fbpx

Volkswagen ги покажа новите Golf GTI, GTD и GTE во пресрет на Женева (видео)

Volkswagen во пресрет на Саемот за автомобили во Женева го откри изгледот на осмата генерација на новите верзии на Golf - GTI, GTD и GTE

Екстериерот на овие модели има неколку клучни карактеристики по кои GTI, GTD и GTE се разликуваат од стандардниот Golf. Напред е стандардната осветлена лента над решетката на ладилникот која содржи црвени детали кои се специфични за GTI. Тоа на сочинува континуираната светлечка лента која се протега на поголемиот дел од предниот дел и веројатно претставува највпечатливата дизајнерска карактеристика. Она што е новина е фактот дека сите три модели ќе пристигнат со осветлена предна решетка која ќе биде стандардна за прв пат досега.

Новите опциони LED светла во големиот браник со саќеста решетка исто така се уникатни и допринесуваат за агресивниот изглед на новиот GTI, како и GTD и GTE. Автомобилот кој беше претставен има нови тркала кои се слични со оние на претходната генерација, но имаат нешто поинаков дизајн на краците. Видливи се и црвените шепи на кочниците. Стандардните алуминиумски тркала пристигнуваат со димензии од 17 инчи, а како опција се нудат 18 и 19-инчни фелни.

Позади се новите LED светла со елегантен дизајн, како и модифицираниот заден спојлер кој се истакнува на задниот дел. Убавиот изглед го дополнува и задниот дифузор кој вклучува двократен завршеток на издувните цевки. Легендарното црвено GTI лого има нов фонт и е преместен од аголот во центарот.

GTI, GTD и GTE пристигнуваат со високо ниво на опременост

Внатрешноста носи повеќе промени бидејќи секој GTI, како и GTD и GTE пристигнува со нов 10-инчен инфозабавен систем позициониран над централната конзола, тука е и дигиталниот инструментален кластер, амбиенталното осветлување со 30 различни бои, а како опција може да се добие и 10,25-инчниот дигитален кластер кој подразбира и навигација интегрирана во централниот екран чувствителен на допир, Travel Assist систем со полуавтономно возење, потоа тука е и системот за автоматско кочење, детекција на пешаците, како и системот Car2X кој на новиот Golf му овозможува да комуницира и да разменува информации со околината. GTD моделот пристигнува со модифициран систем на потпирање со што го прави новиот модел 15 милиметри понизок од претходната генерација. GTI, GTD и GTE пристигнуваат со We Connect кои придонесуваат за „стриминг“ сервиси, Интернет радио и останати онлајн карактеристики.

Golf GTI

Volkswagen ги задржа традиционалните седишта кои содржат црвен конец и црвени украси кои се специфични и ексклузивни за GTI. Од друга страна, моделите GTE и GTD добија сина, односно сива шема на седиштата. Централната конзола е во целост променета и содржи shift-by-wire рачка за DSG автоматскиот менувач и кружно старт/стоп копче кое трепка во црвена боја пред стартување на моторот. Редизајнираниот управувач го содржи новото лого на Volkswagen, како и поголем централен дел и повеќе црвени детали.

Деталите за перформансите ќе бидат откриени во Женева

Како што е случајот и со претходната генерација, новиот GTI го напојува 2,0-литарскиот четирицилиндричен мотор во комбинација со стандардниот шестстепен мануелен или опциониот седумстепен DSG менувач со двојна спојка. Овој мотор е во состојба да испорача 241 КС и 370 Nm максимален вртежен момент. Податоците за забрзувањето не се познати, а нема ниту официјални информации за Golf GTI TCR кој според шпекулациите би требало да има 295 КС.

Следува Golf GTD кој под својата хауба го носи 2,0-литарскиот четирицилиндричен дизел мотор со 200 КС и 400 Nm вртежен момент, што е за 16 КС и 20 Nm повеќе од својот претходник и пристигнува во комбинација со седумстепен DSG менувач со двојна спојка. На крајот, тука е и Golf GTE, односно plug-in хибридната варијанта која доаѓа со 1,4-литарски турбо бензинец и електромотор со вкупно 245 КС и 400 Nm, како и литиум-јонски батерии од 13 kWh и шестстепен DSG менувач со двојна спојка. Од Volkswagen наведуваат дека Golf GTE во електричен режим може да постигне 130 километри на час, како и дека е во состојба да помине околу 60 километри исклучиво на струја.

Новиот GTI пристигнува и со преден Макферсонов и заден мулти-линк систем на потпирање, а доби и нов прилагодлив систем за контрола на шасијата. Овој DCC систем реагира на условите на патот земајќи го предвид управувањето, кочењето и забрзувањето и ги прилагодува амортизерите речиси моментално. Од Volkswagen истакнуваат дека овој нов систем ќе овозможи значително подобар распон меѓу удобноста и спортскиот начин на возење.

Со оглед на тоа дека официјалната премиера на автомбилот е најавена за Саемот во Женева, очекувано, од Volkswagen оставија некои детали и за почетокот на март кога ќе бидат познати деталите кои се однесуваат на перформансите, како и цената на новите Golf GTI, GTD и GTE.

Поврзани вести

Back to top button