Цените на горивата повторно се зголемуваат
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се поскапуваат малопродажните цени на горивата во нашата земја од ноќеска на полноќ
По минатонеделното минимално и делумно поевтинување на бензините, Регулаторната комисија за енергетика со својата најнова одлука ќе ги поскапи цените на горивата во нашата земја. Промената на цените не се однесува на сите горива и истото повторно ќе биде минимално, односно 0,92 проценти повеќе во однос на оние цени кои важеа изминатата недела.
Во согласност со тоа и со методологијата за утврдување на цените, од ноќеска на полноќ поскапуваат бензинот Еуросупер БС-95 и Еуродизелот за половина денар, додека бензинот Еуросупер БС-98 останува на исто ниво како и претходната недела.
Според ова, од ноќеска на полноќ, па се до следниот понеделник, Еуросупер БС-95 ќе се точи за 67,50 денари, Еуросупер БС-98 си останува на 69 денари, додека Еуродизелот ќе се продава по цена од 58,50 денари по литар гориво.
Од Регулаторната комисија истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на горивата на светските берзи во просек бележат зголемување кај бензинот за 2,391%, а кај дизелот за 3,787%.