Бензините поевтинуваат, дизелот останува непроменет
Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за малопродажната цена на горивата во нашата земја, со што бензините поевтинуваат, а дизелот останува ист
Со новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за утврдување на малопродажните цени на горивата во нашата земја, од вечерва на полноќ стапуваат нови цени со што бензините поевтинуваат, додека дизелот останува непроменет. Според оваа одлука се прави поевтинување во просек од 0,41 процент во однос на цените кои беа утврдени минатата недела.
Така, малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 доживуваат намалување на цената за половина денар од литар гориво во однос на минатата недела. Тоа значи дека од ноќеска на полноќ литар гориво Еуросупер БС-95 ќе се точи по цена од 59 денари за литар, односно 61 денар за литар гориво Еуросупер БС-98.
За разлика од бензините, малопродажната цена на Еуродизел не се менува, односно останува на истото ниво како и минатата недела, а тоа е 50,50 денари за литар гориво.
Од Регулаторната комисија истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи бележат намалување кај бензинот за 2,515%, додека кај дизелот има зголемување за 0,074%.