World Car Awards ги прогласи сите добитници за 2020 година
Жирито од изборот на World Car Awards ги избра добитниците на наградите за оваа година, меѓу кои се Mazda 3, Porsche Taycan и Kia Telluride како автомобил на годината
Mazda 3 ја освои наградата за Светски автомобилски дизајн за 2020 година во една од посебните категории на WCA и Mazda 3 е вториот модел кој ја освојува оваа престижна награда по Mazda MX-5 во 2016 година. „Пред прифаќањето на оваа награда, Mazda Motor Corporation сака да изрази сочувство на сите оние кои се погодени од коронавирусот. Кога станува збор за наградата, голема чест ни е што можеме да ја примиме наградата за Светски автомобилски дизајн во годината во која одбележуваме еден век од основањето на Mazda. Ќе продолжиме да им нудиме на нашите купувачи уникатни производи, дизајни, технологии и искуства“, изјави Акира Марумото.
Mazda извојува тесна победа, откако жирито ги објави гласовите, па така Mazda 3 за само два поени (179) го победи Porsche Taycan (177), што претставува и најмала разлика меѓу првопласираниот и второпласираниот во било која од категориите. Peugeot 208 го освои третото место со 144 поени.
Kia Telluride е автомобил на годината, Porsche Taycan со две награди
Меѓународното Жири кој ги доделува наградите за 2020 година, додели и награди во уште неколку категории, пред се за автомобил на годината. Ова жири го избра SUV моделот Kia Telluride за најдобар автомобил за 2020 година. „Во Kia ни е навистина голема чест да добиеме ваква награда. Ова е едно од најсилните натпреварувања во светот на автомобилската индустрија и сето тоа сведочи за напорната работа на нашиот тим кој секогаш создава посакувани, квалитетни и практични автомобили“, изјави Томас Шемера, извршниот потпретседател на Kia.
Кога станува збор за останатите категории, Porsche Taycan ги освои наградите за светски луксузен автомобил и светски перформансен автомобил. Taycan ги победи Porsche 911 и Mercedes-Benz EQC во првата група, додека во втората група повторно беше на мегдан со Porsche 911, но и со Toyota Supra. Kia исто така освои уште една награда, благодарение на Soul EV кој е светски урбан автомобил, а за оваа награда ги победи Volkswagen T-Cross и Mini Cooper SE Electric.