Nissan ја претстави целосно новата Micra EV
Новата Nissan Micra пристигнува во 2025 како електричен хечбек со домет до 408 км, модерен дизајн и две батериски опции за урбана мобилност

Иако SUV моделите доминираат на европскиот пазар, Nissan не се откажува од компактните хечбек возила. Со лансирањето на шестата генерација на Micra, овој модел преминува во целосно електрично возило, развиено на заедничката платформа со Renault 5 E-Tech, но со целосно автентичен Nissan дизајн и карактер.
Европски дизајн со карактер
Новата Micra е дизајнирана во Nissan Design Europe студиото во Лондон, специјално за европски купувачи. Моделот се истакнува со големи кружни LED светла, и спрема изгледот потсетува на ретро футуристички концепти, како што е Smart Forspeed од 2011 година. Кога се отклучува, предните светла “намигнуваат” – мал, но ефектен детаљ.
Иако останува хечбек, Micra позајмува SUV естетика со црна пластична облога околу браниците и крилата, и 18-инчни тркала достапни во повеќе дизајни. На располагање се 14 бои на каросеријата, со опции за двобојна комбинација со црн или сив покрив.
Компактна, но пространа
Micra останува верна на компактниот формат, долга под 4 метри, со меѓуоскино растојание од 2,54 метри, и петсед конфигурација. Багажникот нуди 326 литри простор – доволно за секојдневните потреби во градот.
Електрична платформа и две варијанти
Новиот модел е изграден на AmpR Small (CMF-BEV) платформата, и ќе се нуди во две електрични варијанти. Основната верзија располага со 121 КС и 40 kWh батерија при што опсегот на движење според WLTP циклусот изнесува до 308 километри. Од друга страна, помоќната верзија доаѓа со 148 КС моќност и поголема батерија со капацитет од 52 kWh што овозможува опсег до 408 километри.
Поголемата батерија поддржува DC брзо полнење до 100 kW, овозможувајќи полнење од 15% до 80% за само 30 минути. Обете верзии имаат Vehicle-to-Load (V2L) функција за напојување надворешни уреди, топлинска пумпа, и систем за загревање и ладење на батеријата.
Nissan тврди дека Micra нуди најдобро управување во класата, благодарение на низок центар на гравитација, брз управувач, и мултилинк задна оска. Тежината варира од 1.400 до 1.524 кг, што овозможува агилна и прецизна динамика, иако слично тврдење имаше и Renault за R5 E-Tech.
Лансирање и позиционирање
Новата електрична Micra ќе пристигне во европските салони до крајот на 2025 година, но цената сè уште не е официјално потврдена. Се очекува да биде поскапа од Renault 5 E-Tech, кој започнува од околу 25.000 евра, бидејќи Micra е позиционирана како премиум избор во понудата на Nissan.
Во иднина, Micra ќе биде придружена од други електрични модели, како што се новата електрична Juke и кросоверот Leaf.