ВИДЕОНАСЛОВНАНОВИТЕТИТЕСТОВИ

Тест Porsche Macan: Усовршување на проверената формула

Моделот Macan е уште едно возило кое доаѓа од Зуфенхаузен што некако чудесно успеа да внесе доволно спортска ДНК во семеен SUV со речиси совршена рамнотежа без воопшто да го компромитира својот однапред искажан став кој во сите моменти работи во совршена хармонија

Претставен во 2014 година, Porsche Macan е вториот SUV на компанијата, позициониран под популарниот Cayenne, како најмалиот кросовер на Porsche. Од самото појавување на пазарот Macan наиде на одличен одзив кај купувачите, а доказ за тоа се и испорачаните 350.000 единици во период од 2014 до 2018 година. Со цел и понатаму да остане релевантен фактор во сегментот на компактни премиум SUV возила за моделската 2019 година Macan доби сеопфатен фејслифт и голем број на технички дотерувања. Во сите негови верзии имавме можност да го пробаме на европската презентација во Португалија, а сега во Авто Плус на тест го имаме во неговата бензинска 2.0 верзија со 245 КС.

Нагласени контури на спорски автомобил

Германскиот тим посветил големо внимание на подобрувањето на надворешниот изглед, поради тоа направени се значителни промени со цел да се освежи, модернизира и доближи до новиот корпоративен дизајнерски правец со елементи кои ја поврзуваат целата гама на возила. Однадвор Macan ги комбинира изразените гени на спортски автомобили со силен карактер. Предниот дел е целосно редизајниран и сега иако нема промени во големината, изгледа многу пошироко одколку преходно. Новите предни светлосни склопови стандардно доаѓаат со дневни светла во ЛЕД технологија, додека пак маската на ладилникот поседува изменет дизајн и значително поголем отвор. Во согласност со дизајнерскиот ДНК на Porsche.

Обновениот Macan има тридимензионален ЛЕД панел на задниот дел кој ги поврзува светлосните групи што се изведени по примерот на останатите модели од гамата и поседува позициони светла со четири точки, гласно потенцирајки го својот идентитетот и припадност на семејството. Широките рамења над задните тркала потсетуваат на моделот 911, со што на тој начин визуелно покажува дека новиот Macan е цврсто поставен на патот со кој суверено владее. Како краен резултат добиена е типична Porsche контура на непогрешливо спортско возило кое поседува висок аеродинамичен квалитет.

Екстериер 1/4 | Macan
Екстериер 2/4 | Macan
Екстериер 3/4 | Macan 
Екстериер 4/4 | Macan


    Спорски дух во практична смисла

    Внатрешноста на новиот Macan предизвикува веќе од самото влегување во кабината. Прво што паѓа во очи, а воедно и е главаната новина е централната конзола. Таа е со изменет дизајн и со променети отвори за достава на свеж воздух. Во нејзе идеално е вклопен новиот 10,9” „Full HD“ екран осетлив на допир кој покрај стандардните функции овозможува да се намали бројот на секундарни прекинувачи благодарение на неговиот лесен и интуитивен интерфејс.

    Тродимензионалната поставеност на контролите дава карактер на максимална ергономичност на кабината. Особено краток е патот од мултифункционалниот управувач до најважните функции на возилото кои се распоредени логички и на дофат. Материјалите кои се користени за изработка на елементите се како по правило со исклучителен квалитет, а завршната обработка подигнати на уште повисоко ниво. Простор не недостасува како на предните седишта така и на задната клупа, каде што комотно патуваат 4 лица.

    Во зависност од желбите за комбинирање компанијата создаде неколку предлози во нови колорни комбинации со што дополнително може да се персонализира целата внатрешност. Дека спортскиот дух и практичноста може да одат рака под рака ни покажува багажниот простор чија што зафатнина од 488 литри ги задоволува повеќето потреби за транспорт. Благодарение на ниската поставеност на вратата на багажникот и рамниот под на товарниот дел, лесно се пристапува кон целиот простор. Сите кои имаат потреба да пренесат нешто повеќе тоа може да го сторат со соборување на задните седишта како би го добиле максималниот волумен од преку 1.500 литри.

