Цените на горивата се намалуваат, дополнителната акциза укината
Регулаторната комисија за енергетика донесе вонредна одлука за намалување на малопродажните цени на горивата од вечерва на полноќ
Најновата, вонредна одлука на Регулаторната комисија за енергетика предвидува намалување на малопродажните цени на горивата во нашата земја. Причина за сето ова е укинување на дополнителната акциза на горивата која беше воведена како мерка во вонредната состојба, со што од вечерва на полноќ цените на нафтените деривати ќе поевтинат за 2 денари.
Според сето ова, од вечерва на полноќ Еуросупер БС-95 од вечерва ќе се точи за 61 денар, Еуросупер БС-98 ќе чини 63 денари по литар гориво, додека пак Еуродизелот ќе се продава по 52,50 денари по литар.
Од РКЕ истакнуваат дека усогласувањето на новите цени на горивата доаѓа со одлука откако престанува да важи Уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите во време на вонредна состојба, со што практично од вечерва на полноќ на сила стапува Законот за акцизи. Со ова практично се укинува дополнителната акциза, а тоа доведува и до поевтини цени на горивата, по серијата поскапувања во изминатиот период.
„Овие цени ќе важат, се до донесување на нова одлука. Како што знаете, РКЕ секој понеделник носи одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт. Доколку во меѓувреме Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акциза во кои се вметнати одредбите од Уредбта, РКЕ ќе закаже седница и ќе изврши
соодветно усогласување на одлуката“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија.