fbpx

Возевме Opel Corsa: Малата молња удира силно

Шестото поглавје на Corsa, најпродаваниот модел на Opel доаѓа со нови мотори, технологии кои се сретнуваат во повисоките сегменти на автомобили и изглед што кокетира со елеганцијата и спортскиот карактер

zlatno trkalo finalist

Шестата генерација на германскиот супермини ја доживеа својата светска премиера на салонот за автомобили во Франкфурт оваа година, a само два месеци потоа, тимот на Авто Плус доби прилика да се запознае подобро на интернационалната презентација која се одржа во Хрватска.

При првата средба веднаш е забележливо дека новата Corsa ја истакнува динамиката преку својот спортски дизајн, особено во комбинацијата со две бои во новоразвиената GS Line изведба. Кровната линија поседува линија на купе автомобил што допринесува за подобрување на аеродинамиката. Надворешниот изглед кој е со подинамични и спортски линии го преточува тоа чувство во управувањето и потпирањето.

Новата Corsa ја испробавме на делница која започна од Сплит и нѐ водеше покрај прекрасното крајбрежје, но и карпестите планини сè до Шибеник. Управувањето со новата Corsa е подинамично и подиректно, што придонесува за повеќе забава, тоа е постигнато со поставување на возачката позиција пониско со што центарот на гравитација е понизок. Ваквата конфигурација овозможува вистинско уживање на патишта кои изобилуваат со свијоци, а во исто време создаваат чувство на комфор кога се вози на автопат.

Директниот и прецизен управувач, како и изведбата на потпирањето го дополнуваат пријатното чувство што автоматски носи насмевка на лицето. За да се постигнат овие карактеристики, инженерите напорно работеле на намалување на тежината, затоа во споредба со својот претходник, новата Corsa е полесна за околу 10 проценти, или како што домаќините истакнуваат, основниот модел тежи само 980 килограми.

Opel Corsa

Новата генерација на Corsa се фали и со особено економични бензински и дизел мотори. Кај бензинците, главната улога ја игра 1,2 литарскиот агрегат со три цилиндри кој доаѓа во три различни изведби, каде на почетокот е атмосферската верзија со 75 КС, а следни се турбо изведбите со 100 КС и 130 коњски сили. Дизелската верзија е со моќ од 100 КС кои ги испорачува 1,5 литарскиот четири-цилиндарски мотор, опремен со турбополнач. Сите агрегати ги исполнуваат најстрогите еколошки нормативи и се одликуваат со значително помалата потрошувачка во споредба со претходната генерација.

CorsaЗа прв пат, Corsa ќе биде достапна и во целосно електрична варијанта која на пазарите ќе пристигне малку покасно. Во зависност од моќноста на моторот и погонското гориво, менувачките кутии се со пет степени (кај основниот бензинец), шест степениот рачен менувач доаѓа како стандард кај верзиите со 100 КС и 130 КС, а како опција за прв пат е понуден осум-степен автоматски менувач. Дизел изведбата пак, го добива единствено шест-степениот рачен менувач.

Она со што може да се пофали оваа генерација се новите технологии и системи за помош кои обично се среќаваат кај повисоките класи на возила. Вистински белег се прилагодливите IntelliLux LED матрикс светла, што Opel ги нуди за прв пат во сегментот. Покрај тоа, постојат бројни најсовремени системи за помош, како што се предупредување за судир со автоматско сопирање во итни случаи и детектирање на пешаците, како и адаптивна контрола на брзина. Дебитантско преставување кај Corsa има и системот за одржување на возилото во коловозна лента, а сите овие асистенти се грижат времето поминато со Corsa да биде што е можно побезбедно и порелаксирано.

Opel Corsa

Кабината на денешницата не може да се замисли без инфозабавен систем, па затоа во новата Corsa стандардно е вграден 7,0-инчен екран осетлив на допир кој овозможува поврзување со Apple Car Рlay и Android Auto, а како алтернатива се нуди и мултимедијален Navi Pro систем со 10-инчен екран. Покрај тоа, како опција кај Corsa доаѓа новата телематска услуга „Opel Connect“ преку која навигацијата се одвива во живо со информации за сообраќајот во реално време и моменталните цени на горивото, плус директна врска со помошта за дефекти и итни повици.

Креаторите од Руселсхајм подготвија три линии на опрема со различни акценти кои се однесуваат на различни групи на клиенти. Така што, Corsa Edition ги додава најпопуларните додатоци, Corsa Elegance е предвидена за максимална удобност, додека Corsa GS Line цели кон лицата кои ги ценат спортските карактеристики кај автомобилите.

Поврзани вести

Back to top button