    Ентериер 1/4 | Macan 
    Ентериер 2/4 | Macan 
    Ентериер 3/4 | Macan 
    Ентериер 4/4 | Macan 


      Водечки во класата

      Како и кај останатите модели од куќата така и кај Macan дизелските агрегати се испратени во историјата. Засега како единствено погонско гориво се нуди бензинот, затоа под предниот поклопец се вградуваат две моторни единици кои ги исполнуваат строгите Euro 6d-Temp нормативи. Стандардната изведба со која воедно се дружевме неколку денови доаѓа со 2.0 литарски четирицилиндерски турбо агрегат кој испорачува максимални 245 КС и 370 Nm влечна сила. Многумина можеби ќе речат, какво е тоа Porsche со само 4 цилиндри, но верувајте додека не седнете зад управувачот не треба да судите врз база на податоците кои се преставени на парче хартија.

      Во реални услови перформансите кои ги испорачува Macan со овој мотор се далеку над нивото на конкурентите, изненадува елестичноста и можноста агрегатот да повлече во секој момент. Оддава чувство како да станува збор за возило кое има агрегат со многу поголема зафатнина и далеку повеќе коњски сили. Во прилог одат и декларираните можности, од место на мирување до 100 км/ч стигнува за 6,5 секунди, а максималната брзина од 225 км/ч покажува дека и тежината од преку 1.800 килограми не му преставува проблем.

      Секој Macan стандардно е опремен со погон на сите тркала, дистрибуцијата на силата ја одредува електронската контролна единица која се грижи во секој момент тркалата да имаат максимална тракција во зависност од стилот на возење и предходно одбраниот начин на работа. Во склоп со агрегатот пристигнува модифицираната и исклучително брза автоматска менувачка кутија со двојна спојка која има 7 степени на пренос. Истата, кога функционира во склоп со адаптивниот cruise control поседува можност да работи во т.н. мод за крстарење со што влијае кон намалување на потрошувачката. Кога веќе ја спомнавме потрошувачката, таа во просек се движи помеѓу 10 и 11 литри на секој 100 изминати километри кои за можностите на возилото се сметаат за прифатливи.

      Останатите промени под кожата на Macan се однесуваат на подобрените динамички својства во управувањето со што повторно ги подига стандардите во класата. Системот за сопирање е комплетно ревидиран и сега поседува поголемите дискови на сите четири краја со што е овозможено подобро запирање во сите услови на возење. Како дел од освежувањето доаѓаат и алуминиумски тркала со нов дизајн и со намалена тежина. Големина се движи од 18 до 21 инчи, а во нашиот случај дијаметарот изнесува 20 инчи облечени во пневматици 265/45 напред и 295/40 на задниот крај.

      Моделот Macan во своето обновено издание преставува идеално возило со кое се зачекорува во светот на Porsche. Неговиот надворешен изглед тоа го покажува, внатрешните гагабарити скроени за потребите на целото семејство го потврдуваат истото, а моторната опција доаѓа како финален печат што преку задоволството во возењето создава искуство што ретко кој може да го понуди.

      Цената на тестираниот примерок изнесува 91.356 евра.

      Технички податоци за Porsche Macan

      моторEuro VI d-Temp, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
      работна зафатнина1.984 см3
      пречник и од82,5 x 92,8 мм
      степен на компресија9,6:1
      напојувањедве брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
      максимална моќ245 KС (180 kW) при 5.000-6.750min/-1
      макс. вртежен момент370 Nm при 1.600-4.500min/-1
      трансмисијана сите тркала преку 7-степен автоматски менувач
      потпирањенапред Мекферсонов систем, независни попречни водилки, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
      сопирачкинапред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
      пневматици265/45 R20 (напред) 295/40 R20 (позади)
      каросеријаSUV со пет врати, пет седишта
      должина х ширина х висина4.696 x 1.923 x 1.624 мм
      меѓуоскино растојание2.807 мм
      траги (напред/назад)1.655/1.651 мм
      тежина1.870 кг
      максимална тежина2.510 кг
      багажен капацитет488 литри
      резервоар75 литри
      максимална брзина225 км/ч
      забрзување 0-100 km/h6,5 секунди
      потрошувачка (отворен пат/град/просек)7,3/9,5/8,1 л/100 км
      емисија на CO2185 г/км

      Porsche Macan во Македонија

      Porsche Macan 2.0 245 КС76.261 евра
      Porsche Macan S 3.0 V6 354 КС82.607 евра

      Повеќе информации во Порше Македонија или на тел. (02) 262 6266.

      Конкуренти

      Alfa Romeo Stelvioод 44.900 до 60.900 евра
      Аudi Q5oд 51.662 до 67.797 евра
      Jaguar E-Paceoд 43.900 до 70.300 евра
      Mercedes GLCoд 52.990 до 112.990 евра

      Погледнете ја нашата галерија:

      Клучни зборови

      Поврзани вести

      Може и ова да ви се допадне

      Close
      Back to top button
      Close