Нова недела, нови поскапувања на горивата
Малопродажните цени на горивата во нашата земја го задржуваат трендот на раст, а таков е случајот и со најновата одлука на Регулаторната комисија
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука за малопродажната цена на горивата, а истата значи и ново зголемување. Овој пат цените на нафтените деривати во нашата земја се зголемуваат за 1,95 проценти во однос на претходната одлука која беше донесена минатата недела.
Според најновата одлука, малопродажните цени на бензинот Еуросупер БС-95 и Еуродизелот се зголемуваат за еден денар, додека кај бензинот Еуросупер БС-98 поскапувањето е за денар и половина.
Ова значи дека од ноќеска на полноќ, па се до следниот понеделник Еуросупер БС-95 ќе се точи по цена од 65,50 денари по литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 67,50 денари, додека Еуродизел ќе се продава по цена од 56 денари по литар гориво.
За најновото поскапување на горивата, од Регулаторна истакнуваат:
„Одлуката на РКЕ следува по минатонеделниот растечки тренд на цените на нафтата на светските берзи кои пораснаа на највисоко ниво откога е почната пандемијата, а тоа се должи пред се на забрзаниот пад на глобалните залихи, зголемувањето на побарувачката од нафта, како и зголемениот оптимизам за завршување на пандемијата преку имунизација“ изјави Марко
Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.