fbpx

Тест Toyota C-HR Hybrid AWD-i: Еволуција на храброст и одважност

Оригиналната Toyota C-HR претставуваше своевиден пресврт и за јапонската марка, но и за севкупниот европски C-SUV сегмент. Јапонците лансираа радикален додаток во исклучително конкурентниот пазар, создавајќи контраст со конвенционалниот SUV стил со драматичен дизајн со остри линии кои повеќе наликуваа на изгледот на современите спортски купеа. Резултат на сето тоа се речиси 900.000 продадени единици. Токму поради тоа, овој храбар ризик на Toyota се покажа како мошне исплатлив, а со својот необичен стајлинг, C-HR успеа да привлече голем број фанови, а истовремено помогна да се промени перцепцијата на јавноста за Toyota во Европа, додавајќи силна емоционална димензија на брендот. Дури половина од купувачите навеле дека стилот на автомобилот била главната причина поради која се одлучиле да го купат C-HR.

Кога веќе има испробан рецепт, но и своевиден пионер во сегментот, Toyota не сакаше да менува премногу. Новата генерација на C-HR е природна еволуција на она што започна пред неколку години и го подигнува квалитетот и статусот на својот претходник на следно ниво со авангарден дизајн, напредни технологии и хибридни и plug-in хибридни погонски агрегати со зголемена моќност и проширени можноста за целосно електрично возење. Истовремено, новиот C-HR ја отсликува засилената посветеност на Toyota на Стариот континент, бидејќи новата генерација е замислена во Европа со цврст фокус на потребите на европските купувачи и притоа се произведува исклучиво во Европа.

Похрабар од претходно

Тест Toyota C-HR

Кога станува збор за самиот дизајн, новата Toyota C-HR останува верна на стајлингот кој беше прикажан на концептот Prologue кон крајот на 2022 година. Предниот третман го следи дизајнерскиот јазик кој претставува ново лице за новите SUV возила на јапонската марка, а кои можат да се забележат и кај електричниот bZ4X и новиот Prius. Изгледот е остар, а темата со испреплетени облици е истакната во линиите долж страните на возилото, каде се истакнуваат рачките од вратите кои се израмнети со површината. Динамичниот изглед на автомобилот дополнително е засилен со кратките препусти и големите тркала чиј пречник достигнува до 20 инчи, додека аеродинамичните префинетост ја оптимизираат ефикасноста без да го загрозат стилот. Во конкретниот автомобил кој го имавме на тест, во GR Sport изведба, се истакнуваат и неколку значителни додатоци како 19” алуминиумски бандажи со пневматици 225/50 R19 со GR SPORT дизај, потоа панорамски покрив со топлинско изолационо стакло, автоматски адаптивни предни LED светла, автоматско прилагодување на висината на фаровите и Bi-Tone + надворешен финиш на каросеријата.

Со влегувањето во кабината, C-HR ве обвива во премиум и префинето опкружување во кабината. Контролите се смислено поставени, со фокус на искуството на возачот. Беспрекорниот и интуитивен кориснички интерфејс им овозможува на возачите без напор да контролираат широк опсег на функции преку екран на допир, гласовни команди или апликација за паметен телефон.

Со сето ова, Toyota ги прекрши сите норми кои самата ги постсави во минатото. Пред возачот се два екрани со јасна и прецизна графика без непотребни детали кои само ја одвлекуваат концентрацијата. Тука се и физичките копчиња кои се наоѓаат на одлично место, дополнително подобрувајќи ја ергономијата во кабината. Малата рачка од менувачот е иста како кај Lexus и Prius, a движењата се доволно кратки и прецизни за полесно управување со истиот. Општиот впечаток за квалитетот е навистина импресионирачки, со оглед на тоа дека материјалите и завршната обработка се ниво над сите актуелни модели на Toyota. Тука особено се истакнува и внатрешниот електрохроматски ретровизор и head-up екранот во боја. Во тестираниот модел имавме 12,3-инчен екран на допир со висока резолуција, бежичен полнач за телефон, JBL Premium Sound аудио систем со 9 звучници, тапацир за седишта од превртена кожа GR SPORT, направен од 45% рециклирани материјали бидејќи, како што велат од Toyota, одржливоста е основен фокус за новиот C-HR, со широка употреба на рециклирани материјали и иновативни дизајнерски мерки за намалување на емисиите на CO2.

Агилност и прецизност

Новиот C-HR нуди и возбудливо возачко искуство. Агилното и брзо ракување, во комбинација со интуитивно забрзување, обезбедува возбудливо возење секој пат. Обемното тестирање од водечките тест возачи на Toyota гарантира оптимални перформанси во сите услови, обезбедувајќи им на возачите доверба и контрола на секое патување.

Кога станува збор за погонските опции, Toyota одлучи да ги понуди сите хибридни технологии одеднаш. Поставата започнува со верзијата 1.8 HEV 2WD која има сличен погонски систем како претходната генерација и испорачува 140 коњски сили. На спротивната страна се наоѓа најмоќниот plug-in хибрид со 223 КС, кој патем ја споделува технологијата со новиот Prius. Помеѓу двете верзии се наоѓа и моделот кој ние го имавме на тест – C-HR HEV 2.0 со 197 коњски сили – класичен хибрид со дополнителен електромотор поставен на задната оска, што овозможува погон на сите четири тркала.

Тест Toyota C-HR

Дволитарски бензински мотор е основата на погонот, додека електричниот  мотор од 113 КС (206 Nm) се наоѓа на предната оска и електричен мотор од 43 КС (84 Nm) на задната страна. Симбиозата на работата на моторот ја одредува компјутерот, кој по потреба го користи електромоторот само за кратки градски патувања, но го вклучува и моторот на задната оска доколку е потребно, што ни дава погон на сите тркала. Вкупната комбинирана моќност на системот е 198 КС со нејасно деклариран вртежен момент.

