Тест Nissan Juke: Коктел од вистински состојки
Стајлингот на оригиналниот Nissan Juke му ја донесе популарноста која го вивна во автомобилските височни. Во второто издание компанијата ја задржа индивидуалноста на дизајнот, го направи далеку попрактичен и пософистициран, сè со цел да се допадне на пошироката публика која во последните неколку години едноставно е опседната со кросовер и SUV возила
Од своето деби во 2010 година, Nissan Juke забележа продажбата од над 1,5 милиони единици на глобално ниво. Јапонскиот производител на автомобили тврди дека токму со овој модел започнал сегментот на компактни кросовери. Во последно време конкуренцијата е сè поприсутна и напаѓа од сите страни, а новиот Nissan Juke спакуван со многу подобрувања стои исправен и подготвен за нови пазарни битки со новите преставници во сегментот.
Индивидуалноста на прво место
Стајлингот на оригиналниот Nissan Juke со сигурност делуваше доста поларизирачки, на одреден дел од публиката и изгледаше како револуционерна и модерна интерпретација на автомобилскиот дизајн, додека во спротивниот табор сметаа дека станува збор за карикатура со несинхронизиран стилски израз. Како и да се земе, критиките не направија никаква штета на успехот кој го постигна Juke, впрочем, бројката од 1,5 милиони продадени примероци кажува доволно за неговата популарност. Дизајнерите во Nissan точно знаеја која е појдовната точка и дека во случајов главна работа е да се задржи индивидуалноста на дизајнот. Од тука, новата, свежо дизајнирана надворешност на оваа втора генерација, треба да го направи Juke уште попопуларен.
Новите LED дневни светла работат добро со обликот на „V-motion“ решетката со што се потенцира присуството на автомобилот. Страничната силуета го следи предходникот и продолжува со купеовска линија која остро оди кон задниот дел од автомобилот, каде што пак високо поставените набабрувања на каросеријата, обликувани над тркалата го имаат главниот збор на крајот од автомобилот. Сè вкупно, новата надворешност со сигурност делува како продолжение на првичната интерпретација, но со многу пософистициран пристап кон обликувањето кој сепак нема изгубено ни трошка од индивидуалноста.
Раст на вистинските места
Новата генерација на моделот Juke е поставена на нова платформа која на малиот кросовер модел му носи поголеми габарити во секоја насока. Сега тој е поширок за 29 мм, додека сèвкупната должина е зголемена за 75 мм. Што е уште поважно, меѓуоскиното растојание е продолжено за цели 105 мм. Со овој потег конечно е добиен соодветен простор за патниците на задната клупа, која инаку често беше цел за незадоволство кај неговиот предходник. Исто така е повисок за 13 мм, со што е овозможено да има повеќе простор, повторно, особено на задната клупа. На практичниот фронт капацитетот на багажникот, кој исто така беше една од критикуваните точки на предходната генерација е комплетно елиминиран, сега Juke може да се пофали со габарит од 422 литри, што е меѓу најголемите во класата. Преклопете ги задните седишта и волуменот расте до максимални 1.305 литри кои можат да послужат и за транспорт на покабасти предмети.
Исто толку важно како и растот на вистинските места е и подобрувањето на квалитетот на материјалите и изгледот на кабината. Нашето време го поминавме во изведбата N-Connecta во чија што кабина е забележлив висок квалитет на материјалите кои се користени. Амбиенталното осветлување суптилно се меша со блесоците од високо сјајниот пијано финиш на средишната конзола и околу селекторот на менувачот, со што атмосферата во внатрешноста се подига на повисоко ниво. Седиштата од програмата „Monoform“ се грижат да го донесат познатиот спортски дух на компанијата, кои освен што изгледаат одлично, обезбедуваат и добра поддршка на телото во сите правци.
Поврзаноста е јасен фокус на Juke, па Nissan го создаде овој автомобил да овозможува највисоко ниво на конекција досега. Така, покрај вообичаената поврзаност во форма на Apple CarPlay и Android Auto, исто така и поседува и голем број на функции контролирани од апликации преку кои ве информира постојано за статусот на автомобилот.
