fbpx

VinFast во соработка со Pininfarina го лансираше President

Виетнамската стартап компанија VinFast во соработка со Pininfarina го лансираше President луксузниот SUV за домашниот пазар кој ќе биде ограничен на 500 примероци

Виетнамски VinFast го претстави својот луксузен SUV модел наречен President, кој е плод на соработката со славното италијанско дизајнерско студио Pininfarina. Моделот ќе биде пласиран исклучиво во Виетнам. Цената стартува од 164.335 долари за првите 100 примероци, додека останатите ќе се продаваат по цена од 197.720 долари.

President беше најавен со Lux V8 на минатогодишниот Салон во Женева. Луксузниот SUV се одликува со црна решетка во форма на буквата V. Тука се и тенките предни светла, како и скулптурната хауба со отвор за воздух. На задната страна се наоѓа LED лентата која ја следи V-шемата од предниот дел, како и двојните издувни цевки на двете страни од дискретниот дифузер.

VinFast President е чекор понатаму во соработката помеѓу виетнамската компанија и Pininfarina. Италијанската дизајнерска куќа веќе го разви екстериерот и ентериерот за Lux A2.0 седанот и Lux SA2.0 SUV моделот.

VinFast го нуди President со 18 бои на екстериерот кои можат да бидат избрани во контраст со Gun Metal, Metallic сребрени, златни или бакарни акценти, кои можат да се најдат на двата краја од автомобилот, на вратите, страничните прагови, облогите околу прозорците, покривните решетки и тркалата.

VinFast

Pininfarina беше задолжена и за дизајнот на ентериерот на луксузниот SUV исто така. Во внатрешноста се наоѓа Nappa кожа и дрвен трим, со тоа што може да се избере со различна шема во секој примерок. Исто така, автомобилот добива и 12,3-инчен инфозабавен систем, 7-инчен дигитален инструмент кластер и премиум аудио-систем со 13 звучници. За дополнителен комфор за возачот и за патниците се задолжени седиштата со масажери, греење и вентилација.

Автомобилот се напојува со 6,2-литарскиот V8 мотор на General Motors кој испорачува 420 КС и 624 Nm максимален вртежен момент. Доаѓа во комбинација со осумстепен автоматски менувач и постојан погон на сите четири тркала. President забрзува од нула до „стотка“ за 6,8 секунди и достигнува речиси 300 километри на час максимална брзина.

„President е производствена линија која ја прикажува високата класа и квалитет на VinFast. Исто така е наша афирмација до светот за капацитетите на виетнамското автомобилско производство. Ние сакаме да го посветиме овој прекрасен производ на VinFast за виетнамскиот народ кој има пионерски и силен дух. Ова е исто така причината поради која VinFast произведува само ограничен број од 500 возила со цел да се осигура дека ова ремек-дело ќе биде вредно за својот сопственик“, изјави заменик главниот директор на VinFast, Nguyen Thi Van Anh.

Поврзани вести

Back to top button