Унапредениот Hyundai i30 N пристигна

Кампањата заврши, а Hyundai официјално го претстави освежениот и унапреден i30 N хот хеч кој пристигнува со N DCT менувачот

Унапредениот Hyundai i30 N пристигна, а јужнокорејскиот производител најавува дека автомобилот сега е подобрен кога станува збор за фокусот на перформансите. Поставен на 19-инчните алуминиумски тркала, како и новите N Light седишта, се намалува тежината на возилото, а со тоа се добива подобра управливост. Како што може да се очекува, i30 N добива и подобри активни безбедносни системи и конективна технологија.

Кога станува збор за каросериските изведби Hyundai не менува ништо, па исто како и претходно, i30 N ќе биде достапен како хечбек и како фастбек опција.

„Од дебито на пазарот во 2017 година, Hyundai N високо перформансните автомобили добија голем број на награди. Возачите кои бараат максимална забава при возењето на патиштата, но и на патеките, сега добиваат уште поширок опсег на перфоманси и дизајнерски карактеристики со новиот i30 N. Особено новиот дизајн, новите тркала и N Light седиштата, како и новиот осумстепен автоматски менувач со двојна спојка, прават Hyundai N искуството да биде уште поспортско и поубедливо од претходно“, вели извршниот потпретседател на Hyundai, Томас Шемера.

Карактеристични промени на екстериерот

Визуелно, i30 N сега го добива N логото интегрирано на капачињата од тркалата, како и нови LED предни светла со дневни светла во форма на буквата V, изменет браник и унапреден дизајн на задниот дел со нови карактеристични LED светла и ниско поставен дифузер, но само за хечбек верзијата.

Hyundai i30 N

Купувачите ќе можат да бираат меѓу седум бои од Performance Blue која е ексклузивна за Hyundai N моделите, потоа Polar White, Engine Red, Sunset Red, Shadow Grey, Dark Knight и Phantom Black. Како стандардни се нудат 18-инчни тркала, додека 19-инчните се дел од Performance пакетот.

Во внатрешноста се наоѓа управувачот со греење, карактеристика која ја имаат и предните седишта, како и нови безбедносни ремени со Performance Blue акценти. Како опција се нудат и N Light седиштата кои се 2,2 килограми полесни од стандардните. Тие се изработени од врвна кожа и Алкантара и се карактеризираат со осветлено N лого на потпирачот за глава. Тука е и 10,25-инчниот екран на допир со сателитска навигација и можност за конектирање со Apple CarPlay и Android Auto и е достапен со најновата верзија на Bluelink.

Напредна технологија

За напојување на освежениот Hyundai i30 N е задолжен 2,0-литарскиот турбо мотор во комбинација со шестстепен мануелен менувач или со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка (N DCT). Како стандарден, i30 N со шестстепениот менувач испорачува 250 КС и 353 Nm максимален вртежен момент, иако Performance пакетот ја зголемува моќноста до 280 КС и 392 Nm максимален вртежен момент.

Во споредба со претходниот модел, освежениот i30 N со Performance пакетот го достигнува спринтот до „стотка“ за 5,9 секунди, односно 0,2 секунди побрзо.

Hyundai i30 N

Новиот N DCT менувач му овозможува на возачот да селектира три нови N Performance функции – N Grin Shift, N Power Shift и N Track Sense Shift. Првиот го зголемува вртежниот момент и ја максимизира респонзивноста на трансмисијата за 20 секунди, додека N Power Shift се вклучува кога автомобилот забрзува со повеќе од 90 проценти гас. Кога станува збор за N Track Sense Shift, тој автоматски препознава кога патните услови се поволни за динамично возење, селектирајќи го вистинското време за менување на брзините.

Кога станува збор за безбедноста, Hyundai на i30 N ги донесе најновите SmartSense технологии, каде на пример асистенцијата за преден судир и избегнување сега е унапреден да вклучува и детектирање на пешаци. Хечбек варијантата со N DCT менувачот сега пристигнува со опцијата за избегнување на судир во слепата точка, како и Rear Cross-Traffic Collision-Avoidance асистенција.

Освежениот Hyundai i30 N ќе се најде во продажба во Европа кон почетокот на 2021 година, а цената ќе биде објавена нешто подоцна.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close