Произведен првиот Aston Martin DB5 по цели 55 години
Aston Martin во далечната 1965 година стави крај на производството на моделот DB5, а 55 години подоцна автомобилот повторно се произведува
Aston Martin DB5 е легендарен модел кој по 55 години повторно влезе во производство со истиот дизајн, но и голем број „гаџети“ на британскиот таен агент Џејмс Бонд како додатоци во возилото. Овој автомобил стана препознатлив благодарение на филмовите за тајниот агент 007 и филмот Goldfinger од 1964 година, кога во главната улога се најде легендарниот Шон Конери.
„Новиот“ Aston Martin DB 5 чини 2,75 милиони фунти без данок. Автомобилот ја има истата сребрена боја како и оригиналот, а за неговото производство се потрошени 4.500 работни часа. Како што напоменавме, автомобилот ги има сите играчки со кои можеше да ракува Џејмс Бонд во култниот филм, како што се лажните митролези, па се до функционалниот систем за испуштање на час. Исто така, на страната на совозачот се наоѓа панел кој може да се отстрани и достапен е како опција. Регистарските таблички можат да се свртат, односно тргнат, а овој систем нуди три различни опции. Тука се и некои нефункционални делови од арсеналот на Бонд.
„DB5 без дилеми е најпознатиот автомобил на светот благодарение на над 50-годишната асоцијација со Џејмс Бонд. Да го видите првиот автомобил подготвен и да сфатите дека ова е првиот нов DB5 кој сме го направиле по повеќе од половина век навистина е специјален момент“, изјави Марек Рајхман, извршниот директор на Aston Martin Lagonda.
Aston Martin во автомобилот вгради и задно непробојно стакло. Во внатрешноста се наоѓа имитација на екран од радар и телефон поставен на вратата на возачот. Под седиштето се наоѓа преграда за оружје. Овој Aston Martin DB5 има оригинален дизајн со панели на каросеријата од алуминиум и шасија од челик.
Автомобилот се напојува со атмосферски 4,0-литарски шестцилиндричен мотор кој испорачува 290 КС. Моќноста се испорачува на задните тркала благодарение на петстепениот ZF мануелен менувач и механичкиот диференцијал со ограничено пролизгување.
Испораката до купувачите веќе е започната и ќе продолжи оваа година. Производството е ограничено на само 25 примероци.