Тест Volkswagen T-Cross: Освојувач на урбаниот простoр

По големиот успех кој го бележи со гамата на SUV модели, Volkswagen одлучи да заигра и во урбаниот сегмент. Од таа причина во своето портфолио го вклучува најмалиот преставник, моделот T-Cross. Неговите носечки атрибути се истакнуваат преку модерно скроена надворешност , модуларен кабински простор и проверен, економичен механички склоп

Најновата изведба на SUV автомобил од Volkswagen е резервирана за најмалиот модел во гамата. Го носи назиовот T-Cross и се базира на хечбек моделот Polo, но, од него е подолг за 54 мм и повисок за 138 мм. Или во слободен превод, неговите димензии се со приближно иста големина како кај 5-та генерација на Golf, така што тука збор „мал“ треба да се земе со резерва.

Градска алтернатива

Изгледот на екстериерот кокетира со спојување на доста прецизни-германски линии и младешки идеи, сплет кој досега не сме го сретнувале често кај конзервативно, дизајнерски ориентираниот Volkswagen. Затоа на предната страна, T-Cross се определува за затегнати светлосни блокови што навлегуваат во маската на ладилникот и големи браници, со овој потег се обезбедува контрастен акцент и робусна појава.

Во профилот се забележува цврстата карактерна линија која е втисната високо над половината и го истакнува прилично исправениот Ц-столб. Секако, тука се и пластичните облоги окулу тркалата и долниот дел од каросеријата со кои се надополнува приказната за „градски SUV“ автомобил.  Највпечатливиот агол се наоѓа на задниот дел.

Светлосната лента поставена по целата должина што ги спојува задните светла е „must have“ елемент кој трендсетерите ќе го препознаат како задолжителен стајлинг, а инспирацијата ја црпи од премиум моделите во концернот, Audi и Porsche. Ако во целиот комплет ја вклучиме и несекојдневната тиркизна нијанса во која беше обоен тестираниот модел што дополнително влијае на неговиот атрактивен изглед, докажува зошто со T-Cross секогаш бевме во центарот на вниманието.

Максимална модуларност

Кабинскиот простор е организиран на беспрекорен начин, речиси е невозможно да се каже дека и лица со поголеми пропорции неможе да ја пронајдат идеалната позиција за седење и тоа не само на предните две седишта резервирани за возачот и совозачот. Како ретко кој автомобил што е со должина малку над 4 метри T-Cross може да манипулира со просторот во внатрешноста.

Имено, задната клупа преставува волшебно место кое е поставено на надоллжни шини што дозволуваат таа да се придвижува за преку 10 сантиметри. Комбинациите кои можат да се направат со задните седишта директно влијаат на волуменот кој го има багажниот простор.

Неговата изведба, во основната конфигурација располага со солиден основен капацитет од 385 литри, а ако и тоа не е доволно и имате потреба за превоз на долги предмети вториот ред седишта може да се преклопи, со што ќе се добие волумен од максимални 1.281 литри.

Материјалите за изработка се со висок квалитет, на места од потврда компонента, но со загарантирана долговечност. Од дизајнерски агол, забележливи се острите агли на централната конзола која го спојува инфо-дисплејот и инструмент таблата пред возачот, со сјаен декоративен елемент што ја разигрува атмосферата во кабината.

Софистицирана ефикасност

Агрегатот кој го движеше тестираниот примерок во последнава година имавме прилика да го испоробаме во повеќе модели што доаѓаат од групацијата. Станува збор за бензински мотор во конфигурација со три цилиндри и турбо полнач, неговата зафатнина изнесува 999 cm3 и испорачува соодветно подготвени 115 КС достапни на 5.500 врт/мин.

Моделот T-Cross во оваа конфигурација потегнува без потешкотии, за што е одговорна влечната сила од 200 Нм која е на располагање од 2.000 врт/мин до 3.500 врт/мин. Тоа преставува идеална можност за возачите на кои им тече бензин низ вените за забава која нема да ги натера да ги прекршат сообраќајните правила.

Во склоп со веселата моторна единица доаѓа 6 брзинска мануелна трансмисија која одлично го пресликува нејзиниот карактер, исклучителна прецизност и релативно краток од при промена на степените се за пофалба. Забрзувањето до 100 км/ч трае 10.2 секунди е во склад со нормите за класата во која настапува. Максималните 193 км/ч во денешно време не се никаков проблем за агрегат од еднолитарена зафатнина, особено ако автомобилот е изграден од лесни и цврсти материјали.

Економичноста на T-Cross доаѓа до израз кога ќе се земе просекот на потрошувачката, а таа се движеше во зоната под 7 литри за време на нашето неколкудневно дружење. Надворешниот дизајн во себе носи доза на спортски изглед, а за да биде во склоп со него се грижи подвозјето кое е сетирано на начин кој ќе овозможи поагилно однесување на автомобилот, така што T-Cross делува многу софистицирано зад воланот влевајќи голема доза на доверба во секојдневниот, градски режим, а делува уверливо и на патишта кои се преплетени со свиоци како и на отворен пат, каде што до израз доаѓа рафинираноста на потпирањето.

Севкупно земено, T-Cross се наметнува како еден од главните играчи во класата на „градски SUV“ алтернативи. За тоа се заслужни лесното управување и комодитет што го овозможува, како и неговата практична природа што го прави одличен партнер во брзото секојдневие што го живее речиси секое модерно семејство.

T-Cross

Повеќе информации во Porsche Macedonia или на тел. (02) 2626 266

 

Технички податоци за Volkswagen T-Cross Life 1.0 TSI 115 PS:
моторEuro VI d-TEMP, бензин, четиритактен, три-цилиндарски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина999 cm3
пречник и од74.5 x 76.4 mm
степен на компресија10,3:1
напојувањечетири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
максимална моќ115 КС (85 KW) при 5.000 min-1
макс. вртежен момент200 Nm при 2.000-3.500 min-1
трансмисијана предни тркала преку шест-степен рачен менувач
потпирањенапред независен McPherson-oв систем, назад полузависен систем
сопирачкинапред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, ESP
пневматици205/55 R17 напред, 205/55 R17 назад
каросеријакросовер со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина4.108 x 1.760 x 1.584 mm
меѓуоскино растојание2.551 mm
траги (напред/назад)1.526/1.504 mm
тежина1.250 kg
максимална тежина1.730 kg
багажен капацитет358/455 l
резервоар40 l
максимална брзина193 km/h
забрзување 0-100 km/h10,2 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)4,4/5,8/5,4,9/100 km
емисија на CO2113 g/km
Volkswagen T-Cross во Македонија:
Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 9518.406 евра
Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 11519.083 евра
Volkswagen T-Cross Life 1.0 TSI DSG 11523.226 евра
Volkswagen T-Cross Life 1.6 TDI 9524.122 евра
Volkswagen T-Cross Style 1.5 TSI DSG 15026.539 евра
Volkswagen T-Cross Style 1.6 TDI DSG 9528.575 евра
Конкуренција:
Renault Capturод 16.400 до 22.800 евра
Peugeot 2008од 17.190 до 24.780 евра
Citroen C3 Aircrossод 13.990 до 22.190 евра
Seat Aronaод 16.035 до 22.922 евра
Mazda CX3од 19.480 до 32.980 евра
Škoda Kamiqод 15.710 до 23.300 евра

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close