кај Lexus секогаш се очекува внатрешноста да ве внесе во некоја нова димензија, а тоа чувство е особено присутно кај моделот ЕЅ. Карактеристичните особини кои се печат за овој премиум производител се сеприсутни во кабинскиот простор. Ништо налик на германскиот пример за уредување со чии преставници ги вкрстува копјата. Едноставното манипулирање со командите и максималната ергономија е водена од јапонската филозофија.

Земјата на изгрејсонцето има сопствени сваќања за луксуз и индивидуалност што се преточени во строга фузија на авангардни потези проткаени со низа технолошки достигнувања. Високото ниво на завршна изработака, исклучително прецизните споеви и врвните материјали кои се вградени во просторот создаваат супериорно чувство. Предните седишта нудат многу простор и страничната потпора која е исклучително добро изведени, доаѓањето до идеалната возачка позиција е многу лесно благодарение на повеќесмерното електрично подесување на седиштaта и управувачот.

Lexus

Она по што е посебен ЕЅ е секако задната клупа која овозможува да патувате како во највисока класа. Иако има место за три патници, одзади е идеално да се патува во двојка. Не е дека нема доволно простор, но тогаш до израз доаѓа комодитетот кои се нуди преку индивидуалното електрично подесување на аголот за потпирање на седиштата. Преку командите сместени во потпирачот за раце лицата кои патуваат на задните седишта можат да управуваат со дел од функциите кои обично се дел од возачкото опкружување, како аудио системот, греењето на седиштата…

Бизнис класа

Во лимузина која сериозно кокетира со должина од 5 метри луксузот на задната клупа не оди на штета на багажниот дел чиј капацитет од 475 литари овозможува секогаш да патувате со стил. Како што е ред,test Lexus 300h кластерот со инструменти доаѓа во дигитална форма на исклучително читок екран што ги прикажува сите основни параметри и дел од секундарните функции, дополнително тука е „head up“ системот што проектира информации за брзината, навигацискиот систем… директно на ветробранското стакло со што возачот нема потреба да го отргнува погледот од коловозот. Вториот екран кој доминира со кабината е задолжен за  инфозабавниот системот и е со димензии од 12.3 инчи, со него се командува преку „тач пад“ налик на оние што ги сретнуваме кај лаптоп компјутерите.

За разлика од конкурентите во ЕЅ со поголемиот дел секундарни функции се управува преку физички прекинувачи, што ги освои нашите симпатии. Доплолнителен елемент кој особено ни се допадна е аналогниот часовник со позадинско осветлување, кој во комбинација со исклучителниот Mark Levinson аудио систем се додатоци што елегантно го подигаат нивото на кабинското опкружување.

Единствено како хибрид

На пазарите ширум светот моделот ЕЅ се нуди со повеќе верзии на погонски единици, но за европскиот континент е предвидена само една опција со хибриден систем. Станува збор за работна единица со зафатнина од 2,5 литри со четири цилиндри кој работи по Аткинсов принцип. Бензинскиот аграгат самостојно произведува 176 КС а дополнителната моќ доаѓа од еден електромотор чија сила изнесува 120 КС и негова обврска е силата да ја насочи кон предните тркала. Збирната моќ која ја создава овој хибриден спој изнесува вкупно 218 КС.

Lexus

Хибридите на Lexus користат напреден систем кој што ја надополнува батеријата додека работи бензинскиот агрегат и преку регенерација на силата на сопирање. За преносот на силата се користи безстепен менувачки систем или т.н. континуирана варијабилна трансмисија (i-CVT) од најновата генерација што ја распоредува истата кон предната осовина и дозволува работа во повеќе „модови“ во зависност од потребите на лицето кое управува. На располагање се економичниот режим на работа (Eco) каде што предноста е дадена на штедливоста, Нормалниот мод (Normal) делува преку самиот систем кој го пронаоѓа идеалниот начин на работа во дадениот момент, со одбирање на спортската (Sport) можност за работа, вртежите на моторот одат повисоко а електромоторот во целост ја дава својата подршка. Доколку се притисне копчето кое е означено со EV овозможено е и самостојно придвижување само на струја, но само до максимални 50 км/ч и на кратка дистанца.

LexusГоростасната лимузина со должина од речиси 5 метри и тежина од 1.680 килограми достигнува 100 км/ч за 8,1 секунди и грациозно се движи до максималните 180 км/ч. Бројките на хартија и во реалност не се секогаш исти, во пракса моделот ЕЅ е секогаш подготвен да ги демантира скептиците. Овој патен крстосувач што за свое природно опкружување го смета автопатот вози со завидното ниво на комфор и поседува подвозје со одлична рафинираност за што некои од конкурентите со сигурност љубоморат. Производителот вели дека во просек ЕЅ троши 5,3 литри на секои 100 километри, податок кој не го потврдивме за време на неколкудневното дружење, но и со потешка нога на педалот за забрзување нашиот просек се движеше во зоната од 6,8 до 7,2 литри.

Постојат многу начини на кои може да се интерпретира луксузот, јапонскиот е исклучителен и различен пристап од она што го подразбира остатокот од светот. Врвната технологија, уникатниот дизајн и рафинираноста која ја поседува го прави моделот ЕЅ исклучително конкурентен во однос на европската „света тројка“ со која неминовно ќе биде споредуван.

Цена  на тестираниот модел 75.400 евра

Lexus

Технички податоци за  Lexus ES 300h Hybrid Luxury Premium
моторEuro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.487 см3
пречник и од87,50 x 103,48 мм
степен на компресија14,0:1
напојувањедве брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
максимална моќ на мотор со внатрешно
согорување/
максимална моќ на електромотор/
максимална моќ на хибриден систем
176 KС (131 kW) при 5.700 min/-1 /
120 КС (88 kW) /
218 КС (160 kW)
макс. вртежен момент/
вртежен момент на електро мотор
221 Nm при 3.600-5.200 min-1/
202 Nm
трансмисијана предни тркала преку E-CVT безстепена автоматски менувач
потпирањенапред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачкинапред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици235/45 R18 (напред) 235/45 R18 (позади)
каросеријаседан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.975 x 1.865 x 1.445 мм
меѓуоскино растојание2.870 мм
траги (напред/назад)1.590/1.615 мм
тежина1.680 кг
максимална тежина2.150 кг
багажен капацитет473 литри
резервоар65 литри
максимална брзина180 км/ч (електронски ограничена)
забрзување 0-100 km/h8.1 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,2/5,5/5,3 л/100 км
емисија на CO2100 г/км
Lexus ES 300h Hybrid во Македонија
Lexus ES 300h Hybrid Executive55.000 евра
Lexus ES 300h Hybrid Luxury64.500 евра
Lexus ES 300h Hybrid F Sport62.500 евра
Lexus ES 300h Hybrid F Sport Premium68.200 евра
Lexus ES 300h Hybrid Luxury Premium74.500 евра
Конкуренти:
Mercedes Eoд 57.480 до 97.980 евра
Jaguar XFод 53.600 до 88.900 евра
BMW 5oд 49.990 до 85.180 евра
Volvo S60од 43.000 до 65.000 евра

Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 3088 880

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button