Stellantis го презеде тронот од Volkswagen во Европа
Групацијата Stellantis има одличен почеток по официјалното основање оваа година и успева да се искачи на тронот според продажбата во Европа
Новоформираната групација Stellantis, која настана со спојувањето на FCA и PSA, во моментов е најголемиот производител во Европа кога станува збор за бројот на продажбите во првите два месеци од годината, со што ја симна Volkswagen групацијата од врвот.
Според податоците од Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA), Stellantis успеал да испорача вкупно 480.888 автомобили и лесни комерцијални возила во 30 европски земји. Наспроти тоа, Volkswagen групацијата продала 452.400 возила од сите свои брендови, со што Stellantis е во предност со околу 28.500 повеќе продадени возила во јануари и февруари годинава.
Треба да се напомене дека кога станува збор само за патничките возила, Volkswagen групацијата ја задржува лидерската позиција. Со 419.855 продадени автомобили, VAG има предност пред Stellantis, кој успеал да продаде 377.244 патнички возила за време на истиот период. Со други зборови, Stellantis продал 103.644 лесни комерцијални возила кои беа доволни за да се компензира помалиот број на патнички автомобили за да го преземе врвот.
Најголем удел во одличните резултати на Stellantis е брендот Peugeot. Во февруари, француската марка ги имала двата најпродавани модели на Стариот континент, а прв е Peugeot 208 со 18.351 продажби, а веднаш по него е кросоверот 2008 со 16.845 продадени единици. Volkswagen Golf e трет, а по него следуваат Renault Clio и Toyota Yaris.
Ако се погледне 2020 година, Volkswagen групацијата имаше лесна победа над своите конкуренти со 3,23 милиони продадени патнички и лесни комерцијални возила. Заедничката продажба на PSA и FCA изнесува околу 3,03 милиони, но се чини дека 2021 ќе биде подобра со лансирањето на Stellantis како нов производител.