Патем, Toyota одлучи со новиот C-HR да тргне во една поинаква насока, нешто што досега беше вообичаено за Lexus. Имено, благодарение на двата електромотори и нивната подготвеност веднаш да реагираат со оглед на тоа дека вртежниот момент е веднаш достапен кај истите, добиваме нешто што јапонскиот производител го нарекува „перформансен хибрид“. За тоа сведочат и бројките кои велат дека забрзувањето од место до „стотка“ се достигнува за околу осум секунди, иако максималната брзина е електронски ограничена на 180 километри на час.

Тест Toyota C-HR

Управливоста е неверојатно прецизна и навистина прогресивна, особено ако се земе предвид дека не станува збор за спортски автомобил, но е исклучително мирен дури и низ најострите маневри, без засилени инерции од страните, со што влева дополнителна доверба кај возачот. Причина за ова е тоа што GR Sport варијантата има специфично прилагодување на системот за потпирање. Имено, системот е надграден на технологија за контрола на чувствителност на фреквенција. Така, идромеханичкиот систем ја зголемува силата на амортизација при ниски фреквенции за да обезбеди супериорна контрола на каросеријата, како и одржување подобра контрола на свиоците. Сето ова дополнително ја подобрува удобноста при возењето.

Она што ја издвојува новата петта генерација на хибридите на Toyota е батеријата од 4,08 kWh која сега акумулира повеќе електрична енергија и преку e-CVT менувачот овозможува поефикасна работа на хибридниот систем и чисто електрично возење. Сето ова резултира со декларирана просечна потрошувачка од околу пет литри на 100 километри кај C-HR.

Тест Toyota C-HR

Ново ниво на безбедност

Високото ниво на иновација во целосно новата Toyota C-HR ја вклучува уникатната функција за автоматско паркирање во својата класа, која е достапна кај верзијата која ние ја имавме на тестирање. Но, без разлика на кој модел ќе се одлучите, добро е да се знае дека сите верзии на целосно новата Toyota C-HR го користат најновото портфолио на Toyota Safety Sense со функции за активна безбедност и помош при возење. Нивниот опсег и функционалност се проширени за да обезбедат уште поголема заштита од многу вообичаени ризици и да го намалат товарот на возачот.

Меѓу клучните карактеристики треба да се истакне и ново потиснување на забрзувањето кое го успорува секое ненадејно користење на педалата за гас кога ќе се открие ризик од судир со возилото напред. Исто така, новиот Proactive Driving Assist (PDA) работи при мали брзини, обезбедувајќи непречено забавување кога возачот испушта гас кога се приближува кон побавно возило напред или кога влегува во кривина.

Без разлика дали се работи за спортските дизајнерски знаци на GR Sport или луксузните карактеристики на High Premiere Edition, C-HR ветува дека ќе привлече нови клиенти и ќе го зајакне брендот Toyota во Европа со својот иконски дизајн, беспрекорна технологија и електрифицирани погонски единици. Со целосно новата Toyota C-HR, Toyota го редефинира стилот, технологијата и одржливоста во сегментот, поставувајќи нов стандард за тоа што може да биде компактен SUV.

Технички податоци за Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport

Цена на тестираниот модел: 51.190 евра

мотор Euro VI ЕА, бензински, четиритактен, трицилиндерски, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.987 cm3
пречник и од 80,50 x 97,50 mm
степен на компресија 14,0:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа и индиректно Multi-point вбризгување на горивото
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 152 KС (112 kW) при 6.000 min/-1
максимална моќ на прв електромотор 113 КС (59 kW)
максимална моќ на втор електромотор 41 КС (3,9 kW)
максимална моќ на хибриден систем 197 КС (85 kW)
макс. вртежен момент  на мотор со внатрешно согорување 190 Nm при 4.400-5.200 min-1
вртежен момент на прв електромотор 206 Nm
вртежен момент на втор електромотор 84 Nm
трансмисија на четири тркала преку E-CVT безстепен автоматски менувач
потпирање напред, независно потпирање тип MacPherson / назад, независно потпирање со двојни носачи со пружина
сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/50 R19
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.362 x 1.832 x 1.558 mm
меѓуоскино растојание 2.640 mm
траги (напред/назад ) 915 / 805 mm
тежина 1.610 kg
максимална тежина 2.015 kg
багажник 424 литри
резервоар 43 литри
максимална брзина 170 km/h
забрзување 0-100 km/h 8.1 секунди
потрошувачка (просек) 5.1 l/100 km
емисија на CO2 115 g/km

Toyota C-HR во Македонија:

Toyota C-HR 1.8 HYBRID E-CVT 2WD Cult 33.990 евра
Toyota C-HR 1.8 HYBRID E-CVT 2WD Club 36.990 евра
Toyota C-HR 1.8 HYBRID E-CVT 2WD Classy 40.590 евра
Toyota C-HR 2.0 HYBRID E-CVT, 2WD Classy 43.490 евра
Toyota C-HR 2.0 HYBRID E-CVT, 2WD Premier Edition 47.990 ерра
Toyota C-HR 2.0 HYBRID E-CVT, AWD-i Classy 47.790 евра
Toyota C-HR 2.0 HYBRID E-CVT, AWD-i Premier Edition 50.290 евра
Toyota C-HR 2.0 HYBRID E-CVT, 2WD PHEV GR Sport 56.690 евра

Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 30 88 880

Конкуренти:

Hyundai Kona од 29.900 до 42.300 евра
Nissan Juke од 25.490 до 40.800 евра
Mazda CX-30 од 29.350 до 34.790 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button