Volkswagen објави тизер за освежениот Arteon пред премиерата

Volkswagen ќе го претстави освежениот Arteon на 24 јуни, a најголемата новост е што овој модел ќе добие и своја Shooting Brake верзија

Германскиот производител Volkswagen објави тизер фотографија од цртеж на освежениот Arteon како најава за премиерата на 24 јуни. Интересно, покрај стандардната лимузинска верзија, овој модел ќе добие и своја Shooting Brake (или практично караванска верзија). Ова не треба да претставува изненадување со оглед на побарувачката на оваа каросериска верзија на европскиот пазар. Караванот ќе пристигне заедно со освежениот седан.

Од она што може да се забележи од фотографиите, германскиот производител направи благи корекции на предните светла. Од претходните фотографии можеше да се забележи дека истиот третман ќе го добијат и задните светла. Очигледно е и новото R Line лого кое за прв пат се појави кај Atlas Cross Sport во октомври минатата година. Исто така, поедноставен е и дизајнот на предната маска од ладилникот. Од претходно е познато дека на задниот дел од автомобилот ќе биде поставено името на моделот со нов фонт на букви. Исто така, се очекува и надополнета палета на бои во изборот, како и нови фелни како опција.

Во внатрешноста, освежениот Volkswagen Arteon ќе го добие најновиот инфозабавен систем и веројатнo ќе ги има истите седишта и детали. Возачите ќе имаат помош во вид на нова безбедносна опрема. Тоа важи и за Travel Assist полуавтономниот систем на возење, кој ќе може да го преземе управувањето, забрзувањето и кочењето со автомобилот на долги патувања и ќе функционира до брзина од 210 километри на час.

На врвот на понудата ќе се најде перформансниот Arteon R. Овој модел се очекува да пристигне со 2,0-литарски TSI мотор кој се наоѓа кај Golf R и T-Roc R кој ќе испорачува некаде околу 330 КС. Овој мотор ќе пристигне во комбинација со DSG менувач и 4Motion погон на сите четири тркала.

Volkswagen Arteon R 2021

Од Volkswagen засега нема никакви информации околу Arteon R, па се очекува да дебитира за неколку месеци. Претходно германскиот производител најави дека автомобилот ќе добие и plug-in хибриден погон кој веројатно ќе пристигне со GTE беџ. Во секој случај, повеќе детали ќе дознаеме за неколку недели кога ќе биде официјалната премиера на освежениот Volkswagen Arteon.

Volkswagen Arteon

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close