fbpx

Тест Toyota RAV4 Hybrid: Подигнување на стандардите

Од преставувањето на првата генерација во 1994 година, Toyota RAV4 има стекнато лојална база на следбеници кои ги ценат неговите вредности

zlatno trkalo finalist

Во многу сегменти најновото издание на Toyota RAV4 не е далеку од изворниот модел но, сега е технолошки понапреден и многу пософистициран од своите претходници особено во тестираната хибридна варијанта. Речиси нема автопроизводител во светот кој може да се пофали со историја на градење хибридни возила како што е Toyota.

Откако го лансираа својот првенец, моделот Prius во далечната 1997 година, до крајот на 2018 година на пазарите ширум светот Toyota пласираше речиси 13 милиони хибридни возила. Покрај моделот Prius до денес опсегот на модели кои може да се добијат со хибридна моторизација е дополнително проширен, па така свои хибридни изданија имаат Yaris, Corolla, Camry, C-HR и секако популарниот RAV4.

Во вистински правец

Стајлингот на надворешноста му дава на RAV4 јапонски авангарден дизајн со видливи американски стилски примеси. Дизајнерите успешно ја завршиле работата бидејќи во морето на се попопуларни SUV возила новиот карактеристичен преден дел го издвојува RAV4 од останатите преставници во сегментот.

 

1 | Toyota RAV4
2 | Toyota RAV4
3 |

    За разлика од предходникот може да се забележи дека профилот изгледа поскладно и делува далеку пософистицирано, особено во конфигурација со двобојна изведба на каросеријата и изразените елементи од пластика на долниот дел од возилото и окулу отворите над тркалата што воедно асоцира на неговите теренски способности.

    Задниот дел делува најдинамично во целиот концепт, поставеноста на кровниот спојлер и вратата од багажникот која е изведена под остар агол и обликот на светлосните склопови делуваат многу свежо и спортски, нешто што не е карактеристично за јапонската компанија.

    Во целост земено, специфичниот изглед на надворешноста е голем исчекор за Toyota во позитивна насока што само може да ја зголеми базата на фанови и да побуди интерес кај оние кои предходно сметале дека за овој модел може да се одлучат само поради напредните технолошки склопови.

    Комфор за целото семејстово

    Во внатрешноста на RAV4 чувството е исклучително пријатено, големата пространост на кабината е очигледна, а дополнителен комфор носи и начинот на кој е изведена. Површините кои се во видно поле и почесто изложени на допир се направени од високо квалитетни материјали, а онаму каде погледот и раката нема да ви оди често се направени од потврда пластика, но со висок квалитет.

    Нешто што посебно ни се допадна е употребата на гума со изразена текстура на внатрешната страна од рачките за затварање на вратите и големите прстени на контролите за климатизација. Ергономијата е на високо ниво, примарните и секундарни команди се логички распоредени и на дофат, воедно истите се и едноставни за користење.

    Единствената замерка во кабината оди на сметка на инфотејмент системот кој иако поседува копчиња за брз пристап до одредени функции неговото мени не делува интуитивно и брзо како кај некои од конкурентите, кои за разлика од RAV4 нудат и конекција со Android Auto и Apple CarPlay.

    За габаритите на ентериерот може да се каже дека се во врвот на класата, благодарение на новата TNGA-K која е со поголемо меѓуоскионо растојание од предходната генерација. Покрај стандардната удобност на предните седишта ниту патниците на задната клупа не се лишени од комфорот, бидејќи истата има опција да прими три возрасни лица кои нема да имаат проблем ниту со просторот за колената ниту пак со висината на кровот.

    Бидејќи SUV возилата се омилени кај семејните купувачи не е заборавен ни багажниот дел кој располага со капацитет од минимани 580 литри кога се сите седишта во употреба, а доколку има потреба за транспорт на погабаритни предмети со соборување на задната клупа се добиваат 1.690 литри.

    1 |
    2 | Toyota RAV4
    3 | Toyota RAV4

      Комплицирано, но одлично функционира

      Кога станува збор за моторизацијата кај хибридниот RAV4 објаснувањето оди по следниот распоред: под предниот поклопец работи 2.5-литарски четири цилиндричен бензински двигател со моќ од 177 КС кој дејствува во синергија со еден електромотор задолжен за движење на предните тркала што располага со 120 КС и уште еден електромотор со јачина од 55 КС што ја движи задната осовина.

      Номиналната вредност која ја произведува овој бензински-електро погон по сите пресметки на компанијата изнесува вкупно 222 КС кои според нашето искуство се и повеќе од доволни за возилото тешко 1.700 килограми.

      Енергијата потребна за придвижување на електромоторите се чува во батерии чие надополнување се врши додека работи бензинскиот агрегат и при сопирање преку регенерација на силата на сопирање, со други зборови нема потреба од кабли и приклучување во електричен систем.

