Новиот Mercedes-Benz GLB пристигна во Македонија
Новиот компактен SUV на Mercedes-Benz, моделот GLB, пристигна во нашата земја, односно во продажно-изложбениот салон на Мак Ауто Стар
Новиот компактен SUV на германскиот премиум производител Mercedes-Benz, моделот GLB, сега е достапен и присутен во нашата држава. Новиот GLB го забележавме во продажниот салон на Мак Ауто Стар. Mercedes GLB е првиот модел во својот сегмент кој е достапен со седум седишта и претставува простран семеен автомобил. GLB е поставен меѓу моделите GLA и GLC. Новиот Mercedes-Benz е достапен во повеќе изведби и тоа GLB 200 и GLB 250 4Matic кога станува збор за бензинските верзии. Кај дизелите се достапни GLB 180d, GLB 200d, GLB 220d 4Matic и GLB 200d 4Matic. Токму последниот „гордо позираше“ пред нашиот објектив.
Како што напоменавме, Mercedes-Benz GLB е првиот SUV модел на германскиот производител кој нуди дополнителни две седишта. Во третиот ред се наоѓаат неколку корисни додатоци, како што се држачи за чаши, прегради за оставање, USB приклучоци. Седиштата може да се спуштат и да бидат на исто ниво како и подот на багажникот, со што се добива поголем багажен простор. Кога станува збор за димензиите, Mercedes-Benz GLB има должина од 4.634 милиметри, широк е 1.834, а висок е 1.658 милиметри. Меѓуоскиното растојание е 2.829 милиметри, односно околу 10 сантиметри повеќе од моделот B-Класа.
GLB се истакнува и со беспрекорната внатрешност, каде има изобилие на хромирани детали, кружни вентилациски отвори и алуминиумски контролен панел за клима-уредот. Особено се истакнува и едноделната инструмент табла и централниот екран кои се со големина од по 7 инчи. Новиот GLB во себе го содржи и MBUX инфозабавниот систем кој овозможува конективност со Apple CarPlay и Android Auto. Опременоста на новиот GLB е на навистина високо ниво и се одликува со подобрена камера и радарски системи, потоа Active Distance системот, потоа Active Lane Change Assist за промена на коловозната лента, активниот систем за паркирање заедно со Parktronic. 4Matic системот овозможува постојан погон на сите четири тркала, но и променлива дистрибуција на вртежниот момент. Спортската конфигурација му овозможува на возачот да ја користи опцијата Dynamic Select за три различни режими на возење.
Кога станува збор за конкретниот примерок кој го забележавме во продажниот салон на Мак Ауто Стар, треба да се напомене дека се напојува со 2,0-литарски четирицилиндричен дизел мотор кој испорачува 150 КС и 320 Nm максимален вртежен момент. Погонот се пренесува на сите четири тркала благодарение на осумстепениот автоматски DCT менувач.
За повеќе информации можете да се обратите во продажниот салон на Мак Ауто Стар. Истиот работи во адекватни услови со почитување на сите протоколи во согласност со здравствените околности во нашата држава. Во меѓувреме, слободно уживајте во фотографиите кои ви ги овозможуваме.