РКЕ одново ги поскапува горивата

Со својата најнова одлука, Регулаторната комисија за енергетика од ноќеска на полноќ одново ќе ги зголеми цените на нафтените деривати

РКЕ одлучи повторно да ги поскапи малопродажните цени на горивата во нашата земја. Со најновата одлука на Регулаторна, цените на нафтените деривати во Македонија од ноќеска на полноќ ќе се зголемат во просек за 2,53 проценти во однос на цените кои беа утврдени со одлуката минатата недела.

Според ова, малопродажните цени на бензинот Еуросупер БС-95 и Еуродизелот од ноќеска на полноќ ќе бидат за еден денар поскапи од претходно, додека пак Еуросупер БС-98 ќе се продава за 1,50 денари повеќе од минатата недела. Ова значи дека малопродажната цена на Еуросупер БС-95 изнесува 63 денари по литар, Еуросупер БС-98 ќе се продава по 65 денари, додека Еуродизел ќе се точи по цена од 54,50 денари по литар.

Од РКЕ истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи бележат зголемување кај бензинот за 5,708%, а кај дизелот за 4,285%.

Охрабрувачката имунизација со вакцините против КОВИД 19 и ефектите од договорот на ОПЕК за ограничување на производството во следните месеци се клучните причини поради кои минатата недела берзанските цени на сите нафтени деривати се зголемија – и тоа е едниот фактор кој влијае директно врз денешната одлука. Вториот фактор е зголемувањето на курсот на денарот во однос на доларот. По двомесечен постојан пад, за прв пат се регистрира
зголемување на курсот на денарот во однос на доларот и просекот на истиот е за околу 0,845% повисок од просекот на курсот по кој беа формирани цените со претходната пресметка“, објасни првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимоски

Поврзани вести

Back to top button