Тест Toyota Yaris 1.5 Hybrid: Малечкиот кој високо цели

Новата генерација на Yaris атакува на титулата за најдобар автомобил во градската класа со модерно и вонсериски допадлив екстериер, максимално прецизно скроен ентериер и се разбира, хибриден погон со забавен карактер што му носи голема предност пред конкурентите

Златно Тркало финалист 2021Појавувањето на првата генерација на Toyota Yaris се случи во сега веќе далечната 1999 година која пристигна како замена за моделот Starlet. Овој целосно нов автомобил имаше модерен, карактерен дизајн, стилски ентериер, обилна практичност и забавна природата. Иновативноста што ја поседуваше му овозможи да ја освои наградата за Автомобил на Годината за 2000 година во Европа.

Со текот на годините пристигнуваа нови изведби, втората генерација на моделот додаде зрелост, додека во третата генерација за прв пат е воведен хибридениот погон. Проблемот е, како што одеа годините дизајнот започна да бледее, секоја нова генерација постепено стануваше сè помалку иновативна на тоа поле од онаа што ја заменува. Купувачите продолжија да го бараат, но не затоа што беше возбудливо обликуван, туку поради традиционалните предности кои марката ги носи.

Yaris

Во меѓувреме Toyota доби нов шеф, Акио Тојода, тој јасно кажа дека компанијата ќе го промени својот став и дека повеќе нема да произведува досадни автомобили. Неговите зборови преточени во реалност се рефлектираат целосно во новата четврта генерација на Yaris, која веднаш се бори за титулата најдопадлив автомобил во градската класа што денес е во понуда, со интересен ентериер и се разбира, хибриден погон што му носи низа предности пред конкурентите.

Скроен да привлече

За разлика од тоа што со секоја нова генерација доаѓаат нови и поголеми пропорции, Yaris во новата инкарнација на некој начин по своите димензии е најблиска до првата генерација. Габаритите на надворешноста се намалени, висината е спуштена за неколку сантиметри, додека севкупната должина е задржана под границата од 4 метри, затоа пак меѓуоскиното растојание е зголемно со што е обезбедено повеќе простор во кабината. Зашилениот, остар нос, големиот отвор за воздух, делот предвиден за поставување на регистарска табличка изведен во специфичен дезен како и внатешноста на предните светлосни групи кои го следат истиот терк се елементите кои му даваат спортска нишка на предниот дел.

Профилот, особено во двобојна верзија како што е тестираниот примерок го прави трендовски погоден. Како дополнување на предниот дел доаѓаат мускулестите ‘набабрувања’ над тркалата, опаѓачката линија на покривот и високо поставениот спојлер. Со задниот дел доминираат изразените светлосни склопови поврзани со црна пластика која изгледа како втор, пониско поставен спојлер. На крајот од долниот дел е обликот на задниот браник кој наликува на дифузор како што се употребува кај спортските модели. Заклучокот е дека со новиот пристап на креирање и малите возила на марката можат да изгледаат многу допадливо и пријатно за око, со што соодветно ќе можат да им парираат на европските конкуренти кои до неодамна важеа за дезајнерски посупериорни во тој поглед.

Yaris

Јапонски прецизно

Веднаш штом стапнавме во внатрешноста на Yaris забележуваме дека при конструирањето на кабината се водело многу сметка за поврзаноста со надворешноста. Предните седишта се поставени спортски-ниско, имаат добра седечка површина и солидна странична потпора. Модерната ткаенина е користена за обвивање на вратите, меката компонента е присутна над предниот дел, остатокот од кабината е изведен во пластика која зависно од поставеноста е со вообичаена структура или е направена во висок сјај. Сè делува повеќе од солидно и се разбира, сè е беспрекорно добро составено.

Пристапот на задните седиште делува тесно, но штом ќе се влезе задната клупа има пристоен простор каде две возрасни лица ќе се сместат без никаков проблем благодарение на меѓуоскиното растојание од 2.560 мм. Патниците на располагање имаат доволно простор за стапалата и колената, а главата нема да им да допира на кровот сè додека се пониски од 190 см. Багажниот простор е во долниот дел од класата со зафатнина од 286 литри, но правилниот облик и неговата длабочина дозволува да прими повеќе одколку што изгледа на прв поглед. Напредната технологија во кабината е застапена преку инфозабавниот систем со 8-инчен екран осетлив на допир што воедно е задолжен за комуницирање со мобилните телефони кои ги користат платформите на Apple и Android и ред други модерни ситници кои се дел од стандардното опкружување во денешницата.

Многу забава, мала потрошувачка

Моделот Yaris нуди неколку моторни опции, а најинтересна од сите е токму хибридната. Што значи, хибрид автоматскиот менувач (е-CVT) е стандард и е споен со нов 1,5-литарски трицилиндерски мотор кој по традиција во Toyota работи по Аткинсон циклус и користи технологија што обезбедува далеку поголема ефикасност од обичен бензински мотор. Исто така, има нов хибриден систем од четврта генерација што користи нова и помоќна литиум-јонска батерија.

Бензинецот располага со 92 КС и максимална влечна сила од 120 Nm при 3.600-4.800 врт/мин. додека електро моторот испорачува 80 КС и 141 Nm. По комплицирана пресметка овој хибриден склоп взаемно произведува системска моќност еднаква на 116 КС. На располагање се неколку начини на работа и тоа: EV, Eco и Power. Режимот EV се обидува да го задржи автомобилот што е можно подолго користејќи само електрична енергија. Начинот Eco е насочен кон максимална штедливост, додека Power модот ја користи максималната моќ од двата система со цел постигнување што е можно подобри перформанси. Постигнувањата од 9,7 секунди до 100 км/ч и максимални 175 км/ч се движат во корист на Yaris, затоа што за време на нашето дружење бевме во средина на декларираниот просек, постигнавме просечна потрошувачка од 4,5 литри на секои 100 км, а при тоа да не бидеме нежни со педалот за забрзување.

Успешно враќање во исклучително конкурентна игра

Релативно малата тежина, ниско поставениот центар на гравитација и софистицираната архитектура прават новиот Yaris да се чувствува како автомобил со многу робустен интегритет што тешко се исфрла од зацртана линија. Во градските гужви е на негова природна територија, хибридниот систем работи беспрекорно и од возачот не бара големи залагања. Во меѓувреме, при континуирана брзина на автопатот, делува цврсто поставен и стабилен што влева дополнителна доверба кај возачот кога се патува побрзо.

За новиот Yaris Hybrid накратко може да се каже дека има успешно враќање во исклучително компетитивната игра. Исто како што тоа го стори во 1999 година, Toyota повторно има привлечна опција која поседува повеќе квалитетни атрибути потребни за директна борба со досегашните лидери во сегментот.

Цена  на тестираниот модел 19.790 евра

Технички податоци за Toyota Yaris 1.5 Hybrid Chic BiTon

моторEuro VI, бензински, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина1.490 см3
пречник и од80,50 x 97,6 мм
степен на компресија14,0:1
напојувањечетири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото,
максимална моќ на бензински мотор /
максимална моќ на елекромотор /
максимална моќ на хибриден систем
92 KС (120 kW) при 5.500 min/-1
80 КС (59 kW)
116 КС (86.5 kW)
макс. вртежен момент на бензински мотор /
макс. вртежен момент електро мотор
120 Nm при 3.600-4.800 min-1
141 Nm
трансмисијана предни тркала преку e-CVT безстепен автоматски менувач
потпирањенапред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачкинапред самовентилирачки дискови,  назад полни дискови ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици185/65 R15
каросеријахечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина3.940 x 1.745 x 1.500 мм
меѓуоскино растојание 2.560 мм
траги (напред/назад)1.480/1.485 мм
тежина1.125 кг
максимална тежина1.450 кг
багажен капацитет286 литри
резервоар36 литри
максимална брзина175 км/ч
забрзување 0-100 km/h9,7 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)3,8-4,9 л/100 км
емисија на CO287-112 г/км

Toyota Yaris Hybrid во Македонија:

Toyota Yaris Hybrid Light17.990 евра
Toyota Yaris Hybrid Chic19.290 евра
Toyota Yaris Hybrid Chic Xtra BiTon20.790 евра
Toyota Yaris 1.5 Hybrid Style21.790 евра
Toyota Yaris 1.5 Hybrid Premier Edition BiTon23.290 евра

Конкуренти:

Honda Jazz Hybridoд 24.990 до 25.990 евра
Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 3088 880
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Поврзани вести

Back to top button