Регулаторната комисија ги поевтинува горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажната цена на горивата во нашата земја
Во согласност со нивната методологија за пресметка на цените, Регулаторната комисија за енергетика се одлучи да ги поевтини малопродажните цени на горивата во нашата земја. Новите цени стапуваат на сила од вечерва на полноќ.
Имено, според последната одлука на РКЕ, бензините поевтинуваат за половина денар, додека дизелот ќе се точи за 1,50 денари помалку во однос на минатата недела. Со тоа, малопродажната цена за нафтените деривати се намалува во просек за 1,73 проценти во однос на претходно.
Така, од ноќеска на полноќ литар Еуросупер БС-95 ќе точиме за 59,50 денари, Еуросупер БС-98 ќе чини 61,50 денари по литар гориво, додека пак еден литар Еуродизел ќе се продава по цена од 50,50 денари.
Од Регулаторната комисија истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат намалување на бензинот за 3,103%, односно 5,626% за дизелот. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,64 проценти.