Еден агрегат, две менувачки опции
Кога станува збор за моторните опции кај новата генерација на Juke сè што треба да направите при изборот е само да одлучите дали сакате да имате шестстепен мануелен или седумстепен автоматски менувач. Достапен е само еден бензински агрегат со три цилиндри подпомогнат од турбополнач. Неговата зафатнина изнесува 999 см3 и испорачува 117 КС, а што е уште поважно, поседува 200 Nm влечна сила која е на располагање од релативно ниски 1.750 врт/мин. Овој агрегат е одлично прилагоден на Juke, обезбедувајќи повеќе од доволно моќ за да го движи автомобилот со вистинско темпо. Работи непречено и не звучи толку грубо како што тоа го прават некои мотори со три цилиндри кај конкурентите.
Перформансите се во рамките на класата, забрзувањето до 100 км/ч трае 10,4 секунди, а стрелката своето патување по брзиномерот го завршува на максимални 180 км/ч. Потрошувачката за време на тестот се движеше во зоната од 8,5 литри на 100 изминати километри, што е повеќе од декларираното, но и условите на возење беа далеку од идеални( снег на 1 Април). Изборот за режими на возење суптилно делува врз карактеристиките во возењето, затоа по почетното играње со прекинувачот веројатно нема да чувствувате поголема потреба константно да го користите, затоа оставете го стандардниот мод и едноставно уживајте во возeњето. Седумстепената автоматска трансмисија со двојна спојка со која беше опремен тестираниот примерок одговара во целост со карактерот на автомобилот. Лесно се снаоѓа и делува пријатно во градски услови, воедно обезбедува удобно крстарење кога со Juke се вози на отворен пат.
Квалитетот на возењето е едно од најдобрите, одговорните лица во Nissan се погрижиле да добијат вистинската рамнотежа помеѓу удобноста и контролата, дозволувајќи им на оние што сакаат да возат со малку повеќе ентузијазам да не се чувствуваат иземени од процесот. Дури и при поголема брзина, бучавата од патот и ветерот се добро пригушени.
Коктелот од кој е составен дополнително треба да го подигне потенцијалот што го поседува Juke, далеку позрел, но и позабавен од преходно, полн со шарм кој нескриено го истакнува во секоја прилика. Хит моделот на Nissan повторно цели високо на топ листите.
Цена на тестираниот модел 25.440 евра.
Технички податоци за: Nissan Juke 1.0 DiG-T DCT N-Connecta
мотор | Euro VI d-TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 999 см3 |
пречник и од | 72.2 x 81.3 мм |
степен на компресија | 10.51:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 117 KС (86 kW) при 5.250 min/-1 |
макс. вртежен момент | 200 Nm при 1.750-3.750 min-1 |
трансмисија | на предни тркала преку 7-степен автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 215/60 R17 |
каросерија | кросовер со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.210 x 1.800 x 1.595 мм |
меѓуоскино растојание | 2.636 мм |
траги (напред/назад) | 1.561/1.555 мм |
тежина | 1.182 кг |
максимална тежина | 1.725 кг |
багажен капацитет | 422 литри |
резервоар | 46 литри |
максимална брзина | 180 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 10,4 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,5/5,7/4,9 л/100 км |
емисија на CO2 | 110 гр/км |
Nissan Juke во Македонија
Nissan Juke Visia 1.0 DiG-T | 18.900 евра |
Nissan Juke Acenta 1.0 DiG-T | 20.650 евра |
Nissan Juke Acenta 1.0 DiG-T DCT | 22.240 евра |
Nissan Juke N-Connecta 1.0 DiG-T | 22.500 евра |
Nissan Juke Tekna 1.0 DiG-T | 24.500 евра |
Nissan Juke Tekna 1.0 DiG-T DCT | 26.090 евра |
Nissan Juke N-Design 1.0 DiG-T | 24.500 евра |
Nissan Juke N-Design 1.0 DiG-T DCT | 26.090 евра |
Конкуренти
Citroen C3 Aircross | од 13.990 до 22.190 евра |
Renault Captur | од 15.990 до 25.340 евра |
Peugeot 2008 | од 18.150 до 30.660 евра |
Seat Arona | од 16.035 до 22.922 евра |
Volkswagen T-Cross | од 18.406 до 28.575 евра |
Повеќе информации во Аутомотив Груп или на тел. (02) 51 11 130.