Објавени финалистите за Car of the Year 2021
Откако претходно беше објавена листата на 29 кандидати кои ќе се натпреваруваат за European Car of the Year 2021, сега се познати финалистите
Седум автомобили ќе излезат на мегдан пред специјалното жири и ќе се борат за престижната награда Car of the Year за 2021 година. Откако првично беше објавена листата од 29 кандидати, сега ги имаме и финалистите кои ќе се борат да ги добијат гласовите од жирито кое брои околу 60 учесници.
Кандидати за престижната Car of the Year се Citroen C4, Cupra Formentor, Fiat 500, Land Rover Defender, Škoda Octavia, Toyota Yaris и Volkswagen ID.3.
Како што веќе напоменавме, седумте финалисти се избрани од листата на 29 автомобили, а со цел да бидат во можност да дојдат до наградата, сите тие мораа да се најдат во продажба во барем пет европски земји пред крајот на 2020 година. Автомобилите кои не успеаја да го минат последниот филтер се Audi A3, BMW Серија 2 Gran Coupe, Серија 4, Dacia Sandero, Ford Explorer и Kuga, Honda Е и Jazz, Hyundai i10, i20, Tucson, Kia Sorento, Mazda MX-30, Mercedes-Benz GLA, GLB, GLS и S Класа, Peugeot 2008, Polestar 2, Seat Leon, Toyota Mirai и Volkswagen Golf.
Иако победникот традиционално се прогласува во пресрет на Салонот за автомобили во Женева, изданието на Car of the Year за 2021 ќе се одржи во виртуелно онлајн издание закажано за 1 март.
Европската Car of the Year награда е создадена во 1964 година, а прв победник е Rover 2000, a минатата година златниот медал му припадна на Peugeot 208.