fbpx

Тест Subaru XV: Способности за кои многумина сонуваат

Со сé поголемиот наплив од SUV автомобили и каравани кои имаат изглед на теренци, но и недостаток на теренски способности, моделот XV на Subaru се истакнува како еден од ретките автомобили што нема декоративна пластика на каросеријата само за да биде поубав, таа е тука со вистинска причина, да ја заштити надворешноста кога автомобилот се користи онака како што неговите создавачи замислиле, вон асфалтна подлога!

Моделот XV во понудата на Subaru е еден вид скриен адут кој во речиси вообичаен облик на хечбек инкорпорира вистински теренски способности, што воедно го истакнува за вистински пример како треба да изгледа и функционира еден модерен кросовер што на себе го носи беџот на марката која е синоним за погон на сите тркала.

Subaru XV

Теренски хечбек

Најпродаваниот модел на марката од неодамна е достапен во ажурирана форма за европскиот пазар, што значи дека сега е и визуелно освежен, а тоа особено се забележува на предниот дел. Тука, светлосните склопови се со нова форма, решетка на ладилникот добива поконкретен изглед, браникот е ажуриран и изведен по нов терк, а поклопецот на моторот е поставен под поинаков агол. Елементите кои подлегнале под естетска интервенција на задниот дел се минимални и се однесуваат на ревидирање на светлосните склопови и изгледот на задниот браник. Повеќе од забележливо е дека кај изведбата XV дизајнот на каросеријата е тесно поврзан со моделот Impreza, но затоа шасијата со 22 см растојание од земја и постојан погон на четири тркала сугерираат дека во овој случај станува збор за кросовер или пак теренски хечбек.

Subaru XV

Дизајнот на кабината е едноставен и интуитивен, акцентот е ставен на практичноста, а не на луксузот. Материјалите кои се употребени во внатрешноста покажуваат висок квалитет и голема издржливост што очигледно сосема одговара со целината и замислата за употребувањето на моделот XV. Забележливо е дека вратите се отвораат под доста широк агол што го прави влегувањето и излегувањето од кабината многу поедноставно. Возачката позиција се пронаоѓа лесно, а благодарение на големите стаклени површини и видливоста е на завидно ниво. Релативно долгото меѓуоскино растојание на XV овозможува пристоен простор за задните седишта, каде што две лица со поголеми габарити ќе патуваат во максимален комфор. Трет патник препорачуваме само на пократка релација, а тоа е поради високиот тунел за погонот кон задните тркала.

Практично интуитивен

Subaru XVИако користи погон на сите тркала тој не го компромитира багажниот простор кој е со големина од 385 литри, што е еквивалент на повеќето возила од сегментот. Управувањето со повеќето команди е изведено преку физички копчиња за разлика од ривалите кои фаворизираат се да зависи од екранот на допир што е далеку поедноставни и поинтуитивно во секојдневна употреба. Неизоставен дел од секој модерен автомобил е и инфозабавниот систем кој тука е со бистар 8 инчен дисплеј и овозможува вообичаено поврзување со популарните оперативни системи на паметните телефони.

Во изведба XV компанијата нуди две можности на моторизација, 1.6 литарска работна единица и 2.0 хибридна опција. Ние имавме прилика да ја испробаме послабата опција која на хартија не изгледа дека се расфрла со перформанси. Овој 1.6-литарски четирицилиндричен боксер има само 114 КС, моторот треба да се врти до високи 6.200 вртежи во минута за да го даде својот максимум, а вртежен момент од 150 Nm е достапен при 3.600 вртежи во минута. Но ако сте љубител на побрзо темпо во возењето притиснете посилно на педалот и ќе се постигне забележителен напредок. Забрзувањето до 100 км/ч трае 13,9 секунди а максималната брзина изнесува 175 км/ч.

„Помалку е повеќе“

Симетричниот погон е перманентен и распореден кон сите четири тркала, а за преносот се грижи безстепена (Lineartronic) CVT автоматска трнасмисија. Резултатот од просечната потрошувачка вели дека за секои 100 изминати километри ни биле потребни 8,7 литри бензинско гориво. Од друга страна конструкцијата на „Boxer“ моторот (заштитен знак на Subaru) и неговата поставеност придонесува за понискиот центар на гравитација на автомобилот што несомнено придонесува за добрата управливост.  Многу важен фактор што овозможува вонсериски возни особини, а моделот XV е под постојан погон на сите тркала. Меѓутоа, погонот на четири тркала не допринесува само уверливи моменти на асфалтот туку значи дека XV е многу способен и на терен каде што ги надминува сите очекувања. Изведбата XV доаѓа со стандардна програма за возење наречена Х-Mode која се активира со едноставно притискање на копче зад менувачот со што стартува теренскиот режим на работа на преносот на силата и контролата на пролизгување.

Subaru XV е една уникатен предлог што важи како најдобра опција при изборот на автомобил кој освен одличните квалитети на асфалтна подлога во секодневна употреба е способен да овозможи и многу забавни авантури на локации за кои обичните кросовери и SUV модели може само да сонуваат да отидат.

Цена на тестираниот модел: 34.990 евра

 

Технички податоци за Subaru XV Comfort 1.6i-S AWD Lineartronic

мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен,  четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред хоризонтално (Boxer)
работна зафатнина 1.600 см3
пречник и од 78,8 x 82,0 мм
степен на компресија 11:01
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото,
максимална моќ 114 KС (84 kW) при 6.200 min/-1
макс. вртежен момент 150 Nm при 3.600 min-1
трансмисија на  сите четири тркала преку  безстепен (CVT) автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад двојни попречни рамења, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/60 R17 (напред) 225/60 R17 (позади)
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.465 x 1.800 x 1.615 мм
меѓуоскино растојание 2.665 мм
траги (напред/назад) 1.550/1.555 мм
тежина 1.408 кг
максимална тежина 1.940 кг
багажен капацитет 385 литри
резервоар 63 литри
максимална брзина 175 км/ч
забрзување 0-100 km/h 13.9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 6,1/8,2/6,9 л/100 км
емисија на CO2 157 г/км

 

Subaru XV во Македонија:

Subaru XV Trendy 1.6i-S AWD Lineartronic 32.990 евра
Subaru XV Comfort 1.6i-S AWD Lineartronic 34.990 евра

Повеќе информации во Толту Моторс или на тел. (02)2 654 654.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button