      Toyota RAV4

      Како по традиција производителот кај хибридните модели користи безстепена континуирана варијабилна трансмисија (i-CVT) која ја распоредува силата од хибридната моторизација кон сите четири тркала и знае да биде малку побучна кога моторот е под полно оптоварување.

      Бројките велат дека во оваа верзија RAV4 стигнува до 100 km/h за 8,1 секунди, а максималната брзина изнесува 180 km/h. Нормално е кога зборуваме за хибридна конфигурација на агрегати да се наметне и прашањето за потрошувачката на гориво. Имено, производителот декларира дека на хибридниот RAV4 му се потребни помалку од 5 литри во комбиниран циклус на возење.

      Ние, тие вредности не ги постигнеме и за време на тестот успеавме да измериме просечна потрошувачка од 7,8 литри. Секако, доколку сте понежни од нас со педалот за забрзување истата може да биде многу блиску до декларираната.

      Самото возење со ваков тип на двигатели ве тера да размислувате потрезвено во секојдневниот сообраќај обидувајќи се што подолго време да го користите електричниот погон, а помалку бензинскиот агрегат што во исто време резултира и со многу помало ниво на CО2 честички ослободени во атмосферата, во случајов 103 g/km.

      Toyota RAV4

      Возните карактеристики и однесувањето на пат се според очекувањата, автопатот и долгите и брзи свијоци се местата кои му одговараат додека тесните градски улици се повеќе неприродна средина, пред сè поради габаритите, но тука пак хибридниот ситем доаѓа до израз. Моторизацијата и одлично одмереното потирање му дозволуваат на RAV4 да биде забавен ако од него тоа се побара, без разлика дали станува збор за асфалтна подлога или излет во природа, со што неговиот карактер на (R) рекреативно (A) активно (V) возило, доаѓа до полн израз.

      Хибридната верзија на RAV4 не е по мерка на секого, особено на нашите простори каде царуваат дизелите. Но, во Toyota размислуваат поинаку, тие во целост ги исклучија дизелските агрегати од нивните лесни возила кои местото им го отстапија на хибридните единици што само докажува колкава е довербата на компанијата во овие софистицирани склопови чија улога е да бидат преодно скалило до комплетната електрификација на возниот парк.

      Цена на тестиран модел Toyota RAV4 Exclusive AWD Hybrid: 37.490 евра.

      Технички податоци за Toyota RAV4 Exclusive Navi AWD Bi-Tone 2.5 Hybrid

      мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
      работна зафатнина 2.487 cm3
      пречник и од 87,50 x 103,48 mm
      степен на компресија 14,0:1
      напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
      максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 177 KС (132 kW) при 6.000 min/-1
      максимална моќ на преден електро мотор 120 КС (88 kW)
      максимална моќ на заден електро мотор 55 КС (40 kW)
      максимална моќ на хибриден систем 222 КС (165.5 kW)
      макс. вртежен момент 221 Nm при 3.600-5.200 min-1
      макс. вртежен момент на преден електро мотор 202 Nm
      макс. вртежен момент на заден електро мотор 121 Nm
      трансмисија на сите тркала преку E-CVT безстепена автоматски менувач
      потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
      сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
      пневматици 225/60 R18 (напред) 225/60 R18 (позади)
      каросерија SUV со пет врати, пет седишта
      должина х ширина х висина 4.600 x 1.855 x 1.685 mm
      меѓуоскино растојание 2.690 mm
      траги (напред/назад ) 1.610/1.640 mm
      тежина 1.730 kg
      максимална тежина 2.225 kg
      багажник 580 литри
      резервоар 55 литри
      максимална брзина 180 km/h
      забрзување 0-100 km/h 8.1 секунди
      потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,5/4,7/4,6 l/100 km
      емисија на CO2 130 g/km

      Toyota RAV4 во Македонија:

      Toyota RAV4 АWD Dynamic 2.0 Petrol Auto 29.590 евра
      Toyota RAV4 FWD Dynamic 2.5 Hybrid Auto 30.990 евра
      Toyota RAV4 АWD Dynamic 2.5 Hybrid Auto 33.490 евра
      Toyota RAV4 FWD Exclusive Bi-Tone 2.5 Hybrid Auto 34.990 евра
      Toyota RAV4 АWD Lounge 2.5 Hybrid Auto 44.990 евра
      Toyota RAV4 АWD Lounge Premium 2.5 Hybrid Auto 46.990 евра

      Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 3088 880.

      Конкуренти:

      Mazda CX5 oд 28.480 до 42.980 евра
      Honda CR-V oд 32.990 до 41.990 евра
      Nissan X-Trail oд 30.180 до 47.600 евра

      Погледнете ја нашата галерија:

      Поврзани вести

      Back to top button